Драган Радосављевиќ: Капитен на една златна генерација

262

Радосављевиќ беше еден од најдобрите македонски кошаркарски центри. Тој беше и капитен на младинската репрезентација на Југославија, која беше прва на Балканијадата во Риека во 1970 година

Во годините кога Лазар Лечиќ ги поставуваше темелите на современата кошарка, во Македонија имаше недостиг од високи играчи. Тоа беше проблем што се провлекуваше со години, па затоа кога на улица ќе се појавеше некое високо момче веднаш беше прибирано во кошаркарските клубови. Така, трагајќи по кошаркар за центарската позиција, познатиот тренер, сега покоен, Баки Малиќи, го „откри“ Драган Радосављевиќ. Неговата височина (204 см) беше, за тоа време, импресивна, и многумина во КК „Слога“, каде што Малиќи беше тренер, беа среќни што најдоа младо, високо момче, кое требаше да заигра на центарската позиција. Но веќе по првите настапи во 1967 година, Лечиќ го забележа Радосављевиќ и по само неколку месеци минати во „Слога“, тој се најде во „Работнички“.

– Со оглед на тоа што во тимот на „железничарите“ имав многу подобри услови за тренинг и за напредок, во мојот матичен клуб не ми направија проблем кога Лечиќ ме побара да дојдам во „Работнички“, кој тогаш се натпреваруваше во силната Прва лига на тогашна Југославија. Конечно мојот сон се исполни, дојдов во екипа во која имаше повеќе афирмирани кошаркари, бековите Јанко Луковски и Стерули Андоновски, Владимир Боцевски, покрај кого секогаш беше вредниот и можеби најборбениот играч што го имал „Работнички“, Ристо Ѓорчевски, и уште неколкумина, исто така квалитетни млади играчи. Бев свесен дека ме очекува многу работа и напорни тренинзи за да се доближам до нив. Затоа, не ми претставуваше проблем да имам и по три тренинзи дневно. Многумина од денешниве играчи можеби ќе се зачудат кога го велам ова, но тоа беше вистина. Само така можеше да се успее во силната конкуренција која владееше во „Работнички“ – се потсетува Радосављевиќ.

Откритие во ју-кошарката!

Драган Радосављевиќ брзо напредуваше и за краток период, потпомогнат од своите соиграчи, си обезбеди место во тимот. Заигра на центарската позиција, заедно со искусниот Боцевски и веднаш стана играч за кого „на големо“ се говореше не само во македонските, туку пошироко и во југословенските кошаркарски кругови.

– Заслуга за мојот брз подем, покрај Лечиќ, имаат и моите клупски другари. Во „Работнички“ тогаш владееше големо другарство, немаше љубомора и секој секому се трудеше да му помогне. Така, сите го подобрувавме квалитетот на екипата која беше конкурентна меѓу веќе афирмираните југословенски прволигаши – вели Радосављевиќ.
Дебито на Радосављевиќ беше на мечот против „Олимпија“ во Љубљана, која на центарската позиција го имаше корпулентниот Дермастија.

– На потфрлувањето на топката добив еден „невидлив“ удар од Дермастија, така што не успеав да се мрднам од место. Немаше шанса да скокнам. Дермастија тоа многу итро и интелигентно го направи. Но јас бев почетник и тоа за мене беше добра лекција уште на стартот од прволигашката кариера за да знам што ме очекува во дуелите со најдобрите југословенски центри. Инаку, на деби-мечот постигнав само два коша, а „Олимпија“, која беше фаворит, забележа победа – се сеќава Радосављевиќ.
Оттогаш почнаа да се нижат средбите со другите противници и како што минуваше времето, Радосављевиќ прераснуваше во сѐ поквалитетен центар кој го привлекуваше вниманието на јавноста.

Капитен на младинската репрезентација

За брзиот напредок на Драган Радосављевиќ говори и фактот што тој набргу стана член на младинската репрезентација на Југославија што ја предводеше токму неговиот тренер Лазар Лечиќ.

– Сите овие настапи придонесоа да бидам многу посигурен и да верувам во себе. Знаев дека патот кон успехот ми е отворен и настојував постојано да играм на високо ниво, како во репрезентацијата така и во „Работнички“. Како резултат на тие одлични игри дојде и довербата на стручниот штаб на младинската репрезентација, кој ми ја додели капитенската улога. Тоа беше големо признание за мене, но и голема обврска.

Требаше да ја предводам екипата, во која од „Работнички“ беше уште Благоја Георгиевски, а од другите клубови Јариќ, Сагадин, Дамјановиќ, Остарчевиќ, Ракочевиќ, Гвардијанчич, Живковиќ, Ковачевиќ и Томиќ – раскажува Радосављевиќ.
Младинската репрезентација во 1970 година триумфираше на Балканијадата во Риека.

