Експлозијата пред „Бристол“

2160

Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата.

СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (8)

Тој ден, додека ги разгледував вестите за најавените големи демонстрации во Републикава, за денот кога Собранието ќе расправа за Законот за ратификација за Привремената спогодба, нешто малку пред 10 часот, неочекувано во мојата канцеларија влегоа шефот на кабинетот на претседателот на Републиката, Живко Кондев, и политичката советничка Снежана Османли. Живко ми изгледаше многу загрижено, дури и преплашено. А Снежана плачеше. Нивното доаѓање на некој начин ме збуни и им појдов во пресрет. Пред да ги прашам што е работата, тие во еден глас ми рекоа: „Атентат е извршен врз претседателот на Републиката“.
Ги прашав кога, каде, а тие ми рекоа дека тоа било пред нецели 10 минути, кај хотелот „Бристол“. Ги прашав каде е сега претседателот и во каква состојба е. Двајцата ми рекоа дека е однесен во најблиската Градска болница. Им реков веднаш да појдеме, да видам што се случува.

Тргнавме, а со нас дојдоа шефот на моето лично обезбедување и уште еден член на обезбедувањето. Така, петтемина брзавме преку улиците и влеговме во болницата. Шефот на моето обезбедување се распраша дали влезовите на болницата се под контрола. Тогаш на едниот од влезовите го прати својот колега што доаѓаше со нас, а самиот остана на влезот каде што ние влеговме и почна да телефонира, да бара целата зграда на болницата да биде обезбедена. Како што ми рече подоцна, да не се случи дека претседателот преживеал, но овде во болницата некој да ја дозаврши работата. Еден од лекарите ме одведе до салата, каде што на количка легнат на грб беше претседателот на Републиката. Беше комплетно неподвижен. Му реков дека сум јас и дека ситуацијата ќе биде под контрола. На лекарите им реков веднаш да ја известат сопругата на Глигоров, Нада Глигорова. Лекарите ме убедија дека брзо ќе го префрлат во Клиничкиот центар, каде што ќе му биде извршена хируршка интервенција.

Кога видов оти не можам ништо повеќе да сторам во Градската болница, појдов во кабинетот кај мене и го побарав по телефон Бранко Црвенковски. Кога ми се јави, го замолив дека би било добро да дојде кај мене. Му реков, ако може да ги повика и оние членови од Владата за кои мисли дека треба да дојдат. За 20 минути дојде претседателот на Владата, Бранко Црвенковски, кај мене, а по него и министерот за здравство Илија Филипче, министерот за правда Владо Поповски и уште двајца.
Се договоривме министерот за здравство да се погрижи за максимално стручно и одговорно лекување на претседателот на Републиката, а да види исто така дали е потребна некоја помош од странство при операцијата. Се договоривме за состојбата со претседателот секој ден да дава соопштенија само конзилиумот, исто така се договоривме за секоја одлука на лекарскиот тим, пред да биде спроведена, да биде известена сопругата на Киро Глигоров, Нада Глигорова.

Интересно беше што за време на нашиот разговор со екипата од Владата по телефон ми се јави Слободан Милошевиќ. Ми рече: „Стојане, што се случува со Киро таму кај вас?“ Му реков дека Киро е жртва на големо злосторство, од кое се очекувала сигурна смрт на Глигоров, но првите оцени на нашите лекари се дека ќе може да се спаси. Ме праша дали може нешто да помогне. Реков дека не знам што може да помогне, ама нашиот министер за здравство сигурно ќе се поврзе со министерот за здравство на Србија и, ако е потребно, некоја помош нека договорат тие двајцата. Тогаш тој ми спомена едно име на лекар-специјалист за состојби како оваа со Глигоров и ме праша дали треба да дојде, а тој ќе му обезбеди хеликоптер. И таа работа реков да ја договараат министрите за здравство.

Ми падна в очи што меѓу присутните на оваа наша средба не е министерот за внатрешни работи Љубомир Данаилов Фрчкоски. Го прашав Бранко каде е Фрчкоски, персоналот од мојот кабинет и од кабинетот на Глигоров не може да го пронајде. Бранко збунето ми рече дека не знае точно каде е Фрчкоски, ама исто така рече дека некој му кажал оти министерот тргнал накај Крива Паланка. Многу ме зачуди овој одговор од Бранко. Да биде извршен атентат врз претседателот на државата, а претседателот на Владата не може да го најде и не знае што работи министерот за внатрешни работи – е невозможна и многу сомнителна работа. Бранко настојуваше да не ме гледа в очи и ми рече дека „таков е Фрчко“.

