Документите со „северна“ треба да се третираат како окупациски!

219

По институционалната окупација на Македонија, со исфрлање на сѐ што е „македонско“ од главните 136 институции поврзани со македонскиот национален идентитет, македонските институции и документи во кои ќе стои новото, сосила наметнато име „Северна Македонија“ треба да се третираат како привремени окупациски институции и документи до повторното воспоставување македонска власт и враќање на македонскиот национален и институционален идентитет! Во деновите што следуваат до претседателските, a многу бргу потоа и до предвремените парламентарни избори, односот кон ваквите северџански „национални“ институции и документи треба да биде дел од отпорот што Македонците ќе мора да го практикуваат во својата институционално окупирана држава. И во некои поранешни времиња нашите луѓе привремено морале да користат окупациски документи, но таквите хартии во тоа време ги добивале од туѓинци. Трагичноста на денешната ситуација е во тоа што сега таквите документи ќе ги издаваат некакви наши, односно „северџански“ институции, кои ќе тврдат дека се македонски. Оној штембил што веќе го ставаат на важечките пасоши на Република Македонија е како инквизициски жиг за обележување на сите што не мислат како човекот за кого „холокаустот е традиција“. Во секој случај, факт е дека и во други наши ропски времиња народот бил присилен да бара и да вади документи што не ги признавал и не ги сакал, но морал да ги користи за да оствари одредени граѓански права. Така, на пример, Гоце Делчев, Даме Груев или Ѓорче Петров сите официјални документи што морале да ги имаат биле документи на окупаторот. Во тоа време Македонија била под османлиско ропство, па документите ги издавала османлиската окупаторска администрација. Подоцна, меѓу двете светски војни, Кочо Рацин, основоположникот на современата македонска книжевност, на пример, службените документи морал да ги бара од српската окупаторска власт во Велес, исто како и Методија Андонов-Ченто во Прилеп. По окупирањето на Македонија во Втората светска војна, Македонците морале да вадат документи од бугарската или од италијанската, односно албанската окупаторска власт.

