„Дхаммапада“ на Буда првпат преведена на македонски

416

„Дхаммападата“ може да се сфати и како еден патоказ, кој ни укажува на тоа дека ние самите на себеси сме си господари, заштитници и непријатели

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ ја објави позната книга за будизмот – „Дхаммапада. Мудроста на Буда“. „Дхаммапада“, чие авторство му се припишува на самиот Буда, е еден од најпознатите и најважните текстови од будистичката литература напишан на јазикот пали, кој ги утврдува основните етички принципи и го полага филозофскиот фундамент на раниот будизам. Вклучен е како составен, но целосно независен дел во средниот дел Сута-питака од Типитака, т.е. од будистичкиот Пали-канон. Текстот претставува збир од 423 изреки групирани во 26 тематски поглавја.

Изреките се кратки и лаконски и се одликуваат со изразена едноставност, а често се во форма на теза и антитеза, но со поетичноста, реалистичноста и многубројните совети оставаат силен впечаток кај читателот. Нишката што ги поврзува сите нив е прашањето на моралното и неморалното живеење, јасното исцртување на доброто и на злото и согледувањето на патиштата што водат кон среќата и кон пропаста. „Дхаммападата“ исто така може да се сфати и како еден патоказ, кој ни укажува на тоа дека ние самите на себеси сме си господари, заштитници и непријатели.

Сидарта Гаутама-Буда од budh (разбуден, се будам) е мудрец роден во 486 година пред нашата ера во аристократско семејство во Лумбинија, место сместено на денешната граница меѓу Индија и Непал. Во својата 29-та година сфатил дека богатството во кое живеел дотогаш не му донело среќа, па тргнал да ги истражува различните учења на тоа време за да го пронајде клучот за човечката среќа. По шест години учење и медитација го пронашол средниот пат, а остатокот од животот го поминал пренесувајќи го своето филозофско учење, кое го нарекол дхамма и врз кое подоцна настанала будистичката религија.
„Дхаммапада“ е првпат објавена на македонски јазик. Преведена е од руски јазик, преводот е на Ленче Тосева, а е базиран врз руски превод од јазикот пали.