Езотерично доживување по маргините на Јасен

4073
Фото: Маја Јаневска-Илиева


#РаскажиНиЗаМакедонија

Крајбрежјето на езерото Козјак и околината е басен погоден за развој на спортски туризам, риболов, планинарење, велосипедизам, одржување манифестации под отворено небо, спелеологија, археологија, рурален, сафари-туризам, логорување, фотографски тури, за музеј на пеперутки, берење чаеви, живот на село… Неограничени можности има крајов, потребна е само добра стратегија за да се најде езерото Козјак на туристичката мапа

На влезот од Јасен врие од стоболки. Тие се подвид од фамилијата верверици. Многу слични со нив, само без опашка. Зимата ја преспиваат, а напролет се будат како кокичиња. Строго се заштитени со целосна забрана за лов. Се смета дека името го добиле поради своите разновидни лековити својства во народната медицина, односно меѓу народот се смета дека лекуваат „сто болести“. Дневно животно е и живее во колонии од поединечни дувла на пасишта и тревни косини. Денски излегува да се храни, и тоа претежно со семиња, фиданки, корења. Ги има и низ Јакупица, Дојранско, Галичица, но во Јасен, во околината на Козјак, во рој.

Стоболката е само едно од природните богатства на Јасен. Крајбрежјето на езерото Козјак и околината се природен басен од флора и фауна. Многу биолози токму овде разоткриваат нови хоризонти во науката. А басенот е плоден и за спортски туризам, риболов, планинарење, велосипедизам, одржување манифестации под отворено небо, спелеологија, археологија, рурален туризам, сафари-туризам, логорување, фотографски тури, за музеј на пеперутки, берење чаеви, живот на село… Неограничени можности има крајов, потребна е само добра стратегија за да се најде езерото Козјак на туристичката мапа.

Крајбрежјето на езерото Козјак и околината е природен базен од флора и фауна
фото: Маја Јаневска Илиева

МАГИЧНИ ЗАЛИВИ

Штом скршнуваш лево кон Нова Брезница, почнува тивка живописна авантура. Околу седум и пол километри низ кривулест и веќе нагризен пат водат до влезот на природниот резерват Јасен. Од 6.30 до 9 ч. и од 16 до 18 ч. рампата е крената и може да се движи од Скопје кон Македонски Брод, а во обратна насока, од Македонски Брод кон Скопје од 5 до 6 ч. и 18.30 до 20 ч.

Козјак е најголемото вештачко езеро во Македонија
Езерото е долго 32 км, некаде е длабоко и 130 м
Козјак е дел од резерватот Јасен
Висинска разлика на Јасен е над 2.100 метри надморска височина

Еден од чуварите на Јасен љубезно нѐ пречека и нѐ запиша во бележникот, затоа што мора да се регистрира секој што влегува во резерватот. И оттука, по 2,5 метри широк пат, продолживме спирално да влегуваме во Јасен. Движејќи се низ маргините на џунглата, импресивни пејзажи никнуваа каде и да се свртиш. Од една страна наѕираше езерото, од друга страна бујните шуми на Јасен. Паузите на пет минути се како задолжителен дел од патувањето. Попусто си бил овде ако не се насладуваш со погледите што се сервирани на тацна. Додека сонцето и новата населба се огледуваа во површината на езерото, нашиот водич на патувањето, Гордана Јанакиевска, ни раскажуваше приказни за скришни благородни места, кои ги лоцирала низ годините, работејќи како туристички експерт во Јасен. Заливите на Козјак се магични.

Најдобро езеро за пливање, затоа што површински има најмирна вода
фото: Маја Јаневска Илиева

Во секој од нив (а ги има многу) извира топла приказна. Гордана ни кажа дека на почетокот на Јасен има еден тесен залив каде што се влева реката Оча, една од најзначајните понорници во земјава, природно мрестилиште на речната пастрмка.
– Оттука потекнува речната пастрмка, овде има рој пастрмки, има алги и се хранат. Овде сме доаѓале со туристи со сплав. Вистинско богатство е местово – вели Гордана.
Оча извира од Караџица. Тече низ природниот резерват Јасен и нејзиното порече е значајно по разновидните ендемски и други видови и нејзиниот горен дел подлежи на особено строга заштита. Преку езерото Козјак завршува во сливот на Треска и била нејзина притока пред создавањето на акумулацијата.

ПЛОДНА ПОЧВА ЗА ТУРИЗАМ

Висинската разлика внатре во територијата на Јасен е над 2.100 метри надморска височина. Дознавме и за едно место, еден залив, каде што сите животни пијат вода на изгрејсонце.
– Тоа е прекрасна несекојдневна глетка. Во Селиште има заграден простор за елените и обично одиме со возилото што им носи храна, го препознаваат и се приближуваат. И точно знаат, имаат инстинкт да почувствуваат дали туристите се љубители на животни или не. Доколку се, позираат, се местат, шеткаат пред објективите на посетителите, доколку нема реакција од посетителите, се тргаат настрана. Вистинско уживање е да се биде дел од тој момент – вели Јанакиевска.
Биолозите го имаат лоцирано крајов и често знаат да се најават и да дојдат во поход по нови сознанија.

