Заев. Република муртинска Македонија

955

Знам дека по сè ова, драг читателу, ти ме прашуваш, зошто мојот предлог да не гласи: Александар Македонски. Република Македонија Пела. Па зарем не сфати. Повторувам: затоа што човекот од Муртино го надмина со слава човекот од Пела. За Гоце Делчев и за Јане Сандански и да не зборуваме. За нив никој не чул ни во Тирана, а камоли во Брисел, Лондон и во Вашингтон

Конечно му самна на македонскиот народ. Го доби своето ново ерга омнес име во Софија: Република илинденска Македонија. Задоволни, презадоволни се нашиот премиер, Ципрас, Бугарите. Историско решение, кое, рака на срце, сепак завлегува длабоко во подрачјето на глупоста на која Крлежа ѝ признава метафизички квалитет. Од решението кај нас, не народот туку една група грантовски новинари се израдува. Него еден од нив вехементно го поздрави премиерот за тоа дека ја одбранил честа на „столченото племе“ (Б. Конески), успевајќи притоа со новото име да му го одбрани и идентитетот. Што, пак, значи дека со лукавите Данајци „лицем светци, срцем волци“ (Прличев) успеале целосно да го приграбат името Македонија само за себе. Тезата на тој новинар е фрлена во оптек од целосно незнаење на тоа што се Име и идентитет. А тоа и таквото незнаење води и до тоа да не знаеш ни зошто си се родил, кога не знаеш што значи ни твоето лично ни името на твојот колектив. Еден друг од тоа чудно „интелектуално“ семејство, пак, со предлогот на Заев доживеа катарза, ослободувајќи се, како што самиот вели, од тој „кретенски идентитет“. Притоа тој не знае дека психолошката болест од која боледува е посебен тип шизофренија што го вклучува во себе синдромот автопроекција.

Со други зборови, проектирање на својот психолошки дефект на друг, наместо истиот тој, како што препорачува виенскиот психијатар, да се сублимира, односно трансцендира во нешто убаво и позитивно: од омраза во љубов, од ситнодушност во великодушност. Конкретно, она што го поседуваш кретенско во потсвеста да се обидеш да го искачиш во свеста, а оттука во натсвеста, според Јунг трансцендентниот горен кат на психата во кој човекот повторно се обожествува. Тоа далеку пред Јунг го знаеше и нашиот Климент Охридски, кој препорачуваше дека главната задача на човекот е постојано да се искачува од анималното кон божественото.
Туку, драг читателу, да си признаам, јас воопшто не сум воодушевен од нашето ново софиско име. Глупаво е, многу глупаво. Наместо него, јас, а на тоа имам легитимно право, истакнувам друг предлог и него ќе го доставам до Владата, парламентот, но и до сите наши значајни институции, во прв ред до МАНУ, а потоа и до незаобиколните универзитетски постмодернистички интелектуалци. Се разбира, доколку се разбудиле од својот хибернизиран нарцистички сон. А предлогот ќе го проследам и до Брисел и Вашингтон и Лондон, англоамериканската алијанса. Се надевам дека таа нема за нас да биде повторно алијанса на злото, како тогаш во далечната 1948-ма, кога ги чистеше Македонците од монархофашистичка Грција и ги бомбардираше со напалм-бомби македонските деца, до пеленачиња, на Грамос и Вичо. Не сме го заборавиле тој фашистички акт.

Но, гледам, прашуваш нестрпливо, драг читателу, кој е мојот предлог за нашето ново геноцидно име. Па, не го гледаш ли во насловот на оваа наша колумна: Заев. Република муртинска Македонија. Прашуваш: Зошто? Затоа што тоа име главно се потпира на името на нашиот многупочитуван премиер и на неговото родно место Муртино, кое откако тој ја освои власта не е веќе смуртено, туку оклештено и весело. Предлогот е добар, затоа што Заев е еден од неколкуте најдобри политички рокери во Европа, па може да се каже и пошироко, во светот. Нобеловецот Боб Дилан може да му носи вода, па дури и Трамп. Не се сомневам дека Американците може наскоро да ни го киднапираат за нивен претседател, а нам како компензација да ни го дадат нивниот. Единствено сега засега некој сантиметар во авторитетот над него стои Путин. Но не се знае до кога.

