ЕП гласаше за визна либерализација

310

Косовскиот претседател Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај, претседателот на Собранието Кадри Весели и другите државни раководители им го честитаа на косовските граѓани гласањето за визна либерализација во Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни прашања – ЛИБЕ на Европскиот парламент (ЕП), јави дописникот на МИА од Приштина.

– Сѐ повеќе се доближуваме кон конечната одлука, која долго ја очекуваме, за да се отстранат пречките за слободно движење и за нашите граѓани во шенген-зоната – напиша Тачи на Фејсбук.

Харадинај оцени дека одлуката е резултат на обемната работа на косовските институции, особено во правец на јакнење на владеењето на правото.

– Сигурно е дека ќе се затвори успешно целиот процес, овозможувајќи им на нашите граѓани слободно движење во земјите на Европската Унија – напиша премиерот, изразувајќи посебна благодарност до известувачката за визната либерализација во ЕП Тања Фајон.

Парламентарниот спикер Весели изрази уверување дека процесот за визна либерализација ќе се заврши до крајот на годинава.