Едностраната студена војна на Западот

1239

Проблемот меѓу Русија и Западот е всушност проблем на самите Западњаци. Ако има нова студена војна, таа ќе избие само зашто елитите не се помириле со новата реалност. Западот се оддалечува од рамнотежата на воена, политичка, економска и морална моќ и овој процес е премногу длабоко навлезен за да може да се запре

Зголемените тензии се само уште еден доказ дека Русија и Западот, според авторитетниот Ричард Хас, претседателот на Советот за надворешни односи, почнаа „втора студена војна“. Јас не се согласувам со ова. Точно, односите на Русија со САД и исто така со Британија, се полоши отколку во 1950-тите, а шансата за директен конфликт е поголема од времето на кубанската ракетна криза од 1962 година. Со оглед на сложеноста на денешните стратегиски нуклеарни оружја и системи дизајнирани да ги неутрализираат истите тие, не може да се исклучи можноста дека некој актер од двете страни или од трета страна може да испровоцира ескалација. Да бидат нештата уште полоши, не постои комуникација меѓу американските и руските лидери што се должи на недовербата кај двете страни. Американците чувствуваат нешто слично на омраза кон Русите, а многумина во Русија сега веќе отворено ги презираат Американците.

Ваквата психолошка заднина во билатералните односи навистина е полоша од ерата на Студената војна. Но тоа не значи дека денешните тензии ќе прераснат во нејзино продолжение. Таквата конфронтација ќе бара идеолошка компонента, која дефинитивно не постои на руската страна. Русија нема намера да води нова студена војна. Иако одреден степен на конфронтација со САД му помага на претседателот Владимир Путин да ја обедини јавноста додека ги зголемува националистичките квалитети на елитите, Русија не е идеолошки мотивирана држава. Каква идеологија и да има, таа е вкоренета во руската култура и цивилизација, а државата не е заинтересирана да ја извезува. Кремљ всушност претпочита да не се промовираат ставовите на Русија во нејзино име. Пристапот на Русија во надворешните односи долго време се концентрира на почитта кон националните интереси и суверенитетот и верувањето дека сите народи и нации треба да имаат слобода да донесат сопствени политички, економски и културни одлуки.

Русија исто така ги прифаќа универзалните човечки вредности, како што е вербата во Господ, семејството, државата, како и самореализирањето преку службата во општеството и на нацијата. Сонувам за можноста дека барем два отсто од обвиненијата за руското „мешање“ во американските претседателски избори од 2016 година ќе се покажат како точни. Тоа би ми ја зголемило самодовербата како Русин, додека ги учам Американците, чија влада одамна се меша во многу внатрешни работи на странските земји, дека е опасно е да се критикуваат други без притоа себеси да се погледнат в огледало. Но проблемот меѓу Русија и Западот, всушност, е само кај западните земји. Американската влада го користи руското мешање како еден вид заплашување за да ја врати загубената политичка контрола, особено во доменот на социјалните медиуми каде што незадоволните корисници и неконформистичките политичари конечно си го искажуваат своето мислење. Но дури и ако американските елити успеат да ја вратат назад контролата, сепак во Западот ќе се задржи еден подлабок извор на вознемиреност.

Барем во изминатата деценија светот беше сведок на крајот на 500-годишната хегемонија на Западот. Таа почна во 16 век, кога Европа разви подобри оружја и воени бродови и ја почна својата империјална експанзија. Во наредните векови, Европејците ја искористија својата економска, културна, политичка и особено воена доминација за да го исцрпат светското богатство. Неколку децении во втората половина од 20 век, доминантната позиција на Западот беше оспорена од Советскиот Сојуз и од Кина. Но по распадот на Советскиот Сојуз, САД се јавија како единствен хегемон, а светот како да се врати на неговото историско статус кво. За кратко време, САД премногу се наметнаа со тоа што се вклучија во погрешни геополитички авантури како инвазијата на Ирак. Потоа следуваше финансиската криза од 2008 година, која ги откри слабостите на капитализмот од 21 век.

Истовремено, САД одамна водат воена супериорност. Во 2002 година еднострано го укинаа договорот за антибалистички ракети од 1972 година. Неодамна почнаа масовно зајакнување на конвенционалните сили и модернизација на нуклеарниот арсенал. Сепак, Русија, Кина и другиот дел од светот нема да дозволат враќање на американската хегемонија. Путин неодамна јасно го покажа со тоа што претстави голем број нови, најсовремени стратегиски вооружени системи, како дел од она што јас би сакал да го наречам стратегија на „превентивна одбрана“. Пораката беше дека САД не можат да се надеваат дека ќе ја вратат целосната воена супериорност, дури и ако ги искористат сите ресурси во трката за вооружување, како што направи Советскиот Сојуз. Прелиминарните процени што неодамна ги направивме заедно со моите колеги покажуваат дека САД дури и да почнат еднострана студена војна, нема да имаат добри шанси против Русија, Кина и другите сили во подем. Настана голема промена во рамнотежата на воената, политичката, економската и моралната моќ што Западот повеќе не може да ја врати во своја корист.

Сепак, нова студена војна, дури и ако генерално е еднострана, може да биде екстремно опасна за човештвото. Големите светски сили треба да се концентрираат на зајакнување на меѓународната стратегиска стабилност преку дијалог повторно да се отворат каналите на комуникации меѓу војските и да ја врати цивилизираноста во нивните интеракции. Исто така треба да размислиме за воспоставување подипломатски, законодавни, академски и образовни размени. Најмногу од сè, треба да престанеме меѓу себе да се критикуваме. Светот влегува во опасен период. Но ако сме паметни, можеме да изградиме побалансиран меѓународен систем во кој големите сили ќе се бранат една со друга додека соработуваат во решавањето на светските проблеми. Во меѓувреме помалите држави ќе имаат поголема слобода да се развиваат според своите сопствени политички, културни и економски приоритети. Се распадна систем со кој предводеше Западот. За да обезбедиме мирна иднина, треба да почнеме заедно да работиме за да изградиме нова.

Авторот е декан на школата на меѓународна економија и надворешни односи на Вишата економска школа при Националниот истражувачки универзитет во Москва и е почесен претседавач на Рускиот совет за надворешна и одбранбена политика