А зошто во новото име на мојот предлог е цврсто вглобено и Муртино? Логично, затоа што тоа едноставно е родното место на нашиот славен премиер, иако истото тоа по неговиот софиски предлог се чувствува крајно навредено и збунето, до степен да се самопрашува и зошто, за која цел го родило него. Сепак, според моето мислење, тоа не е во право, и е погрешна таа негова хамлетовска дилема. Та зарем тоа со Заев не ја надмина славата на најславниот македонски топоним Пела, кој го роди Александар Трети Македонски, кого ДПМНЕ (акронимот ВМРО не го заслужува) го обезимени на плоштадот како Воин на коњ. Александар Македонски, кој ги таманеше сиротите Грци во свое време, а сега тие психопатски мазохисти, го обожаваат и веќе им е помило да се викаат Македонци отколку Грци. Така. Па, и психоанализата на Фројд и на Јунг тврдеше со сигурност дека покрај индивидуална постои и колективна патологија. Кај неколку наши соседи тој тип патологија во однос на нас е посебно присутен во нивната параноидна душа.

Да. Но знам дека по сè ова, драг читателу, ти ме прашуваш, зошто мојот предлог да не гласи: Александар Македонски. Република Македонија Пела. Па зарем не сфати. Повторувам: затоа што човекот од Муртино го надмина со слава човекот од Пела. За Гоце Делчев и за Јане Сандански и да не зборуваме. За нив никој не чул ни во Тирана, а камоли во Брисел, Лондон и во Вашингтон. А дека Заев всушност и самиот се потруди да се искачи над до него најпрославениот Македонец, а со тоа истовремено да го искачи родното Муртино над Пела, говори и фактот што лично, без никого да праша, тој го преименува аеродромот во Скопје и автопатот кон Грција. Потоа вандалски ја отстрани и скулптурата на Александар Македонски, фрлајќи ја за подбив во цивилизацискиот контејнер на неговата влада. Сега се чека уште на ликвидација и на монументалниот Воин на коњ. Велат дека за таа цел е донесен некој кран од добрососедска Бугарија.

И сè така по ред. И тоа се вика Постоење. Судбина. На „столченото племе“, како што би рекол Блаже Конески, она што оваа сегашна влада докрај го дотолчува. Туку, на крајот, една за тебе интересна параепизода, драг читателу, борхесовска, извлечена од ракавот на петтата безвремена димензија. Ми ја раскажа вчера еден мој паранормален пријател што има чудна способност да патува низ времето. И напред и назад. Но не со онаа чудна машина на Х.Џ. Велс, туку едноставно со импулсот на душата. Имено, тој ми тврдеше дека штотуку, пред некоја минута, бил во 3001 година, на самиот почеток на третиот милениум. Му поверував по тоа што беше страшно психолошки и физички исцрпен од тој краток престој, кој, како што рече, траел само неколку секунди, ама доволни за да согледа јасно некои слики. Но она што ме зачуди беше фактот дека тој во 3001-та не се нашол во некое значајно и атрактивно место, туку се нашол, ни самиот не знае како (некој го наведувал) во струмичкото село Колешино.

Таму, кога му се отворила иднинската глетка пред него, видел девет бремени убави невести пред породување како седат пред селската чешма и нешто тајно и темно си зборуваат. Тој им пришол на невестите и ги запрашал дали сите невести во Колешино се убави како нив. Но на негово изненадување, тие му одговориле дека не се од Колешино, туку од Муртино. Мојот пријател тогаш многу се зачудил и ги прашал зошто дошле тогаш тука, бидејќи нивната блажена состојба до која ги донел архангелот Гаврил е веќе со мегатонска тежина, кога тие му рекле, шокирајќи го, дека дошле да се породат тука. Специјално. Тој ги прашал зошто, а тие му рекле дека причината за тоа е срамот што го бие нивното родно место поради некој некогашен премиер што се родил во него, па не сакаат и нивните деца да бидат родени во него, и без своја вина да го носат тој срам. Ете затоа, му објасниле на пријателот, дошле со толкави блажени стомаци во Колешино.

Толку, две-три секунди траел престојот на мојот пријател, како што ми раскажа тој, во 3001-та. И морал да се врати назад. Во Сегашноста. До следното патување во 3001-та пак во Колешино, за да го види новиот пород на муртинските благословени невести, тој што, како што рече, за разлика од тој премиер што го спомнале невестите, ќе го љуби и ќе си го сака својот народ со целото свое срце и душа. Онака како што се сака и самиот Создател. Бог. Оти како што му рекле на пријателот на заминување од иднината назад божествените муртински невести: нема поголем грев од тоа да не си ги сакаш родот и татковината. Знам дека и ти се слагаш со тоа, драг читателу. До следната колумна на нашата заедничка несоница сè најубаво. Од срце те поздравувам.