Едрис и Вархолм во возбудливи трки ги одбранија титулите

71

Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“

Симпатичниот Абдерахман Самба беше причина во весело расположение да заврши четвртиот ден од Светското првенство во атлетика во Доха. Тој во трката на 400 метри со пречки лавовски се бореше, трет помина низ целта и го освои првиот медал за Катар. Неговата бронза ги предизвика гледачите на стадионот „Калифа“, во негова чест да заиграат самба и да ја изразат својата радост. Тоа беа навистина прекрасни мигови, а тоа беше и подарок за Катарците, кои се трудат и успеваат во тоа – беспрекорно да го организираат шампионатот. Самба е роден во Саудиска Арабија, која со еден мост е поврзана со Катар.

Асовите кога еднаш ќе стигнат на врвот не се предаваат и настојуваат нивната доминација да трае што подолго. Таков беше примерот и со двајца тркачи, кои пред две години во Лондон ги освоија титулите, а тука ги одбранија. Станува збор за тркачот на долги патеки Муктар Едрис од Етиопија и Карстен Вархолм од Норвешка на 400 метри со пречки. Едрис во трката на 5.000 метри, во која пред две години им го расипа славењето на Британците со победата над Мо Фара, тука само ја потврди својата висока класа. Со победата во својата дисциплина практично покажа дека уште од времето на Хаиле Гебресиласие ова е дисциплина на Етиопјаните. Во трката имаше многу пресврти, како во велосипедизмот, секогаш ќе се најдеше некој што ќе излезеше напред и ќе го „сечеше“ воздухот. Во еден момент, во завршните 1.500 метри се обиде да побегне Јакоб Ингебригстен, најмладиот од тројцата браќа од Норвешка, кои учествуваа во финалната трка што беше своевиден куриозитет, зашто досега вакво нешто не се случило.

Но Јакоб, кој зад себе ја има титулата од претходното ЕП во Лондон, се чини ги прецени своите можности и загуби сила, токму во моментите кога требаше да финишира. Тогаш настана вистинска бркотница на патеката, за на крајот Едрис да помине прв низ целта, пред својот сонародник Селемон Барега и Мохамед Ахмед од Канада. Победникот имаше резултат од 12:58,8 минути и беше побрз од Барега само за една десетинка. И уште еден историски момент за оваа дисциплина. Иако досега на патеката продефилираа многу асови од Етиопија, предводени прво од Гебресиласие, потоа и од Бекеле, ниту еднаш Етиопјаните до ова СП во Доха немаа двојна победа.
Трката на 400 метри со пречки беше посебно интересна, зашто таа требаше да даде одговор на прашањето дали светскиот првак од Лондон Норвежанецот Вархолм, кој влечеше една повреда, е доволно закрепнат за да може и тука да триумфира. Тој покажа дека стравувањето на неговите навивачи било непотребно. Во текот на трката беше напаѓан од Американецот Бенџамин, но тој на крајот со резултат од 47,42 секунди прв помина низ целта. Бенџамин заостана за 24 стотинки, а третопласираниот Самба 61 стотинка.

Во женска конкуренција Беатрисе Чепкоеч од Кенија, светската рекордерка на 3.000 метри со пречки, беше супериорна во текот на целата трка и победи со време 8:57,65 минути што е трет резултат на сите времиња. Русинката Марија Ласитскене во скок во височина беше најсигурна и победи со прескокнати 2,04 метри, колку што имаше и второпласираната Јарослава Махучик од Украина, која со тој скок постави нов светски рекорд во младинска конкуренција.
Јован Стојоски, единствениот учесник на СП од Македонија, вчера во квалификациите на 400 метри оствари време од 47,92 секунди (негов најдобар резултат е 46,92 секунди).


Средба со Карл Луис и со Лирој Барел

Меѓународното здружение на спортски новинари (АИПС) во популарниот Торч, кој се издигнува над стадионот „Калифа“, организира средба со Карл Луис и со Лирој Барел, двајцата спринтерски асови, светски и олимписки прваци и светски рекордери. Луис, за разлика од натпреварувачките денови, овој пат беше понасмеан и расположен за разговор, а Барел е истиот, насмеан и подготвен да зборува за атлетиката. Тој е еден од главните на колеџот во Хјустон, а Луис е еден од главните амбасадори на ИААФ, кој крстосува низ светот и ги анимира младите да дојдат во атлетиката. Навистина тоа беше несекојдневен и незаборавен настан.