– Фасцинантен е фактот што од 400 вида пеперутки во светот, 200 има во Македонија, од кои 90 отсто се токму овде. Голем дел се ендемични и доаѓаат биолози ги ловат да имаат по еден препариран примерок. Но со трите брани, односно вештачки езера се промени климата и голема е веројатноста дека голем дел од нив ќе изумре. Инаку, имаме совршени услови за изградба на музеј на пеперутки. Во Танзанија се одгледуваат гасеници, од кои потоа се раѓаат пеперутки и секој може да си купи препарирана пеперутка. Имаше идеја овде да се направи, но не успеавме. Засега немаме направено ништо да заживее крајот и да привлечеме туристи. Може да се развие туризмот овде, сите што дошле се воодушевени, им се допаѓа, само треба да му се даде повеќе значење – додава Гордана.

НАЈДОБРОТО ЕЗЕРО ЗА ДАЛЕЧИНСКО ПЛИВАЊЕ

Тишината е редок комодитет денес, а овде може секој да се наљубува со неа, колку што му е доста. Мирот се пресликува дури и во површината на езерото. Толку е мирно како огледало. Пред десетина години овде се одржувал и маратон, на мирни води, во далечинско пливање, и според изјавите на врвни спортисти, ова е најдоброто езеро за пливање, затоа што површински има најмирна вода.

Посебен режим на движење
Од 6.30 до 9 ч. и од 16 до 18 ч. е крената рампата од Скопје кон Македонски Брод, а од Македонски Брод кон Скопје може да се движи од 5 до 6 ч. и од 18. 30 до 20 ч.
Патот од Нова Брезница до браната Козјак е 12,5 километри.

– Козјак е составен дел од заштитеното подрачје Јасен и едно од трите вештачки езера што се наоѓаат во радиус на Скопје. Скопје е еден од ретките главни градови што може да се пофали со три вештачки езера – Матка, Козјак и Св. Петка, во својата близина, кои се одлични туристички дестинации. Неговата широка намена се електричната енергија и туристичката експлоатација, која не е во оној размер во кој може да биде. Тука може да се развие спортски туризам, далечинско пливање во маратон на 10 километри, за големи и мали. Бидејќи е мирно е едно од најдобрите езера за пливање. Исто така е одлично за кајакарење, едрење, водени спортови…

Патеките се одлични за планинарење, флората и фауната го збогатуваат просторот, го облагородуваат. Навистина е интересно место за престој. Во иднина се надевам дека ќе се развие како туристичка дестинација, фали еден брод со кој може да прошета. Триесет и два километри во еден правец воопшто не е за занемарување и е одлична можност за прошетка на вода, со ручек – објаснува Гордана.
Јасен е заштитено подрачје и неговата задача е да го одржи она што го има, а има богатство од флора и фауна од тропски период, ендемични видови што мора да се зачуваат.

– Моите сознанија ако се вратиме неколку милиони години назад велат дека овде постоел Вардарски Океан. Со текот на времето, кога цела планета била една земја, при големите земјотреси, кога се делат континентите, водите од балканскиот континент почнале да истекуваат и да одат кон Егејско и Јадранско Море. Самиот кањон на реката Треска е остаток од тие бурни води, кои се излевале и направиле овој кањон да остане таков каков што е. Многу од таа тропска фауна успеала да опстане. Тоа во суштина е најголемото богатство – категорична е Јанкуловска.
Регистрирани се 11 ретки растителни вида, од кои четири се репрезентативни и 165 ендемски и субендемски видови на балканскиот простор, девет групи животински форми, од кои 120 вида птици и 20 вида цицачи што живеат во 18 различни биотопи.

ПАТ СО РЕЖИМОТ НА ДВИЖЕЊЕ

Подрачјето е атрактивно за туристичка населба. Над 2.000 објекти се изградени во последниве години. Благодатите што ги нуди крајбрежјето на Козјак веќе се забележани, но патот е проблемот, тој ја кочи целата работа.


– Патот е најголем проблем, бидејќи мора да се помине низ Јасен, а Јасен има одредници за влез и излез. Исто така може да се користи и од патот од Кичево, кој е подолг. Во тек е поврзувањето на Порече со главниот град Скопје, преку изградба на делницата, мостот на езерото кај Близанско со месноста Коломот. Режимот на движење не дозволува голема фреквенција на патници, или туристички да се експлоатира, но се надевам дека за неколку години ќе се реши и тоа – вели Гордана.
Патувањето во овој предел само по себе е езотерично доживување. Кога ќе биде целосно довршен, вистинска авантура ќе биде асфалтниот пат од Нова Брезница до Македонски Брод, кој минува низ прекрасен клисурски и кањонски простор по должината на реката Треска.
Сарафиле Гечески од селото Битово, Македонски Брод, исто така го истакна проблемот со патот.

