Забрзаното отворање на картите

1865
Вила „Билјана“ во Охрид

Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата.

СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (7)

Еден ден по телефон во Охрид ми се јави Киро Глигоров. Дотогаш, поради инцидентот на Илинден, 10 дена ниту сме се виделе ниту збор сме размениле. Овој пат тој ме замоли да појдам кај него во вилата „Билјана“. Си помислив, ете Киро сега сака надолго и нашироко да ми објаснува зошто не дошол на Илинден на 2 Август во Крушево. Не бев расположен да влезам во таков разговор, но сепак појдов. Си мислев, можеби Киро има најнови податоци за состојбите во БиХ и за некои можни нови мировни иницијативи како последица на жестокото бомбардирање од страна на НАТО. Тогаш двајцата бевме на летување во Охрид. Вилата каде што бев сместен се викаше „Охрид“. Од таа вила до вилата „Билјана“, каде што беше сместен претседателот на државата, Киро Глигоров, има 30-40 чекори. Таму го најдов Глигоров во дворот. Дворовите во државните вили во Охрид беа убаво уредени, особено убаво беше уреден дворот на вилата „Билјана“. Имаше повеќе цветни леи, но и убави места под сенките. Под сенките на високите дрвја, во дворот, ме пречека Киро и мислев дека ќе ме покани да влеземе во вилата. Тој не го стори тоа туку ме фати под рака, ме тргна малку подалеку од вилата, во сенките застана таму и почна да ми објаснува: „Стојане, вчера имав еден неочекуван состанок. Во вилава ми дојдоа Бранко Црвенковски, Тито Петковски, Благоја Ханџиски, Љубомир Данаилов Фрчкоски и Јане Миљовски“.

Си реков дека Владата подготвува некоја важна одлука и сакале клучните луѓе на државната власт да го информираат за своите намери и да побараат од него некој совет. Не еднаш така со група министри, уште кога беше премиер Кљусев одеше кај Глигоров, понекогаш и тоа беше неочекувано. Овој пат ништо такво не се случило. Глигоров многу брзо ме информира по кој повод и зошто се собрале кај него. Мирно очекував да видам како ќе продолжи Глигоров. А тој рече: „Тие мои гости, Стојане, зборуваа мирно како да се договараа со мене да одиме на плажа, а всушност побараа од мене да дадам оставка“.

Оваа информација ме изненади и ме зачуди. Сепак не проговорив, туку си реков, ај да го дослушам Глигоров да доврши.

„Ми објаснија дека сум веќе стар, биолошкиот часовник веќе ми отчукал“. Киро изгледа очекуваше нешто да го потпрашам. Иако бев изненаден, јас молчев. Тој продолжи: „Не ги разбирам овие луѓе, Стојане. Ако нѐ тргнат нас двајцата и останат сами на власт, сосем е јасно како ќе владеат. Денес нашава земја е изложена на неверојатно тежок притисок од блокадата што ни ја наметна Грција. Во врска со тоа прашање не гледам некое посебно разбирање на луѓето што ми дојдоа во посета. Тие не се ни обидоа сами да ми изложат некои свои согледувања за тоа што ја чека нашата земја ако оваа блокада продолжи. Досега, со мене како претседател на државата, постигнавме клучните меѓународни фактори да ја разберат вистината за намерите на грчката влада и за последиците што ги наметна ембаргото. Се води спор во Eвропскиот суд во Луксембург и во тој спор ја имаме поддршката од мнозинството земји од ЕУ, а нѐ поддржуваат и САД. Имаат ли претстава луѓето што бараат оставка од мене, каков ќе биде ставот на меѓународната заедница ако се случи тоа? Понатаму, еве оваа година се заплеткавме со тој таканаречен тетовски универзитет и пред светот и пред нашите пријатели доста се разголи нашата позиција. Ние сѐ уште немаме јасен пат за тоа како трајно ќе го решиме нашиот спор со Албанците во нашава земја. За тоа прашање, исто така, моите гости вчера не изложија некој свој концепт и не можев да видам дали тие и колку се загрижени за таа состојба и дали мислат да ја решат.

Нивната политика на тоа поле во која и јас сум добро вовлечен, е политика само на пендреци и застрашување. А со таква политика дополнително ги влошуваме нашите меѓународни позиции. Ние имаме проблеми со ембаргото кон Србија. Јас сум секојдневно изложен на информации од меродавните странски претставници овде за тоа дека санкциите не ги спроведуваме, а јавна тајна е дека кршењето на санкциите дополнително ни ја влошува нашата меѓународна позиција. Притоа, очигледно е дека во шверцот што трае веќе е создадена една матна структура на полусвет, чија главна моќ е криминалот на подземјето, потпомогнат од државните органи. Еве да се тргнам, да дадам оставка, дефинитивно да се повлечам, тогаш кога ќе ги оставам сами, тие своите грешки, своите заблуди, не ќе можат да ги согледаат и да ги отстранат, туку ќе ги зајакнат. Тие се свесни оти јас гледам што се прави пред нивни очи и со нивна поддршка. Тоа ме доведува до чести недоразбирања и со Бранко, но особено со Фрчкоски“.