Во време на бугарската окупација на Македонија, на пример, секој извод на родените, свидетелствата за завршено образование, секоја лична карта или пасош се издавале на бугарски, со печат на бугарската окупаторска администрација. Претпоставувам дека одредени српски меѓувоени „ослободителни“ документи, а потоа и исто такви бугарски документи, во одреден период морале да имаат и Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Анте Поповски, Коле Чашуле, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски…, но и Киро Глигоров, Михајло Апостолски, Крсте Црвенковски и многу други наши писатели, општественици и интелектуалци родени меѓу двете светски војни. Во учебната 1941/1942 година во Македонија биле отворени 800 основни училишта, 180 осмолетки, 10 полни и 7 неполни гимназии, и сите издавале свидетелства на бугарски јазик за „Бугарите од западните предели“. Денес, седумдесет и шест години подоцна, благодарение на оваа октроирана власт, првпат сите Македонци, или барем оние што немаат друг избор, ќе мора повторно да добијат окупаторски документи во кои ќе стои име на држава што тие не го поддржале на референдум, име што без нивна дозвола го изгласаа грст јадни, алчни и уценети пратеници. Во таков случај, име усвоено без поддршка на народот е антинародно, наметнато име, а неговата присилна употреба не може да биде ништо друго туку своевидна административна окупација. Барајќи излез од тоа, многу наши луѓе ќе ги задржат само документите од земјите каде што живеат (фудбалерот Горан Пандев деновиве јавно зеде италијанско државјанство), а Македонците што ќе останат да живеат во својата окупирана држава ќе се обидат да добијат документи од други држави во соседството. Во Куманово е веќе познато дека многумина се подготвуваат да побараат српски пасош за да не мора да имаат пасош со некакво „северџанско“ име и со исто такво топографско државјанство. Меѓу нашето иселеништво низ светот веќе е јасно дека ќе следува процес на откажување од македонскиот пасош за да не се прифати документ со сменето државно и национално име на матичната татковина.
Во тој контекст, борбата за Македонија без додавки се чини повторно се враќа надвор од нејзините граници, за потоа оттаму да се возобнови копнежот по она што го изгубивме со еден потпис на местото каде што беше извршен еден од најголемите погроми на македонскиот народ во Втората светска војна. Ако пред близу три децении македонскиот копнеж беше трансформиран во надеж дека конечно македонскиот народ добива своја македонска држава, барем на еден дел од својата територија, сега, за жал, таа иста надеж – што нашиот речник ја толкува како верување дека ќе се исполни тоа што се очекува – повторно мора да стане копнеж за Македонија и одново да почне од местото каде што надежта е уништена, односно да се врати таму каде што почна сонот за самостојна македонска држава, а тоа значи дека Македонците во светот повторно ќе мора да формираат семакедонско движење и семакедонско народно собрание, а семакедонското собрание свои органи што ќе ги зачуваат или возобноват сите институции што овде ќе бидат укинати како македонски институции. Ако МАНУ стане СМАНУ или НАНУ, македонскиот народ мора да ја зачува својата македонска академија или да формира нова Македонска академија на науките и уметностите; ако се укине Друштвото на писателите на Македонија, институциите на македонскиот копнеж мора да го зачуваат континуитетот на ДПМ, кое нема да се откаже од Крсте Петков Мисирков, затоа што е роден во Постол, Ениџевардарско; Стојан Христов, затоа што е роден во Кономлади, Костурско; Ташко Георгиевски, затоа што е роден во Кронцилево, Воденско; Иван Чаповски, затоа што е роден во Пожарско, исто така Воденско; Ташко Ширилов, затоа што е роден во Горничево, Леринско; итн. Ако овде не може да се издава македонска антологија на расказот или на поезијата туку само антологија на северномакедонскиот расказ или северномакедонската поезија, институциите на копнежот мора да продолжат да издаваат вакви антологии за да се одржи надежта дека сепак не е сѐ изгубено. Ако Македонската телевизија стане Северномакедонска телевизија, институциите на македонскиот копнеж мора да формираат Македонска телевизија итн. Притоа треба да се знае дека сето ова е дозволено со таканаречената спогодба без вратоврска од Преспа, затоа што нема да се финансира од Владата на Северна Македонија, од државата Северна Македонија, односно од народот што нагалено ќе се вика Северџан, од север – како географски поим, и Џан – како поим за народ од романот на Андреј Платонов, народ што рамнодушно талка низ тундрата до своето конечно исчезнување. Можеби ваквиот семакедонски возобновувачки проект звучи како утопија, но и утопијата е копнеж!

Фото: Игор Бансколиев

Даме Груев: Ние не очекуваме помош од Европа!

Во почетокот на септември 1903 година, додека сѐ уште трае масакрот врз македонското население по задушувањето на Илинденското востание, војводата Даме Груев му се обраќа со писмо на Хилми-паша, поранешен голем везир и актуелен генерален инспектор на Македонија, известувајќи го дека дал наредба никој во Македонија да не го слуша и да не му верува, а доколку некој го послуша – ќе плати со живот:
„Паша ефенди, Вам Ви беше познато дека општото востание се крена по Ваша вина. Вие, и само Вие сте виновни за сите ужаси и насилства вршени по Ваша заповед. Вие можете да ги уверите претставниците на европските држави дека сте го задушиле востанието. Можете да кажувате сѐ и сешто; можете да кажувате што сакате, но никогаш нема да нѐ убедите дека, откако ќе се покориме и го положиме нашето оружје, ќе имаме гаранции за нашиот живот и имот. Јас веќе дадов наредба во цела Македонија на никој начин да не Ве слушаат и да не Ви веруваат, а кој ќе Ве послуша ќе плати со живот. Ние не очекуваме помош од Европа. Ние се надеваме со нашите сопствени сили да ги уништиме Вашите храбри војници и можеби не е далеку часот кога над облеаната со крв Македонија ќе засвети сонцето на слободата. Имајте предвид дека нашите чети се снабдени со доволно количество на потребности и ние ќе умееме да се бориме со Вас десетици години… Ако Бурите го стаписаа светот со борбата против Англија, ние уште повеќе ќе го стаписаме и зачудиме. Јас Ви кажав. Ваша работа е да ми поверувате на зборовите.“