Радосављевиќ и Георгиевски имаа голема заслуга за овој триумф, но пред нив сега стоеше нова обврска, настап на Европското првенство (ЕП) за младинци во Атина.

– Во силната конкуренција не успеавме да стигнеме до медал и моравме да се задоволиме со четвртото место. Но факт е дека во Атина почувствувавме оти сме зрели за поголеми дострели. Всушност, атинскиот настап за нас беше пресуден да видиме дали ќе нѐ биде или не. За среќа, речиси сите кошаркари од тој состав станаа стандардни во своите екипи и долго време беа актуелни на кошаркарската сцена.

Некои, како Георгиевски, заиграа и за сениорската репрезентација. За жал, тоа со мене не се случи. Причина за тоа е силната конкуренција за центарската позиција, но и предноста што секогаш ја имаа играчите што беа членови на поелитните клубови, кои беа поблиску до оние што ја креираа целокупната кошаркарска политика. Но тоа не ме загрижуваше, јас продолжив со ист интензитет и бев среќен што станав клучен играч во „Работнички“. Бевме почитувани насекаде, сите со нетрпение очекуваа да видат каков новитет во играта ќе им понуди „Работнички“ – истакнува Радосављевиќ.

На нишан – белградските клубови

Во времето кога „Работнички“ зачекори во елитното друштво, во Скопје владееше вистинска кошаркарска еуфорија. Салата во Градскиот парк беше мала и претесна да ги собере сите вљубеници на кошарката.

– Тоа беа години кога никој не бараше бесплатен билет, туку напротив, секој сакаше да купи билет. На тој начин симпатизерите покажуваа колку го сакаат својот клуб. Тоа беше нешто неверојатно. Атмосферата кулминираше во средината од 70-тите години, кога игравме во Купот на победниците на куповите (КПК). „Црвена звезда“ ни го отстапи тоа место, бидејќи играше во Купот на шампионите (КЕШ) и не можеше да настапува на два фронта. Ние во тие години постојано бевме меѓу четвртото и шестото место на прволигашката табела, што покажуваше дека имавме константно висок квалитет, па така ју- кошарката немаше да се обрука ако ние излеземе на европската сцена. И навистина, ние не само што не се посрамотивме, го покажавме својот квалитет, и доколку нечесно не загубевме со „Чинцано“ во Милано, можевме да стигнеме и до финалето. Велам нечесно, затоа што не може поинаку да се објасни фактот што јас и Георгиевски добивме труење од храната. Јас едвај стоев, но го облеков дресот и се мачев колку-толку да му помогнам на тимот, а Буштур не беше во состојба ниту да стане од кревет и остана во хотелската соба. За жал, така заврши нашето европско патешествие – вели Радосављевиќ.

Од многуте мечеви одиграни во богатата кариера, Радосављевиќ се сеќава на една сезона кога ги победија сите белградски прволигаши, и тоа во низа.

– Најнапред „жртви“ ни беа „Раднички“ и „Беко“, а потоа на ред дојдоа „Црвена звезда“ и „Партизан“. Љубителите на кошарката со неверување ја проследија оваа наша серија и се прашуваа што се случи, каков феномен беше тоа! Сплотеноста, другарството, мотивацијата и публиката која беше нашиот шести играч направија да одиме напред и да бидеме цврст орев за секој противник. Сите кон нас почнаа да гледаат со почит – вели Радосављевиќ.

Оваа убава приказна траеше со години, а кога почувствува дека треба да им го отстапи местото на помладите, Радосављевиќ го засили „МЗТ“, кој во 1986 година стана прволигаш. Потоа играше и во Австрија, за екипата на „Валс“, бидејќи таму го одведоа работните обврски, за потоа повторно да дојде во Македонија и еден период да настапува за КК „Куманово“ и за КК „Гостивар“. Така дојде и крајот на неговата долгогодишна играчка кариера. Еден период беше ангажиран во телата на Кошаркарската федерација на Македонија.


Лична карта
Роден: во 1949 година во Белград
Кариера: КК „Работнички“, „МЗТ“, „Куманово“, „Гостивар“, „Валс“ (Австрија), младинска репрезентација на Југославија
Успеси: Златен медал и капитен на младинската репрезентација на Југославија на Балканијадата во Риека, 1970 година. Четврто место на ЕП за младинци во Атина 1970 г., полуфинале во КПК со „Работнички“, пласман во Првата лига на Југославија со „МЗТ-Скопје“, учество во две финалиња за Купот на Југославија.