Дудинка – вкусна мамка за кленот

168

Дудинката спаѓа во групата овошки што се меѓу најслатките за одредени видови риби, а тука пред сѐ се мисли на кленот. Доколку може да се избира помеѓу две дрвја, подобро е да се одберат оние дудинки што се послатки, односно зрели. Таа најдобро се монтира на јадицата, со нејзин целосен опсег. При риболовот добро е да се користат јадици осумка или шестка, на кои дудинката може квалитетно да се монтира.
Ако се лови на тапа, подобро е да се користат тапи со поголема носивост, односно од 5 до 8 грама, за да може да се лови и во побрзите води. Доколку се лови на река и на тапа, кленот треба да се бара на места каде што реката има природен водотек и помеѓу брзаците каде што има понекој камен.
Со една дудинка, која е мека и зрела, може да се фрла јадицата најмногу 10 пати. Некои риболовци практикуваат да ја отстранат дршката, а други, пак, сметаат дека дудинката треба да си остане во нејзината природна форма. Но и двата начина се функционални. Кога се лови на река, оловото на конецот треба да е кренато малку повеќе од вообичаеното (40-50 см), за дудинката да може доволно да се тркала по дното.

Со дудинката може да се лови на „чек“, односно со возење, но и на „пец“, т.е. без олово. При ваков риболов, од самото зафрлање на дудинката, доколку на местото има клен, може да се очекува брз удар на рибата со брзо земање на дудинката. Треба да се истакне и тоа дека, освен кленот, и мрената е љубител на добра дудинка, па многу често имало случаи додека се очекува клен, да „удри“ мрена.
Сепак, не треба да се заборави да се подготви кочницата, односно да се олабави амортизерот, оти на водотеците што се побрзи, ударот на поголем клен или мрена ќе значи риба што со помош на брзаците ќе има огромна сила, а риболовецот, пак, чувство дека влече риба од 4 до 6 кг. Токму затоа риболовецот треба да биде подготвен и смирен при нивното ловење.