Заводливоста на постмодернизмот

92

При крајот на седумдесеттите, кога дипломирав на светска книжевност, бев навистина заведен од постмодернизмот, убеден дека се случува голем подвиг на полето на литературата, од рангот на оние пресврти кон кои за време на студиите особено се приврзав. Како што порано романтичарите Колриџ, Бајрон и Шели ми изгледаа како хипици, модернистичките прваци Кафка, Џојс или Селин како андерграунд-јунаци, сега бев подготвен книгите на Борхес, Набоков, Калвино, Кортасар, Пинчон… да ги доживеам како луцидни водичи кон еден естетски нов тип литература што ќе ги реформира и пишувањето, и читањето… Таа понесеност кон новата лектира завладеа во страсните дискусии „за“ и „против“ низ кафеаните по Кнез Михајлова, факултетските ходници, редакциите на книжевните списанија. Нормално бев „за“, заедно со врсниците Бајац, Великиќ, помладите Пиштало, Јерков. И секако, Албахари. Давид беше неоспорно водечка фигура на новата проза, автор на „Судијата Димитриевиќ“, уредник на „Писмо“ и „Книжевна реч“. Кога првпат се запознав со него, еден пролетен ден, под разгранетите крошни на кафулето „Код певца“, бев возбуден како средношколец, со помешани дози восхит и неспокој. А тој сосем опуштен, разговорлив и згоден.

Постмодернизмот умееше да заведува. Беше штосен, а начитан, лудирачки расположен, но и со убиствени синтагми што можат да здрмаат млад литерат. Авангардата често најпрвин се пробива со ставови, потоа со дела. На пример, Крајот на Историјата. Или, Смртта на Авторот. Свесни сме дека, и покрај сите политички и комерцијални заложби, ни едното ни другото не се случи. Историјата и Авторот испаднаа многу пожилави отколку што се мислеше. Националната гордост на Балканот подразбира унижување или барем подбив кон другиот, а тоа често не се задржува само на зборот. Од друга страна, божемната (борхесовска) скромност на писателот (всушност нарцис) никогаш не ќе може да се помири со анонимноста, уште повеќе со вреднувањето на неговото дело. Тој може да си игра криенка со воспоставените, (квази)достоинствени, авторитетни вистини, и тоа е еден од најубавите дострели на постмодернизмот, како во совладувањето на книжевните техники, така и во менталната раздвиженост, но его-трипот на писателот е мошне отпорна категорија, што му останува својствен наспроти сите поетски и стилски промени.

Во тоа време, донесував важни одлуки: решив да се откажам од рокенролот, да ѝ се посветам на литературата. Решив да се венчам, тајно. Иако во брак, жена ми продолжи да живее со родителите, јас во својата потстанарска соба. Почнав посериозно да пишувам проза. Речиси секое утро испишував по лист хартија, некои од тие ливчиња подоцна влегоа во мојата прва книга „Младиот мајстор на Играта“. Постмодерната фрагментација ми одговараше, наместо да градам расказ со утврден редослед (почеток, кулминација, расплет), го одбрав за мене полесниот пат: исфрлав фрагменти, со лабава меѓусебна врска, што откако ќе се намножеа, се обидував да ги составам во прифатлив колаж. И денес, по толку години писателско искуство, тој начин на создавање одделни приказни што потоа ги распоредувам во поголема целина, го користам, речиси исклучиво, во пишување подолга проза. Таа не расте продолжувајќи се, туку вметнувајќи се во себе, тука, во таа игра со композицијата, мислам, е една од важните придобивки на заводливиот постмодернистички шарм врз мојата писателска „актива“.

Есенва во Белград, на Кнез Михајлова налетав на еден пријател од студентските денови, писател што во смутните години се премести на Запад и таму направи пристојна кариера. Отидовме на кафе во „Код певца“, каде што некогаш го разгорувавме заемниот постмодернистички занес. Разговорот тргна за тие наши некогашни средби и случки, се претркувавме во нивното прераскажување. Тогаш, пријателот за момент застана, тргајќи ги очилата: „Чувствуваш ли дека некако го изневеривме постмодернизмот?“
Го погледнав во неговите зинати и збунети очи: „Ние… не. Но изгледа дека тој самиот се изневери“.

Антиупатства за лична употреба