Епидемија на ковид-19 води кон рецесија

449
­Фото: Игор Бансколиев

Најдобар показател дека работите се движат во лоша насока е исклучително високиот пад на светските берзи на почетокот на неделата, кога повеќе компании загубија и по неколку стотици милијарди долари во само еден ден, токму како резултат на молскавичното ширење на коронавирусот низ целиот свет

Коронавирусот ја разболе економијата, компаниите бараат помош

Никој не може да предвиди со сигурност како евентуалното ширење на коронавирусот ќе се одрази врз македонската економија, но следејќи ги светските економски показатели, загубите ќе бидат неизбежни и огромни.
Имено, проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од 2019 година покажуваат солиден економски раст од 3,4 отсто на годишна основа, со што реалниот раст на македонската економија во 2019 година достигна 3,6 отсто, но сега идните развојни економски параметри се загрозени доколку продолжи негативниот развојот на настаните со коронавирусот.
Најдобар показател дека работите се движат во таква насока е исклучително високиот пад на светските берзи на почетокот на неделата, кога повеќе компании загубија и по неколку стотици милијарди долари во само еден ден, токму како резултат на молскавичното ширење на коронавирусот низ целиот свет.
Забележани се загуби во речиси сите индустриски сектори, трговијата, авиопревозот, туризмот, автомобилската, текстилната индустрија…
Аналитичарите проценуваат дека зголемувањето на бројот на новозаразени и починати, ќе ги зголеми стравувањата од забавување на економскиот раст на подолг период, па дури и од појава на нова рецесија, полоша од онаа во 2008 година.
Во меѓувреме, недостигот од витални делови и компоненти од Кина ги чинеше другите земји и нивните индустрии околу 50 милијарди американски долари само минатиот месец, како што се наведува во процените на агенциите на ОН.
Токму недостигот од репроматеријали би можел директно да се одрази врз дел од македонските компании, кои поголем дел од материјалите со кои работат ги порачуваат токму од Кина, а работата за компании од Италија.

– Во чевларската индустрија се можни проблеми, бидејќи дел од фирмите производите ги пласираат на италијанскиот пазар. Покрај тоа, може да се јави проблем со набавката на репроматеријали што пристигнуваат од Кина… Ако останат без репроматеријали за работа, овие компании можат да стават клуч на врата – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци.
Тој додава дека во текстилната индустрија има одредено зголемување на нарачките, кои претходно се работеле во Кина, но поради големата распространетост на вирусот во таа земја, сега има потреба тие да се произведуваат тука.
– Тука се јавува друг проблем, а тоа е недостигот од работна сила, така што многу малку од тие нови понудени аранжмани може да ги прифатиме бидејќи нашите капацитети и онака се искористени со овој кадар што го имаме – нагласува Димитров, притоа истакнувајќи дека ефектите од коронавирусот ќе се одразат различно во секоја индустриска гранка.

И според универзитетскиот професор Марјан Петрески, македонската економија ќе се соочи со негативни ефекти од ширењето на коронавирусот.
– Несомнено, ефектите за економијата ќе бидат негативни. Првично, опасноста беше од прекини во синџирите на снабдување за компаниите што имаа набавки од Кина, а сега оваа опасност е подигната на општо ниво. Туризмот несомнено ќе претрпи катастрофални штети… Длабочината на економските штети, всушност, моментално и не можеме целосно да ја процениме затоа што не е јасно и тоа колку долго ќе трае и колкав опфат ќе има ширењето на вирусот. Апелирам економските власти да размислуваат за контингентни планови во случај ликвидноста во економијата нагло да се влоши – истакнува Петрески.
Според Народната банка, коронавирусот се одразува врз глобалната економија, а ефектите не можат да се предвидат бидејќи никој не може да претпостави колку ќе трае епидемијата.
– Последните макроекономски показатели во домашната економија главно се движат во согласност со очекувањата, но ризиците од окружувањето стануваат сè понагласени. Новата вирусна инфекција, ковид-19 се одразува врз глобалната економија, а нејзините економски ефекти во целина сè уште се неизвесни и зависат од времетраењето и силата на овој неочекуван шок, кој е од неекономски карактер – велат од Народната банка.
Оттаму уште додаваат дека ќе продолжат со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од опкружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека кај компаниите постои расположение да се почитуваат мерките, кои Владата ги донесе за справување со штетните последици од ковид-19, но за да се спречат поголеми штети по економијата мора да се размислува и за ургентна и навремена помош, која институциите би му ја овозможиле на приватниот сектор.
– На приватниот сектор може да му се помогне на различни начини, преку одвојување средства во буџетот, привремено ослободување или одложување на плаќањата на даночните обврски или, пак, преку поволни кредитни линии и можности за репрограмирање на обврските, кои би ги овозможиле институциите и банките. Не треба да се дозволи компаниите да не можат да ги остварат планираните активности, особено оние што имаат производствени процеси поврзани со извоз во земји, кои ни се традиционални трговски партнери – истакна Арсовска.
Големи финансиски загуби веќе бележат и авиокомпаниите, кои целосно ги прекинаа летовите кон Италија, а на силен удар е и македонскиот туристички сектор, каде што масовно се откажуваат патувањата и загубите се проценуваат меѓу 40 и 80 отсто.

– Да се намали ДДВ за храна од 18 на пет отсто за хотелиерите, да се ослободат од плаќање на придонеси хотелите, туристичките агенции и превозниците во патничкиот сообраќај и ослободување од туристичка такса – се некои од мерките што ги предложи Даниела Михајловска од Стопанската комора на Македонија.
Во меѓувреме, туристичките работници информираат дека сите тури за Велигден се откажани.
– Ако не му се помогне на туристичкиот сектор сега тој може целосно да банкротира. Во други земји мерките што ги бараат туристичките работници се многу поригорозни – вели Влатко Сулев од Националната асоцијација за дојдовен туризам.
Некои од познавачите на економските состојби со кои се консултиравме објаснуваат дека е премногу рано да се каже колку владината мерка за ослободување на работниците што имаат мали деца, а кои поради затворањето на училиштата и градинките во следните 14 дена мора да останат дома, ќе влијае врз производството.

­По проблемите со набавката на суровини, индустријата сега се соочува и со проблеми со пласманот – Фото: Игор Бансколиев

– Тоа зависи од сектор до сектор. Сите оние чија работа е поврзана со производствен процес каде што е задолжително присуство на човек ќе трпат. Ако го проретчите бројот на работници на едно градилиште, нормално напредувањето на градбата ќе оди забавено. Од друга страна, има бизниси што може да се работат и од дома, преку интернет. Таму нема многу да се почувствува отсуството. Како и да е, се соочуваме со светска епидемија од невиден карактер и мерките што насекаде се преземаат се многу сериозни, па затоа е најважно да се следат препораките што ги даваат властите за да се спречи неконтролирано ширење на вирусот, оти во спротивно, дури тогаш загубите во секој поглед ќе бидат огромни – согласни се економските аналитичари со кои се консултира „Нова Македонија“.