Елегантни идеи за организација на домот

352

Од добри идеи за организација на домот никогаш не е доста, но организиран дом значи организиран ум. Постојат многу начини со кои можете да го организирате овој или оној дел од домот или орманот. Добро дизајниран мебел со екстра магацински дел е одличен начин да го одржите домот уреден, организиран и практичен, а притоа да уживате.

Дневна соба
Дневните соби денес често имаат отворен распоред заедно со трпезаријата и со кујната. За таквиот отворен простор да биде добро организиран, потребно е да се избере адекватен мебел што ќе биде автентичен, привлечен и ќе има дополнително место за складирање. Но што да се избере во таков случај? Денес има голем спектар на мебел со дополнителна функционалност и можност за трансформација. Столчиња што можат да се претворат во трпезариски столови, масички, кои со помош на механизми и расклопување можат да пораснат во маси за ручање, елегантни плакари зад чии врати се скриени функционални елементи, како маси на спуштање, полици и фиоки со практична намена.

Спална соба
Во денешно време, спалната соба не служи само за спиење. Во неа често имаме ќоше за шминкање, плакари, домашни апарати или детско креветче. Затоа при уредувањето на спалната соба најдобро е да изберете мебел што има многу фиоки и полици, за да можете добро да ја организирате и да ја сместите целата облека и постелнината и притоа да уживате во квалитетен одмор. При изборот на кревет одберете функционален кревет, кој има елементи за складирање над зглавјето или фиоки во долниот дел од креветот. Така уште полесно и попрактично ќе ги организирате работите во вашата спална соба.

Кујна
Кога станува збор за кујната, знаеме дека не е ни малку лесно сѐ во неа да биде уредно, прегледно и функционално особено ако располагате со мала квадратура. Но и за во кујната постојат квалитетни решенија, а она што треба прво да го утврдите е во кој дел од вашата кујна најчесто има неред. Ако сакате секогаш сѐ да ви биде уредно и прибрано, кошниците и кутиите се одличен начин за организирање на вашите плакари и фиоки. Исто така, кутиите, кошниците и пластичните полици можете да ги искористите за затворање на неискористениот простор во ќошевите или покрај шпоретот на пример.

Бања
Бањата може да биде мала или голема, скромно уредена или луксузно, зависно од големината на просторот, потребите, вкусот и можностите на семејството.
Но каква и да е бањата, сѐ се сведува на тоа дека најважно е сѐ да ви е на дофат на рака. Затоа и во бањата неопходен ентериер се полиците и фиоките, на кои ќе бидат распоредени сите предмети и средства за лична хигиена, крпи, бањарки и др.