Дуел(и)

1585

Затоа, бесмислено е прашањето кој победил, бидејќи со вакви лидери (и сите оние што внатре во парламентот Заев ги купува на пазар со многу пари и привилегии) Македонија е во кома! Политичката арена е арена на неумните и бескрупулозните; другите остануваат декор за наводна демократска јавна дебата

Пред неколку дена се случи настан од (наводно) големо јавно значење: по можеби петнаесетина години, во ТВ-дуел и тоа на македонскиот јавен сервис се соочија премиерот и лидер на владејачката партија и лидерот на најголемата опозициска партија. Времето на одржување необично, бидејќи ниту земјата се подготвува или е среде изборен процес, ниту пак Владата се соочува со парламентарна криза. Но опозиционерот ја фрли ракавицата, и со тоа покажа колку е различен од немуштиот Груевски, кој беше критикуван, па дури и предизвикуван од тогашната опозиција како плашливец што бега од јавно соочување (освен во ТВ-студија во кои се чувствуваше како дома и во кои со водителите зборуваше на ти). Премиерот, пак, можеше да си запише уште една победа во демократскиот тефтер: ниту тој е Груевски, па „храбро“ седна наспроти противникот и разговараше на различни теми. Но од целиот овој „настан“ верувам дека најсреќни беа претставниците на „меѓународната заедница“, кои добија крунски доказ дека во земјата е вратен политичкиот дијалог и дека, како во сиот демократски и цивилизиран свет, политичките ривали не ги решаваат несогласувањата со физички методи, туку со размена на политички аргументи. Кај дел од јавноста, а особено на социјалните мрежи се разви дополнителна дебата – кој победи: Заев или Мицкоски. Но тажната вистина, барем во моите очи, е дека размената на навреди и клевети, колку и да беше во сомотски ракавици и навидум обвиена со пристојност, покажа само дека Македонија тоне кон дното на дното (дно дна, што би рекол Балашевиќ). Мнозина од нас, постарите, се сетија на еден антиклимакс во ваквите политички дуели: судирот помеѓу Љубчо Георгиевски и Бранко Црвенковски. Дуелот заврши на начин што го занеме не само водителот, туку и целата јавност: едниот праша за менталното и душевното здравје на другиот (алудирајќи дека е душевно болен), а овој пак одговори со контрапрашање за зависноста (од дрога и алкохол) на соперникот. Или можеби беше обратно, но разголениот македонски политички двоец на ачик покажа кој тоа ја води државата. Што покажа најновиот дуел? Едно големо ништо! НУЛА! Или поточно, многу нули зад една единица, бидејќи двајцата нови лидери, за разлика од нивните претходници, настапија како претприемачи и богати луѓе, кои се „гаѓаа“ со клевети за незаконито богатење, печалење со тесни политички врски со центрите на одлучување, и со амнестирање од правна одговорност (до душа, во оваа дисциплина Заев води со 3:0, иако зборува небаре светец). Можевме да сфатиме дека последните деценија-две државата тонела правопропорционално со богатењето на политичарите, а висината на нивната политичка позиција е обратнопропорционална од интелектот што го поседуваат. Веќе станува симптоматично (и веројатно прашање за некој што се занимава со политичка психологија или психијатрија) што политичките лидери за себе и за она што го прават зборуваат во трето лице еднина. Сепак, најважното нешто не е во она што го кажаа, туку во она што не го кажаа, а најтрагично е она во што практично се сложија навидум спорејќи. Духот на „Жан Моне“ висеше над нивните глави. Бидејќи овој семестар предавам токму за институциите на ЕУ, морам да го потенцирам најновиот „бисер“ на премиерот за кого е сеедно дали „чиста препорака за почеток на преговорите“ стигнала од Советот на Европа или од Европскиот совет. На моите студенти од втора година постојано им нагласувам дека мораат да бидат подобри од голем број новинари и јавни личности, кои не знаат елементарни работи како тоа дека Советот на Европа е различна (и постара) меѓународна организација од ЕУ, а дека Европскиот совет е една од институциите на ЕУ, различна од Советот на ЕУ (или Советот на министри). Најтрагично од сѐ е што нашата „чиста препорака“ дојде од една сосема трета институција, од Европската комисија, која ни оддалеку го има последниот збор во процесот на проширување.
