ЕХФ скрои систем за повеќе одмор за ракометарите

167
Ракометарите ќе играат помалку и ќе имаат повеќе време за одмор

Во 2017 година ЕХФ организира научна конференција на која стана збор за потребите на ракометарите, а ситуацијата се разгледуваше од експерти за спортска медицина. Резултатите се очигледни. Донесовме реформи во календарот, рече Михаел Видерер, првиот човек на ЕХФ

Покрај промената на натпреварувачкиот систем во Лигата на шампионите од 2020 година, проширувањето на европските првенства од 16 на 24 репрезентации од идната година и на светските првенства за мажи од 24 на 32 селекции од 2021 година, една од главните теми на состанокот во Европската ракометна федерација (ЕХФ), беше одморот за најдобрите.
Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, е убеден дека, и покрај зголемувањето на бројот на земјите-учеснички на европските и на светските шампионати, нема да се зголеми физичкиот товар врз ракометарите.

– Вкупниот број на натпревари ќе остане ист, со тоа што на СП дури и ќе се игра еден меч помалку, а на ЕП сите селекции што ќе мора да патуваат по прелиминарната рунда ќе добијат дополнителен еден ден одмор – рече Видерер.

На СП 2021 во Египет ќе се игра во осум групи со по четири селекции, што е намалување на бројот на мечеви во оваа групна фаза за два, а трите најдобри ќе продолжат во главниот круг, во кој ќе има четири групи со по шест селекции. Потоа следуваат нокаут-средбите, и тоа од четврт-финалето. Според овој систем на натпреварување, бројот на натпревари на финалистите ќе се намали од 10 на девет. На ЕП, пак, ќе се игра во шест групи со по четири селекции. Само по двете најдобри од групите ќе продолжат во главната рунда.

– Во 2017 година ЕХФ организира научна конференција на која стана збор за потребите на ракометарите, а ситуацијата се разгледуваше од експерти за спортска медицина. Резултатите се очигледни. Донесовме реформи во календарот за играње и тоа го објавивме уште во декември лани. Сакавме барем две години однапред сите федерации да бидат запознаени со промените и да можат навреме да почнат со планирањето – рече првиот човек на ЕХФ.

Баражите за репрезентациите од јуни ќе бидат префрлени во април или во мај.
– Сите национални и клупски натпреварувања ќе мора да завршат пред фајналфор-турнирот на ЛШ. Сакаме фајналфорот да биде последното натпреварување во една сезона. На тој начин сите ракометари што нема да бидат дел од тој турнир ќе имаат по две недели повеќе за одмор – рече Видерер.

Намалување на бројот на натпревари од сезоната 2020/2021 ќе има и во ракометната Лига на шампионите. Со постојниот систем, победниците од групите А и Б се пласираа директно во четврт-финалето, а од 2020/2021 директен пласман во четврт-финале ќе има и за второпласираните екипи. Од сезоната 2020/2021 во машката и во женската ЛШ ќе играат по 16 тима (две групи по осум екипи). Ново натпреварување од сезоната 2020/2021, како замена за Купот на ЕХФ ќе биде Европската лига со 24 екипи (четири групи со по шест тима), кои по групната фаза ќе играат прво од осминафиналето.