ЕУ со ултиматум до Лондон

46

Британскиот премиер Борис Џонсон има 12 дена јасно да го претстави својот план за излегување на Британија од Европската Унија. Потоа, е крај, порача финскиот премиер Анти Рине, чија земја е актуелен претседавач со Унијата.

Рине истакна дека постигнал договор со францускиот претседател Емануел Макрон и оти британскиот план мора да биде претставен црно на бело, до крајот на овој месец. Тој ќе разговара наредните денови за ова прашање со претседателот на Европската комисија, а планира да се сретне и со британскиот премиер.

Од друга страна, извори од Владата во Лондон тврдат дека во Британија се во тек политички преговори за брегзит и оти Џонсон планира да го почитува договорот, односно сѐ да заврши до крајот на ултиматумот, кој сам го постави, односно до половината на октомври.

Претходно, Европскиот парламент ја поддржа предлог-резолуцијата за брегзит, со која се дозволува британскиот излез да се одложи, но исто така се нагласува дека во отсуство на договор Британците и натаму ќе треба да ги почитуваат своите финансиски обврски кон ЕУ. Со 544 гласа „за“ и 126 „против“, европратениците ја поддржаа предлог-резолуцијата, во која стои дека во интерес на Лондон и на Брисел е брегзит да се спроведе на уреден начин. Во предлогот, парламентот поддржува одложување, но само ако се одржат општи избори, нов референдум, се отповика членoт 50 или, пак, доколку Британците го прифатат договорот за повлекување.