Петре М. Андреевски: Грците имаат страв и срам од нас што се претвори во параноја!

Во октомври 1993 година, во интервју за тогашниот неделник „Пулс“, писателот
Петре М. Андреевски изјави:

„Ние сме народ што е најподложен да се уништува себе си, народ што ги претпочита туѓите вредности над своите… Наместо да градиме национална програма во која Македонија ќе биде со консензус наша, така да речам, егзактна доблест и определба, ние им даваме готови решенија на соседите за нивните национални програми во кои е вклучена и нашата земја.
Сите наши соседи и денеска нѐ одрекуваат, и во исто време нѐ посакуваат… Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење. Грците имаат страв и срам од нас што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. А долго време по 1913 година, тој ист дел од Македонија во нивните документи се водеше како ’новоосвоени територии’. Сега го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија, ако сакате, е и библиска земја и јас би рекол дека е постара и од Европа. А таа Европа денес, како некој пијан нунко, се мачи да нѐ прекрсти, смислувајќи ни некакви имиња меѓу секои две ждригнувања по обилните ручеци на дванаесеттемина апостоли, меѓу кои секогаш седи барем еден дежурен Јуда.“


Крсте Петков Мисирков: Мора да се почитува националното и личното достоинство на Македонецот!

„Свеста и чувството дека сум Македонец стојат повисоко од сѐ друго на светов… Безусловната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија, македонскиот национален дух, јазикот, народната поезија, обичаите… е мојот долг како Македонец“, напишал Крсте Петков Мисирков пред деведесет и пет години. Според него, односно според неговиот текст објавен на 3 март 1924 година во софискиот весник „Мир“, светот и културното човештво треба да бидат повнимателни кон Македонците, да не ги продаваат и раздаваат без да водат сметка за нивните чувства и желби: „Ние, Македонците, не му сакаме несреќа на човештвото, но истовремено би сакале и културното човештво да биде повнимателно спрема нашите човечки барања – да ни се даде право за национално самоуправување, зашто и ние сме луѓе, а не добиток што го продаваат и го раздаваат без да водат сметка за неговите чувства и желби“. Во март 1925 година, во истиот весник, Мисирков успеал да објави текст во кој вели дека „само со Македонци, Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив“. Две недели подоцна, во истиот весник, го објавува својот втор текст, кој, всушност, е одговор на нападите предизвикани од неговата претходна статија посветена на „македонскиот национализам“. Во текстот меѓу другото пишува: „Јас многу добро знаев дека ќе бидам нападнат за мојот ’македонски национализам’, но јас одново повторувам дека Македонија е распокината, дека Грците успеаја да ѝ ги земат најдобрите делови, да го испадат оттаму македонското население и да го заменат со азијатски доселеници што денеска се трупаат покрај српската и бугарската граница, како што едно време византиските императори се трупаа на бугарската граница, образувајќи воени населби од азијатски колонисти… Мојата татковина е таму каде што сум се родил и каде што треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично… А со Грците ќе се бориме докрај, зашто тие се единствените наши вековни историски непријатели. Целата наша македонска национална историја е полна со борби против Грците и предавниците. Грците ни го убиваа националниот дух и нѐ денационализираа. Тие и денеска нѐ гонат од родните пепелишта и следствено нѐ потсетуваат за нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите дедовски, прадедовски земји. Тоа е македонското национално чувство, тоа е историскиот повик на Македонецот што може да го исполни само како слободен и рамноправен граѓанин на кого му е дозволено да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец“, завршува Мисирков.


