Дорегулација на 30-те секунди, пасивниот напад, прекршоците од голман…

154

За да се избегнат различните интерпретации и имплементации на дел од правилата на играта, Светската ракометна федерација (ИХФ) во пресрет на Светското првенство за јуниорки, во Унгарија, направи прецизирање на дел од правилата. Така, во случај да се повтори ситуација како на натпреварот Словенија – Германија на Европското првенство (ЕП) годинава, кога по видеоанализа беа досудени исклучување и пенал за Германија во последната секунда, ИХФ објави детали од модифицираното правило.
Сега секој обид да се спречи изведување почетен удар во последните 30 секунди од натпреварот, на кој било дел од теренот, доколку играчот што се обидува да блокира е поблиску од три метри од изведувачот, ќе значи исклучување на играчот и пенал за противникот. Ако играчот е поблиску од три метри, но е пасивен и не прави опструкција, тогаш нема да има казна.
Исто така, дефинирана е и една спорна ситуација при пасивна игра. Доколку играчот шутира на гол, а топката се одбие од блок до него или до соиграч, тоа ќе се смета за додавање (едно од дозволените шест по знакот за пасивна игра). ИХФ детално ги прецизира и ситуациите со голманот надвор од голманскиот простор. Прекршок на голман надвор од голманскиот простор и понатаму ќе значи црвен картон, но тоа веќе нема да биде случај кога голманот трча во ист правец со напаѓачот, односно кога се враќа на голот по измена.
Во ситуација на празен противнички гол, чиста ситуација за постигнување гол ќе се смета само кога играчот шутира кон голот, а доколку се попречи играчот при шутирањето, задолжително се досудува пенал. Ако, пак, играчот е во контра, додава кон соиграч или трча кон противничкиот гол, но не во позиција за шут, ако биде направен прекршок нема да се досудува пенал.
При грешка во записникот, ако на терен влезе играч со број на дресот што е различен од тој што е во записникот, тимот нема да ја загуби топката, како што беше случај досега, туку ќе мора да се коригира грешката, а екипата останува во посед на топката.