Набргу по дуелот, стигна и студениот туш во вид на т.н. нон-пејпр, во кој се кажува јасно дека во највисоките тела за донесување одлуки (Советот на ЕУ и Европскиот совет) нема расположение за одлука за почеток на преговори ниту за Македонија, ниту за Албанија. Со други зборови, ова беше ехото на она што го кажаа веќе Макрон и уште неколку премиери на државите-членки. Со „потопувањето“ на бродот на оптимизмот (или „Пријателството“) во Њујорк, можеби владејачката гарнитура пак ќе се фаќа како давеник за сламка, барајќи оправдување дека спорот за името е клучната пречка, но и последниот извештај за напредокот на земјата и сѐ што следуваше потоа укажуваат на тоа дека „царот е гол“, т.е. дека нема ни Р од реформски процеси. Погледнато во ретроспектива станува сосема јасно дека коцкарскиот тим на власт цела година тезгари со името како со главна валута за добивање датум за преговори или барем членство во НАТО. Наместо да го прават она за што беа гласани и избрани, тие им го свртија грбот на гласачите и тргнаа во додворување на странците, и тоа во врска со нивните геополитички игри. Европеизацијата на Македонија никогаш и не била поврзана со промената на националниот и државниот идентитет, туку со упристојувањето внатре. Капацитетот за чекорење кон ЕУ се докажува со конкретни зафати, но тие секако немаат врска со угостителското лоби и со ваучерите за пијаните гости во (скапите) ресторани. Што се однесува до НАТО, пропагандистите одамна верглаат една иста мантра за мир, безбедност и инвестиции, но поминете на грчко-турската граница и ќе видите една бизарна, но и застрашувачка слика: граничен премин, кој ни малку доликува на напуштање на територија на ЕУ, а „ничија земја“ практично нема, бидејќи грчки и турски аскер вооружен до заби, со автомати и шлемови, покажува како стојат работите помеѓу две членки на НАТО, односно помеѓу ЕУ и кандидатката за членство Турција. Само на терен можете да ги почувствувате потта и стравот што владеат помеѓу наводните сојузници и миротворци. Споредено со ова, помеѓу Македонија и Грција владее поголем мир отколку на границата што е на неколку стотици километри југоисточно.
Дуелот меѓу Заев и Мицкоски беше/е лика и прилика на нашите „вождови“. Таа вечер можеше да се доживее и како македонската трагедија во два чина: на едниот ТВ-канал гостуваше една од најпаметните жени/професорки, а на другата Глупиот и Поглупиот, двајцата соучесници во разнебитувањето на Македонија. Не станува тука збор само за контрастот помеѓу умот и разумот, од една страна, и некадарноста и неморалот од другата, односно во фактот што секој оној што има интегритет и ум е неподобен за политика, туку и за една извртена пропагандистичка игра. Некои пријатели ја деконструираа укажувајќи дека поканата за Силјановска требаше да биде смоквин лист за очекуваната јавна бламажа на премиерот, па затоа професорката требаше да одржи монолог, токму за она за што другите двајца молчеа како риби, ама на другиот ТВ-канал. Така, таму каде што имаше аргументи, немаше дебата, а таму каде што имаше дебата – немаше аргументи туку лични навреди. Може да се претпоставува зошто терминот за двата настана се преклопи: за мнозина што се навикнати на гладијаторска политика, умот не царува, туку каналот се врти за да се остане во рамките на црно-белиот свет, кој никако не дозволува да се истакне некој со сосема различен поглед на најсуштествените прашања. Професорката доби неочекувано прашање дали ќе се кандидира за претседателка на Републиката, но тоа изгледаше повеќе како шега одошто како сериозно прашање. За тоа време, гладијаторската публика доби повеќе игри одошто леб. Затоа, бесмислено е прашањето кој победил, бидејќи со вакви лидери (и сите оние што внатре во парламентот Заев ги купува на пазар со многу пари и привилегии) Македонија е во кома! Политичката арена е арена на неумните и бескрупулозните; другите остануваат декор за наводна демократска јавна дебата.