„Долфи“ е технологија од следната генерација што ќе ви ја исчисти облека без машина за перење

308

За многумина, особено за оние што имаат активен животен стил, машината за перење претставува скапа инвестиција. Во текот на студентските денови и во понатамошниот возрасен живот, кога станува збор за перењето алишта, речиси за секого претставува активност што сака да ја избегне. Сите што го имаат ова чувство сега можат да се опуштат. Инженерската лабораторија „МПИ ултрасоник“ во Швајцарија произведе уред од следната генерација што е наменет за перење алишта наречен „Долфи“.

Користејќи ја моќта на ултразвучната технологија, уредот, кој има џебна големина, користи 80 пати помалку енергија од стандардната машина за перење. Направата е подготвена да се справува и со суперделикатна облека или облека во помало количество што не би имало смисла да се пере во машина за перење. „Долфи“ овозможува да се чистат ткаенините без оштетување или обезбојување. Овој мал уред ги чисти ткаенините однатре со високофреквентни звучни бранови. Ултразвучните бранови создаваат микровибрации, кои овозможуваат чистење без триење, вртење или истегнување на ткаенините. Предвидената цена за уредот е 149 долари. Се поставува прашањето како се користи. Сѐ што треба да се направи е да се стават алиштата во сад или мијалник, да го наполните со вода, да додадете детергент, да го ставите уредот и да го вклучите.

Моќниот трансдуктер емитува ултразвучни бранови што патуваат низ водата и создаваат висок притисок, кој се појавува во форма на меурчиња. На овој начин безбедно се пере нечистотијата од алиштата. По околу 30 минути може да се исплават алиштата и да се стават за сушење. „Долфи“ е совршен придружник за оние што сакаат да патуваат, претставува пренослив уред за перење алишта, кој со својата големина не одзема голем простор. Напротив, заштедува од просторот за пакување кога се патува. Дизајнот и концептот на уредот се направени да ги привлечат потрошувачите што се заинтересирани за уреди со висока технологија. Крајниот резултат е мал рачен производ, кој поседува напредна технологија, со високи перформанси. Швајцарската компанија разви низа фреквенции што би биле погодни за чистење различни видови ткаенини. Технологијата на мултифреквенција може да се користи за повеќе различни цели, бидејќи брановите што ги генерира може да се нагодат за да одговараат на различни материјали и функции.

– Прецизното модулирање на ултразвучните бранови би можело да се справи со нечистотија и бактерии на микроскопско ниво. Овој револуционерен метод е во можност да ја исчисти облеката без да ја оштети или обезбои ткаенината. Сакаме на луѓето да им ги олесниме нивните патувања, наместо да даваат пари за скапи услуги за перење или да носат повеќе алишта и да го намалат просторот за багаж – изјави Андре Фангуиро, дизајнер на производот „Долфи“.