„Ми објаснија дека сум веќе стар, биолошкиот часовник веќе ми отчукал“. Киро изгледа очекуваше нешто да го потпрашам. Иако бев изненаден, јас молчев. Тој продолжи: „Не ги разбирам овие луѓе, Стојане. Ако нѐ тргнат нас двајцата и останат сами на власт, сосем е јасно како ќе владеат…“

Киро, зборувајќи за овие работи, се чувствуваше како да се исповеда, дури и во гласот му се чувствуваше неговата длабока загриженост. Тогаш ми падна напамет она што ми го кажа Киро на 6 јануари, таа 1995 година. Да го потсетам читателот на оваа книга, тој ми кажа дека во новогодишната ноќ на пречекот на новата 1995 година добил смртна закана. Си помислив, Киро не може да не го поврзе тој настан со оваа посета на највисоките државни функционери и раководители на СДСМ, во чии раце е моќта на државата. Мора да му се отслика оној момент кога го прочитал ливчето таа новогодишна ноќ, и овој пат некаде во средината на осмиот месец да ги види тоа ливче и таа закана во нова светлина. Неговите гости, врз основа на она што веќе ми го кажа Киро, веќе биле договорени за целта што сакаат да ја постигнат, но и за методите со кои ќе ја постигнат таа цел. Бидејќи Киро престана да зборува, а откако почувствував дека нема да продолжи, го прашав што им одговорил тој на тие свои гости. Тој кусо одговори: „Ги одбив. Не им го прифатив барањето“.

Му реков дека правилно постапил, да знаев однапред ќе му советував токму така да им одговори. Киро нешто ми изгледаше замислен. Си реков, уште не решил како ќе продолжи или, пак, смета дека веќе сѐ ми кажал и откако го слушнал мојот став смета дека разговорот ни е завршен. Но Киро сепак проговори: „Откако ја видоа мојата цврста решеност да не им попуштам, моите гости разговорот го продолжија во друга насока. Ми рекоа дека јас сепак сум стар и ако не си одам сега, дефинитивно ќе си одам по завршувањето на овој мандат. Сакаа да знаат, ме прашаа кога ќе решам да си одам од функцијата – сега или при крајот на мандатот, што би им препорачал и кого би поддржал, која личност е таа што сметам дека треба да биде избрана за нов претседател на РМ“.

Молчевме извесно време двајцата, потоа Киро проговори: „Им реков, штом ме прашате, ќе ви кажам. Јас сметам дека по моето заминување, за претседател на РМ би требало да биде избран Стојан Андов“.

Ова последново го доживеав како некој силно да ме удрил по глава. Веднаш му реков: „Киро, како си можел такво нешто да кажеш? Ние двајцата воопшто не сме разговарале на оваа тема и од каде кај тебе оваа помисла ним да им кажеш што мислиш во себе?!“

„Јас, Стојане, бев запрашан од нив. Тешко ќе можев да поминам без да им одговорам на тоа прашање. Чувствував дека тие сакаа да го имаат тој мој одговор и во разговорот ќе настојуваа сѐ додека не им го дадам. Дотогаш не сум мислел дека некој ќе ми постави такво прашање, мислев дека работите треба да се одвиваат по природен пат. Сметав дека ако одговорам на друг начин, ако кажам некое друго име, нема да ми веруваат и ќе го продолжеа тој мачен разговор и испитување затоа им реков точно како што мислам“.

Му реков доста остро на Киро дека избрзал изговарајќи го моето име и оти верувам дека ме вмешал така што понатаму тие и мене ќе ме сметаат како дел од проблемот што настанува со нивната намера нему да му изнудат оставка. Му реков и го замолив понатаму никогаш за какви било комбинации, ако претходно не се договори со мене, да не го споменува моето име. Си помислив, Киро добро знае оти ја искомпликувал ситуацијата и дека во концепцијата на тие луѓе сега ќе се јави дополнителна потреба и мене, покрај Киро, да ме отстранат од политиката. Се разбира за таа нивна намера со мене не можат да го користат аргументот што го користеле во разговорот со Киро – да кажат дека сум веќе стар. Јас бев помлад 18 години од Киро Глигоров и тие, инаку интелигентни луѓе, а овој пат со мрачни намери, ќе бараат некој друг начин како да ме отстранат од политиката. Тие очигледно беа решени, како група што ја контролира државната сила во РМ, да го отстранат секој глас што може да има влијание во јавноста, а критички e настроен спрема нив и нивната политика.

Нашиот разговор заврши со чувство и убеденост дека една ступидна, но опасна иницијатива на групата што разговарала со Глигоров е пропадната и дека на неа барем засега треба да заборавиме, а текот на настаните сам по себе ќе го даде одговорот. И двајцата се надевавме дека таа залетаност на групата ќе престане и сите заедно ќе прифатат да ги решаваме проблемите со кои се соочува земјата. Утредента по овој разговор заминав за Скопје.

Неколку дена потоа од Охрид си дошол и Бранко Црвенковски. Тоа го разбрав кога ми се јави тој по телефон и побара да ме посети.

(продолжува)