Интересно беше што за време на нашиот разговор со екипата од Владата по телефон ми се јави Слободан Милошевиќ.
Ми рече: „Стојане, што се случува со Киро таму кај вас?“ Му реков дека Киро е жртва на големо злосторство, од кое се
очекувала сигурна смрт на Глигоров, но првите оцени на нашите лекари се дека ќе може да се спаси

На 4 октомври, на седницата на претседателството на Собранието, предложив да се подготви текст на декларација во која ќе биде изложен јасно ставот на Собранието кон извршеното злосторство и решеноста на Собранието во Републиката да продолжи истата политичка линија што сите во Републикава ја следеа и пред атентатот и дека ова злосторство нема да ја скршне Република Македонија од патот што го избрала. Го замолив Тито Петковски да се погрижи за подготовка на текстот на таа декларација. Откога си заминаа потпретседателите, побарав од Диме Трајковски, шеф на мојот кабинет, да се обиде со луѓето од кабинетот да подготви една верзија на таква декларација, објаснувајќи дека по атентатот сите сме многу вознемирени и збунети, па може да се случи Тито да не биде во можност да ја изврши обврската што ја презел. За секој случај на Тито и на Џеладин Мурати, кој исто така беше потпретседател на Собранието, кога ќе биде готов текстот што се подготвува во нашиот кабинет, да им го прати. И навистина, утредента видовме дека Тито не бил во можност да направи таква декларација и текстот што го подготвивме кај нас го упатив до пратениците, со предлог да го разгледаме на почетокот на седницата, која требаше да се одржи тие денови. Декларацијата, без измени, Собранието ја усвои и ја објави. Во подготовките на оваа книга се обидов да го пронајдам тој текст, ама не успеав. Ми беше намера овде да го објавам и него.

Веќе на 4 октомври, од кабинетот на претседателот на Републиката беше соопштено дека поради неговата тешка здравствена состојба, според Уставот, функцијата претседател на Републиката ќе ја извршува претседателот на Собранието, Стојан Андов.

Ова соопштение, кое е сосема нормално и беше нужно да се објави, беше остро нападнато во првата емисија на телевизијата А1. Авторот на тој коментар ги обвинуваше луѓето од кабинетот на претседателот дека покажале некое големо и штетно самоволие и други новинари ги нападнаа луѓето од кабинетот на претседателот, припишувајќи им зла намера и на тој начин му овозможиле на Андов да ја приграби функцијата.

Во таа врева не сакав да се мешам, ама ми се наметна мислењето дека, ете, кај нас има некоја група луѓе на многу важни места во општеството што свесно се обидуваат да внесат забуна кај граѓаните, обвинувајќи ги луѓето од кабинетот на претседателот дека тие без основа си зеле право да решаваат без основа кој ќе ја врши функцијата претседател на државата додека Глигоров е на лекување. Ми беше сосема јасно дека толку прости луѓе на такви места не се наоѓаат и тоа не го прават од незнаење или збунетост, туку свесно го прават поради лични причини или поради наредба од некого од кого зависат.

А секој ден се јавуваа високи личности од странство. Во ист ден се јавија и Сулејман Демирел од Турција и Милан Кучан од Словенија. Луѓето од кабинетот на претседателот во сите такви случаи ме повикуваа итно да дојдам во кабинетот на претседателот да се слушнам со тие високи личности и да договориме за секој случај што ќе се соопштува секој ден.

Еден од тие денови кај мене дојде републичкиот обвинител Марко Бундалески. Тој кариерата ја градеше во обвинителството и достигна да биде на врвот во таа служба. Со Марко добро се познававме од времето на студирањето. Во тоа време и Правниот и Економскиот факултет во Скопје, 5-6 или 7-8 години пред земјотресот, и ние студентите на Економскиот и на Правниот факултет многу се мешавме. И подоцна, иако работевме сосема различни работи, доаѓаа ситуации што ни овозможуваа да се среќаваме и да се дружиме.

Марко ми рече дека доаѓа од кабинетот на министерот за внатрешни работи. Тој таму имал закажано средба со министерот, а кога пристигнал Марко, секретарката му рекла да поседи тука кај неа 15 минути, бидејќи кај министерот бил и министерот за правда Владо Поповски. Чекал Марко не 15 минути туку повеќе од час и пол. А потоа, кога веќе се сретнал со министерот, не успеал ништо да се разбере. Тој побара помош од мене, велејќи дека од Министерството за внатрешни работи е попречувана работата на Јавното обвинителство. Бараше од мене, како вршител на функцијата претседател на Републиката, да закажам седница на Советот за национална безбедност, да ја разгледаме актуелната ситуација и од Советот да му се даде поддршка да си ја врши работата во согласност со законите.

Седницата на Советот за безбедност ја закажав за утредента по средбата со Марко Бундалевски. Откако ја објаснив целта на таа седница, ме зачуди слабата заинтересираност за проблематиката и кај премиерот, и кај министерот за одбрана, и кај министерот за внатрешни работи. Марко Бундалевски, јавен обвинител на РМ, имаше кратко излагање во кое истакна дека не се создадени услови обвинителството да си ја врши работата во согласност со законите. По него зборуваше министерот за правда Владо Поповски. Тој не влегуваше во оцената на она што се случува, ама како министер за правда бараше сите да му овозможат на обвинителството да си ја заврши својата работа и бараше сите институции што имаат некоја надлежност во овој случај со атентатот совесно и внимателно да си ја завршат својата работа. Рече дека за сѐ што е надлежно Министерството за правда, тој ќе се погрижи таа институција да си ја изврши задачата. Бранко Црвенковски постапи слично на излагањето на Владо Поповски. Фрчкоски се уфрлуваше, но не можеше да објасни зошто лошо се води истрагата.

(продолжува)