Економски патриотизам за враќање на 100.000 Бугари

177

Со овој предлог се предвидува да се вратат бугарските граѓани што живеат во Молдавија и во Украина, за да се покрие недостигот од домашна работна сила

Одобрување државна помош за враќање на 100.000 Бугари што живеат во соседните земји и Европа е најновиот предлог на Конфедерацијата на независни синдикати на Бугарија. Со овој проект, кој е насловен „Враќање“, се предвидува да се вратат бугарските граѓани што живеат во Молдавија и во Украина, за да се покрие недостигот од домашна работна сила, поради големата економска миграција по влезот на Бугарија во Европската Унија.

Според претседателот на КСНБ, идејата на овој проект не е да се увезуваат работници во Бугарија, туку да се пронајде одржлив механизам за преселување на Бугарите што живеат и работат во странство.

– Според неофицијални податоци, во Молдавија живеат околу 300 илјади Бугари, а во Украина официјалниот попис покажува за малку над 200 илјади. Всушност, никој не ги знае вистинските бројки. Нашите претпоставки се дека може да се говори за 600-700 илјади лица со бугарска национална определба. Во првиот период, барем 100 илјади од нив би можеле да бидат привлечени во татковината ако државата и сите институции од власта, бизнисот и синдикатите застанат зад оваа заедничка цел – вели Пламен Димитров.

Затоа, тој предлага да се регистрираат сите слободни работни места во целата земја и да се дефинираат условите што ќе им се понудат за враќање на бугарските граѓани од соседните земји. Локалната власт би требало да подготви информации за можностите да се обезбедат одредени услови за живот. Пред сѐ, за бројот на напуштени куќи околу големите градови и во помалите населени места. Локалната самоуправа би требало да ги дефинира потребите за бројот на работници, како и условите под кои доселениците можат да се стекнат со одредени повластици.

Прелиминарните процени на КСНБ покажуваат дека за една година ќе бидат потребни околу 100 милиони лева за привлекување и враќање на околу 30 илјади Бугари од странство. Овие средства би биле наменети за поправка и за изградба на нови куќи за доселениците.