„Женски декамерон“ на Јулија Вознесенскаја на македонски

68

Издавачката куќа „Антолог“ го најави објавувањето на книгата „Женски декамерон“ од руската писателка Јулија Вознесенскаја, една од најзначајните руски писателки од втората половина на 20 век. Ова е нејзино прво дело преведено на македонски, а преводот е на Ѓорѓи Крстевски. „Женски декамерон“ е книга за десет млади советски жени, кои ќе се најдат во исто породилиште во Ленинград, во период кога во таа установа е воведен карантин. За време на тие десет дена додека се таму, жените се забавуваат раскажувајќи приказни за животот, за мажите, за љубовта, за љубомората, за неверствата, за заведувањето, за фарсичниот секс, за парите, за среќата и за многу други нешта што ја возбудуваат секоја женска душа, вклучувајќи ја и руската.

Жените раскажуваат по една приказна на ден, тоа се приказни во кои се насетува суровата реалност на едно општество распарчено од самоубиства, разводи и алкохолизам, сиромаштија, закани за ужасни затворски казни. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

Јулија Вознесенскаја (1940-2015) е руска писателка. Во 1976 година била осудена на четири години егзил за антисоветска пропаганда. Емигрирала во Германија и во периодот 1996-1999 година живеела во рускиот православен манастир „Леснински“ во Франција. Од 2002 година до својата смрт живеела во Берлин. Во 2003 година во Русија ја добива наградата за најдобар христијански автор на годината, а во 2010 година наградата за најдобар автор за млади.