– Успеавме со активисти да го пробиеме патот преку Јасен. Успеавме да се урбанизира крајбрежјето. Но крајов уште е слепо црево. Од мостот до Белица успеавме да направиме пат, но кон Скопје патот не се одржува. Не може да помине возило. Се бориме да добиеме пат од Коломот до Брезница, но никако некој да се одзве на нашите проблеми. Нонстоп слушаме ветувања, а никој нема на терен. Овој крај е блокиран од 1948 година. Доколку се направи патот, многу жители ќе се иселат наваму, многу ќе доаѓаат на чист воздух, ќе заживеат и селата. Во 1955 година овде живееле 35 илјади жители, сега едвај 3 илјади со Македонски Брод. Крајов е пуст, пусти се селата – се пожали Сарафиле.

ТУРИСТИЧКА НАСЕЛБА

Селата Здуње, Близанско, Брезница, Тажево со изградбата на браната се потопени. На жителите им биле изградени куќи над линијата на водата на новото езеро.
На местото на Здуње никнува нова населба. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 520 метри.
– Црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ е преместена при потопувањето на селото, на местото на денешните гробишта. Комплетно е соѕидана како што била, камен по камен. И гробиштата се пренесени. Селото Здуње сега е во развој. Под него се наоѓа и пештерата Голема Пешт, која има археолошки локалитет што е стар 5.000 години. Во тек се испитувањата, што е поволно за спелеолошки туризам – сподели Гордана.

Според неа, треба една добра туристичка валоризација на целиот овој предел, учество на сите странки.
– За туризам е потребно да се вклучат сите, како и локалното население.
Требовје е село во кое се смоларело. Се собирала и се обработувала смола, штета што нема зачувани алатки од тоа време. Борова Брезница е типично македонски село, со зачувани македонски куќи. Низ Европа е популарен биодиверзитетот како туризам и можеме да го спроведеме токму во Борова Брезница. Туристите да се вклучат во правење сирење, традиционална храна, да молзат крава и сѐ што нуди животот на село, да бидат членови од домаќинството, не гости. Но потребно е да се приспособат условите за да се направи добар туристички производ, да се направи да е пристапно. И, секако, треба да има агенција што ќе се занимава со тоа. Туризмот е комерцијална работа, туристот човек што има слободно време и пари, а наше е да обезбедиме добра туристичка приказна во која тој ќе се најде себеси. Има милијарди дестинации, наше е да го убедиме и овде да дојде. Да имаме соодветни услови и понуди. Но, секако, прво да се направи за нас, граѓаните на Скопје, да дојдеме овде и да дишеме воздух, па и за другите – објаснува Гордана.

МОНСТРУМИ ПЛИВААТ ВО КОЗЈАК

Козјак нема развиено риболовен туризам, иако има огромен потенцијал да се привлечат туристите рибари.
Васил Костов, претседател на риболовна федерација, ни потврди дека Козјак стана атракција за рибарите од Скопје, како и од цела Македонија. Постојано има рекреативни риболовци, но сепак треба да се работи за да се привлечат и странски туристи.
– Има атрактивни и благородни риби. Има богата и стабилна популација на крап, што е магнет за голем број риболовци. Во пролетниот и зимскиот период се лови и многу пастрмка. Ова е местото од каде што потекнува македонската пастрмка, која ја има во езерото, затоа што живеела во реката Треска. Но во последниве десет години езерото се порибува. Пливаат и монструми, со големи димензии со 15 килограми, кои тешко се ловат, но имаме сведоштва. Во зима е забранет ловот на пастрмки, а напролет лов на крап. Рекреативниот риболов од 2009-та наваму функционира со законски регулативи. Секој треба да поседува легитимација. И мора да истакнеме дека намалени се рибокрадците – нѐ информира Васил.

Тој има своја рибна фарма „Миа еко фиш“, рибник за крап, како и македонска пастрмка, калифорниска, клен и друга бела риба, и голем дел од своето слободно време го поминува овде. Лоцирана е над поранешното село Здуње. Вели дека местото го обожава затоа што има подземни извори, струења, и има потопено вегетација, податок што е важен за крапот и неговиот мрест.
Козјачкиот крап сакаме да го брендираме, дефинитивно има свои карактеристики што вреди да се истакнат.
– Ова е мое место, го знам, и тука сум постојано. Инаку, рибарите го претпочитаат близанскиот дел, рибарат на вливот на Треска. А, секако, се фаворизираат и оние делови до каде што се стигнува со автомобил, затоа што се пристапни – ни сподели Васил.


Само организирани посети во Јасен

Распоредот на објектите, стручниот организациски тим, биоценолошките, флористичките, фаунистичките, хидролошките и геолошките услови сублимирани во една компактна целина овозможуваат и нудат организирани посети со понуда на планински, езерски, алтернативен екотуризам, патеки за прошетки, екстремно возење планински велосипеди, јавање диви и питоми коњи, фотосафари на автохтони диви животни, пливање, нуркање, кајакарење, алпинизам, банџи-скокање, црковен туризам, ВИП-лов, посета на жив дивеч со исклучителна чистота на генотипот, рекреативен риболов преку целата година на целата површина на акумулацијата Козјак – стои во понудата на Јасен.
Во Јасен се нудат организирани еднодневни посети, семинари, научни истражувања, спелеолошки кампови.