ЕЛЕМ продаде нови вишоци електрична енергија за 2.079.000 евра

23

АД ЕЛЕМ на 4 јули годинава четврти пат на аукција продаде вишоци електрична енергија. Се продадоа 35.400 мегават-часа во износ од 2.079.000 евра. Просечната цена постигната на оваа аукција била 58,73 eвра за мегават-час. Ова го кажа директорот за производство на АД ЕЛЕМ, Благојче Трповски.

– Продажбата беше поделена на два лота. Во првиот лот се продаваше електрична енергија за август, станува збор за дневна електрична енергија од 8 до 20 часот само во работните денови. За тој дел почетната цена на аукцијата беше околу 62 евра, учествуваа седум компании на наддавањето и како конечно се постигна највисока цена од 65 евра за мегават-час – рече Трповски. Тој информира дека во вториот лот се продавала електрична енергија како базна за септември, немало многу наддавања и постигнале едно евро над почетната цена на аукцијата или електричната енергија се продала за 54,85 eвра за мегават-час. На четирите аукции на кои АД ЕЛЕМ спроведе продажба на електрична енергија од почетокот на годинава продадени се 205.560 мегават-часа и вкупниот приход на компанијата е 10.799.558 евра.