Историски извори: Ниту еден окупатор досега не успеал да ја избрише Македонија од меморијата на Македонците!

Во времињата што прелетале низ нашата историја разни окупатори се обидувале да ја избришат Македонија од меморијата на народот и од географските карти. Во безброј наврати, почнувајќи од 148 година пр. н.е, кога била поделена на Македонија Прима и Македонија Секунда, преку 297-та година, кога од Македонија биле формирани три нови провинции: Тесалија, Нов Епир и Македонија, па до крајот на 5 век, кога со новите административни промени во Византија, покрај постојната провинција Македонија Прима, повторно била формирана и Македонија Салутарис, односно била обновена втората Македонија. Подоцна, на прагот на 6 век, Македонија во нејзините историско-географски граници влегувала во рамките на перфектурата Илирик, а целта била официјално да не се спомнува името Македонија. Последен пат Македонија Прима и Македонија Секунда заедно, како две провинции, се спомнати во 535 година во 11-та новела на царот Јустинијан Први по повод назначувањето на Кателијан за архиепископ во нововостановената архиепископија Јустинијана Прима.
По таканареченото населување на Словените во Македонија, паралелно со терминот Македонија се промовира терминот Склавинија, повторно со цел да ја снема Македонија. Во тоа време територијата на Македонија главно е вклопена во провинциите Средоземна Дакија и Дарданија. Византискиот хроничар Теофан Исповедник, кој е роден околу 760 година во Константинопол, во своето дело „Хронографија“, напишано меѓу 810 и 815 година, а кое го опфаќа периодот од 284 до 813 година, воопшто не го спомнува терминот Македонија туку само некаква Склавинија, чии жители се Словени. И пак целта е да се „заборави Македонија“. Кон крајот на 8 и почетокот на 9 век, Византија ја формирала темата Тракија со цел да се поништи и последното спомнување на името Македонија. По слабеењето на тематскиот систем во Византија, особено во 12 век, почнало да се враќа класичното, историско-географско значење на името Македонија, кое било употребувано не само за означување на територијата во нејзиното античко значење, туку зачестила и употребата на терминот Македонија од страна на нејзините жители, за кои во изворите се потенцира дека се од Македонија или дека се Македонци.
Според проф. д-р Стјепан Антолјак, во тоа време „името на Македонците преминало во меморијата на луѓето, кои подоцна, и од страна на византиските автори, биле нарекувани Македонци“. Во редицата византиски автори што го користат името Македонија и Македонци е и учениот Византиец Ефраим, кој во 1313 година напишал хроника во која, спомнувајќи го навлегувањето на Норманите во 1185 година, ќе констатира дека го „зазеле градот Солун, метрополата на Македонците“. Метропола на Македонците, а не на Грците. И тоа не е кажано сега туку пред деветстотини години! Во византиските извори од 14 век областите во Македонија редовно се именувани со името Македонија или биле користени термините македонски области и македонски градови. Во вековите потоа биле направени повеќе обиди да се заборави името Македонија, а со тоа да го снема и македонскиот народ. Така, во еден период, Македонија е „покриена“ со називот Румелија, подоцна со имиња на разни вилаети и окрузи што го заобиколуваат терминот Македонија, за да се стигне до Вардарска бановина или „западни предели“ на блгарското царство. Во секој случај, последното предавство на името, односно додавањето на придавката, не е непознато во историјата на Македонија, но секогаш тоа се правело од окупаторите за да се прекине континуитетот на македонскиот идентитет и меморија. Сепак, како што може да се види од историските извори, никој досега не успеал во намерата да ја уништи Македонија засекогаш. Нема да успее ни френки-сатрапот, кој воопшто и не знае што е Македонија и каков е македонскиот народ.