Ерга омнес, не, благодарам (2)!

729

Деликатниот баланс на евроатлантските интеграции, спречување нови барања од Грција и спречување национален раскол, создава одреден простор за решение
заснован на прифаќање на идентитетот од Грција, решение во две фази
и членството во ЕУ

На почетокот на месецот, беа објавени резултатите за истражувањето на јавното мислење, „Спорот за името 2018-та“, кое четврти пат го прават Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија, а е спроведено од М-проспект, за што пишував во претходниот коментар. Неколкуте клучни наоди се дека постои висок отпор кон можен компромис за името, на повеќето прашања доминира ставот „зачувување на името“, и Владата се соочува со отпор и на прашања како мерките за градење доверба, дека се продлабочува етничкиот јаз меѓу етничките Македонци и етничките Албанци, а дека можноста за компромис е базирана на идентитетот како крајна црвена линија и деликатен баланс на евроатлантските интеграции, стравот од нови барања од Грција и стравот од национален раскол. Деликатен баланс на последните три, бидејќи покрај истрајноста во зачувување на националниот идентитет, тие три фактори влијаат на јавното мислење.

Граѓаните ги сметаат јазикот (27,4 отсто), Уставот (23,5 отсто) и државјанство (23,1 отсто) најважни за националниот идентитет, а Уставот и уставното име бедем за негова одбрана. Скоро половина од граѓаните (45,1 отсто) веруваат дека со промена на уставното име ќе се промени идентитетот, 17,8 отсто сметаат дека во ниедна ситуација нема да се промени македонскиот идентитет. Големо мнозинство граѓани (73,8 отсто) мислат дека промена на уставното име ќе влијае, многу или донекаде, на идентитетот. Оттука е голем отпорот за промена на Уставот, односно 48,3 отсто граѓани и 60,7 отсто етнички Македонци се против каква било промена на Уставот, без разлика дали се тоа одредби за името или за други прашања. Промена на Уставот за дефинирање на меѓународно име е прифатливо за 18,3 отсто од граѓаните.

Евроатлантските интеграции, односно членството во НАТО и во ЕУ, се важни стратегиски цели, кои во целиот период по независноста имаат висока јавна поддршка. Спорот за името е причината за блокадата од страна на Грција, а клучен фактор поради кој би постоела подготвеност за компромис со Грција е одблокирање на нашите интеграции во НАТО и во ЕУ. Првпат откако се прават истражувањата, евроатлантските интеграции (49,7 отсто) имаат приоритет наспроти зачувување на името (35 отсто). И тука треба да се нагласи дека приоритетот на евроатлантските интеграции е под предуслов дека ќе биде зачуван националниот идентитет, на пример јазикот. И секако кон ваквиот став придонесува скоро едногласноста за евроатлантските интеграции меѓу етничките Албанци (90,1 отсто), додека меѓу етничките Македонци зачувувањето на името е водечки приоритет (44,6 отсто).
Во случај на нерешавање на спорот како главни закани се доживуваат застој во евроатлантските интеграции, економски застој и влошување на меѓуетничките односи. Но граѓаните стравуваат дека и во случај на решение за спорот за името, може да има проблеми, и како главни закани се доживуваат грчките барања за нови отстапки, внатрешни поделби и судири, и дека ЕУ не е подготвена за проширување.

Се чини дека доживувањето на овие закани (грчки барања за нови отстапки, внатрешни поделби), кои се закани за опстанокот на нацијата, се главен двигател во одбивање договор со Грција. Стравот од нови грчки барања е заснован на искуството: Грција на трипати досега (1991/92; 1994/95 и 2008 г.), користи трговски и политички блокади за да изврши притисок за промена на Уставот, знамето итн., како и фактот дека Грција ја прекршува Привремената спогодба и не ја почитува пресудата на Меѓународниот суд.
Деликатниот баланс на евроатлантските интеграции, спречување нови барања од Грција и спречување национален раскол, создава одреден простор за решение заснован на прифаќање на идентитетот од Грција, решение во две фази и членството во ЕУ.
Бидејќи јазикот, Уставот и државјанството се најбитни за идентитетот, дефинирањето на јазикот и националноста/државјанство како македонски / Macedonian, како и зачувување на кодовите за земјата (МК) и за јазикот, може да го намали чувството за закана по идентитетот. Слично е со поставување на географската одредница како додавка по името пр. „Република Македонија (Скопје)“ или пред република пр. „Илинденска Република Македонија“.

Справувањето со двете закани, таа од нови отстапки и таа од внатрешни поделби се предуслов за јакнење на поддршка на договор. Доколку се решени јазикот и државјанството, промената на Уставот или негово одложено важење би била дополнителна гаранција. Одложување на промена на Уставот во моментот на прием во ЕУ е исклучително важно за стравувањето од нови барања на Грција, односно спречување нови барања. Решението е можниот договор меѓу Грција и Македонија да стапи во сила на денот на прием на Македонија во ЕУ. На тој начин, Грција од кочничар би станала промотор на македонското членство, а Македонија би знаела дека нема да има нови пречки на патот кон ЕУ од страна на Грција, и дека нема да има промена на името доколку Македонија не стане членка на ЕУ поради други причини, како земји што се спротивставуваат на проширувањето (можен референдум во Франција или вета од земји со влијание на екстремната десница). Второто стравување од внатрешни поделби може да се надмине со примена на „рамковен модел“, односно можниот договор со Грција писмено да биде одобрен од сите главни политички партии.
Тоа е моделот што може да обезбеди решение, иако и во него има ризици, од тоа што Грција тешко ќе го признае македонскиот идентитет, преку веројатноста и пратеници на владиното мнозинство во Грција да не гласаат за предлогот, до малата можност да се изгради национален консензус во Македонија. Сепак, вреди да се проба бидејќи не е јасно кога би била следната можност за решение на спорот за името.

(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк @sklek #СпоротЗаИмето