Духот од Версај сѐ уште ја прогонува Европа

146
Грци бараат воени репарации на протести против штедењето наметнато до Германија

Економскиот историчар Роберт Скиделски, предавач на „Оксфорд“ и постојан професор по политичка економија на универзитетот „Ворвик“, е еден од ретките што сегашниот правец на развој и структурирањето на внатрешните односи на Европската Унија ги поврзуваат со еден век стариот поредок од Версај, со тоа што Европската Унија е само последната реинкарнација

Версајскиот мировен договор, со кој заврши Првата светска војна, е потпишан во јуни 1919 година, а тој ѝ наметна на Германија огромен товар на долгови. Сто години подоцна, Германија ја презема улогата на, по сопствено убедување, правичен кредитор, кој сам создава правила и е згрозен од коцкарскиот морал на своите должници, игнорирајќи ги дестабилизирачките и заразни ефекти од отплатата на долговите за должниците од еврозоната, кои стануваат посиромашни, пишува во својата статија „Од Версај до еврото“ економскиот историчар Роберт Скиделски, предавач на „Оксфорд“ и постојан професор по политичка економија на универзитетот „Ворвик“. Тој е еден од ретките аналитичари што сегашниот правец на развој и структурирањето на внатрешните односи на Европската Унија ги поврзуваат со еден век стариот поредок од Версај, со тоа што Европската Унија е само последната реинкарнација, посочува „Геополитика“.

Роберт Скиделски

– Годинава се одбележува еден век од Версајскиот договор, еден од договорите што доведоа до крајот на Првата светска војна. Во извесна смисла, играчите ги заменија местата. Додека договорот наметна огромни обесштетувања на грбот на Германија, денешна Германија презеде водечка улога во наметнувањето големи должнички обврски кон членката на еврозоната, Грција, како и кон другите задолжени членки на ЕУ. Играта остана иста. Доверителите бараат враќање на нивните инвестиции и на нивниот профит, а должниците сакаат да го избегнат тоа. Тие сакаат нивните долгови да бидат простени, додека доверителите не сакаат ниту да зборуваат за тоа, игнорирајќи ги ефектите од таквите практики врз должниците – пишува Скиделски.

Според него, Европската Унија не ги научи лекциите на Версај за долговите, ниту ги слушаше пророчките предупредувања на Џон Мејнард Кејнс, кои тој јавно ги кажа во времето на склучувањето на мировниот договор во Версај.

Скиделски предупредува дека денешната Европска Унија создава ист кризен потенцијал како и изворно воспоставениот Версајски мировен систем. Според него, оттогаш не е променето ништо фундаментално. Картите на лидерите се измешани многупати од 1919 година, но играта останува иста

Кога заврши Првата светска војна, победниците решија дека Германија треба да ја плати штетата што ја предизвикала од војната, меѓу другото, и за другите да можат да си ги исплатат долговите едни со други. Иако, според процените на Кејнс, Германија можела да оствари годишен трговски вишок само од 250 милиони долари, или два отсто од бруто-домашниот производ (БДП), што би изнесувало 7,5 милијарди американски долари во текот на 30 години отплата на наметнатиот долг, Федералната комисија за репарации во мај 1921 година утврдила дека Германија во тоа време на име воени штети должела неверојатни 33 милијарди долари. Но сумата што е ставена во ефективна отплата е намалена на само 12,5 милијарди долари, што бараше Германија да врши годишна исплата од 350 милиони долари. Трикот беше во тоа што од Германија се бараше да издаде три сета обврзници, но од неа се бараше да плати главнина и камата само на првите два сета (класа А и Б), со тоа што сетот обврзници Ц никогаш не беше ставен за отплата, иако и понатаму беше составен дел од вкупниот долг на кој се пресметуваше каматата. Одржувањето на големиот фиктивен германски долг додека се обидуваше да излезе од отплатата на помалиот или на реалниот долг продолжи и во 1920-тите. Всушност, Германија не само што не можеше никогаш да го врати својот вкупен долг, кој, на крајот на краиштата, постојано се зголемуваше, туку таа не можеше да го врати ниту долгот по обврзниците А и Б, односно т.н. реален долг, па тоа го стори со подигање нови кредити, и тоа од американските банки.

Во 1926 година, Кејнс реагираше жестоко, укажувајќи на парадоксалната ситуација: „САД ѝ позајмуваат пари на Германија, Германија им ги дава тие пари на победничките сојузници на име на свој долг, а тие ги враќаат во американските банки на име на своите воени долгови направени за воени цели“. Значи, всушност, никој не го исплаќа растечкиот долг, само што ја осигурува заработката, во случајов за американските банки.

Како што посочува Скиделски, набргу се случиле падот на Волстрит и Големата депресија, а Германија повеќе не била во можност да добие нови заеми од американските банки. Нејзините доверители од Версај продолжија да бараат намирување на долговите, барајќи строго штедење и кратење на трошоците, до што таа се придржуваше, а веќе во 1931 година, германската економија падна за 25 отсто во однос на 1929 година и невработеноста достигна 35 отсто. Ваквата политика на исполнување на сите обврски го отвори патот за Адолф Хитлер, кој едноставно одби да го врати долгот и целосно го отфрли.

Скиделски заклучува дека „денешната игра со долгови во Европската Унија има многу паралели со Европа по Првата светска војна“ и дека оваа состојба може, сосема логично, да доведе до идентични последици. Конечно, тој го цитира пророчкото предупредување на Кејнс од 1919 година: „Политиката на понижување милиони човечки суштества и лишување цели нации од какви било изгледи за развој е одвратна и ќе има разурнувачки последици“. Сето ова може да се повтори и денес.
Европската Унија очигледно не може да ја совлада оваа лекција, од едноставна причина што се заснова токму на мировниот поредок од Версај, кој, според Скиделски, служел за геоекономска и геополитичка злоупотреба на цели нации, а Европската Унија денес е само негова нова реинкарнација.

ЕУ го има истиот кризен потенцијал на версајскиот поредок