Елишка Јункова – првата жена што победила на гранпри-трка

1198

Патот на жените во мотоспортот е навистина специфичен. Постојат голем број заборавени хероини и револуционерни тркачи, кои целосно ја промениле историјата на трките, за сега тие целосно да бидат заборавени во историјата. Елишка Јункова, можеби и најуспешната жена што се натпреварувала во овој спорт, денес е една од легендите на тркањето за која сè помалку се зборува.

Родена во Оломуц, на почетокот на 20 век во тогашна Австро-Унгарија, Јункова е шестото од осум деца на еден ковач. Навистина малку е познато за најраните денови на Јункова, но она што се знае е дека таа имала сон да го види светот, па затоа од најрана возраст се посветила на учење јазици, односно англиски и германски.
По завршувањето на средното училиште, Елишка Јункова се вработила во една локална банка, каде што работела извесно време. Со намера да продолжи да се занимава со учење англиски и германски јазик, таа патува многу и се сели во Франција, па во Шпанија и на крајот почнува да работи во кујна на еден британски брод. По завршувањето на патешествието, Јункова во Париз се среќава со Винценц Ценек Јунек, раководителот на банката во која првично работела. Заедно отвораат сервис за автомобили и ја делат пасијата за брзинското возење и возбудливи патувања.

Ценек и Јункова стапуваат во брак во Прага во 1922 година и почнуваат да настапуваат заедно на најразлични видови мототрки. Во тоа време, било вообичаено возачот до себе да има механичар за време на трките и извесно време Елишка Јункова ја вршела таа работа, додека нејзиниот сопруг бил возачот на возилата. Брачниот пар настапувал и почнал да се натпреварува со автомобил произведен од германски „Мерцедес“ и во 1923 година успеваат да стигнат до првата победа.

Јункова имала сон самостојно да се натпреварува во трките и првпат го направила тоа во 1924 година, кога со нејзиниот омилен автомобил, „бугати 30“ настапила на трка во Чехословачка. Во овој период од историјата, мотоспортот се сметал ексклузивно за спорт на мажите, па, така, Јункова навистина го свртела вниманието кон себе со добрите настапи на трките. Следната 1925 година, брачниот пар обезбедува уште едно „бугати“ и веќе има две возила со кои може да се натпреварува на патеките на трките. Елишка навистина била талентирана и го сакала овој спорт, а доказ за тоа е фактот дека таа многу лесно го надминала нивото на својот сопруг и во 1926 година била единствена жена што се натпреварувала против најдобрите возачи на Стариот Континент.

Дел од нејзиниот успех се состоел во тоа што таа била голем перфекционист и се посветувала и на најситните детали. Елишка Јункова се смета за еден од првите натпреварувачи што пеш ја минувал тркачката патека, дури и по неколку пати, за да ги утврди најдобрите агли и начини за движење за време на настаните. За време на една трка на Сицилија, Јункова имала направено најдетална анализа на тркачката патека дотогаш видена. За жал, за време на трката, автомобилот на Елишка има сериозен дефект и таа не успева да ја заврши трката.

Во тој период, Елишка Јункова навистина била незапирлива. На германското гран при на легендарната патека „Нирнбургринг“ без посериозни проблеми го освоила првото место во нејзината класа на автомобили. Со победата, Јункова е првата жена во историјата на мотоспортот што победила на една ваква трка, а фактот што таа победа била на патеката „Нирнбургринг“, првото место добива уште поголемо значење. Патем, се појавуваат и други жени на патеките и на трките низ Европа и низ светот, но Јункова навистина била сакана и почитувана од сите други возачи, но и од пошироката јавност. Поради големиот успех и големото внимание што го добивала од јавноста, таа го англицизирала своето име менувајќи го во Елизабет Јунек.
Следните години, Јункова заедно со својот сопруг Ценек учествува на најразлични мототрки и настани низ Европа. Таа се натпреварува и на класични трки, но и на ридско-планински настани. На една од поважните трки во нејзината кариера во Италија, поголемиот дел од трката во поредокот била пред легендарните возачи Луис Чирон, Луиџи Фагиоли и Рене Драјфус. За жал, поради дефект, таа видно забавила и завршила на солидното 5-то место.

Кариерата на Елишка Јункова завршува навистина неочекувано. На германското гран при, таа и нејзиниот сопруг настапуваат со различни автомобили. Винценц Ценек Јунек, сопругот на Елишка, излетува од патеката, се удира во дрво и трагично го губи животот. По овој настан, Јункова била уништена од болка и целосно разочарана од тркањето како спорт. Поради тоа, таа ги продала сите автомобили и се свртела кон нејзината прва љубов, патувањето. Еторе Бугати ѝ подарил автомобил за да го користи при патувањата, во знак на благодарност за возачот, кој го свртел целото внимание на мотосветот кон неговиот автомобил „бугати“.
По Втората светска војна, Елишка Јункова веќе никогаш не се натпреварува во мототрките и продолжува да живее во комунистичка Чехословачка, каде што нејзините подвизи полека се забораваат. Денес, нејзиното име полека бледнее во историјата, но тоа не може да ѝ ги одземе сите револуционерни успеси и победи што ги има достигнато. Јункова починува во Прага во 1994 година на 93-годишна возраст, како првата жена што освоила гранпри-трка.