Забрана за патување на „Сончогледите“

31

Музејот на Ван Гог во Амстердам соопшти дека неговата верзија на славните „Сончогледи“ повеќе нема да може да патува, бидејќи процесот на реставрација на оваа слика стара 130 години покажува дека таа е во фрагилна состојба. Музејот поседува една од петте верзии на ова ремек-дело на Ван Гог, кое ретко патува во странство, последен пат тоа се случило во 2014 година.

Меѓународната група стручњаци што се вклучени во процесот на реставрација на славната слика сметаат дека е време делото да остане дома во Амстердам, пренесоа холандските медиуми, наведувајќи дека „Сончогледите“ се во стабилна, но ранлива состојба. Сликата, како што заклучуваат, е особено осетлива на вибрации, на промената на степенот на влажност на воздухот и на температурата. Поради тоа многу е важно таа да се поместува колку што е можно помалку и да биде во стабилни климатски услови. За да се избегне секаков ризик, Музејот на Ван Гог одлучи да даде забрана за патување на делото.

„Сончогледите“ ќе бидат ставени пред очите на јавноста од 22 февруари.
Последен пат сликата патуваше во Националната галерија во Лондон за да биде претставена заедно со верзијата што ја поседува британскиот музеј. Другите верзии се наоѓаат во Минхен, Филаделфија и во Токио.

Ван Гог ја насликал серијата „Сончогледи“ додека живеел во Арл, Франција, од 1888-1889 година. Овие дела имале посебно значење за уметникот, кој во едно писмо навел дека носат порака на благодарност.