Доаѓаат милијардите, по третпат

1413

Власта и опозицијата по некое непишано правило продолжија да се расправаат на темата „милијардите во Македонија“ како и пред десетина години, само сега со сменети позиции

Една милијарда евра во патишта, една милијарда во железница, трета милијарда во енергетика, нов клинички центар, инвестиции во земјоделството и руралниот развој, нови прочистителни станици, регионални фабрики за собирање и обработка на отпад, канализациски и водоводни системи, училишта и градинки… Ова беа ветувањата на премиерот Зоран Заев објавени пред неколку дена во пораката истакната на социјалната мрежа Фејсбук.
Инвестиции во вредност од пет милијарди евра најави премиерот пред повеќе денови, а неговата најава предизвика лавина реакции во јавноста, но најмногу од нив беа скептични и со доза сомнеж.

Првата забелешка на граѓаните и на медиумите беше што се најави голем инвестициски циклус, без притоа да се дадат податоци каде ќе се инвестираат средствата, ниту, пак, се објави од каде ќе се најдат. По многубројните реакции од граѓаните, премиерот и неговата матична партија посочија само дека се планираат инвестиции во патишта, железница, гасификација… Сепак, иако поминаа повеќе од две недели од првата најава за голем инвестициски циклус, сѐ уште немаме конкретни податоци како и кога ќе се вложат парите, ниту, пак, од каде ќе дојдат.
Она што е уште поважно за граѓаните, особено кога највисокиот врв најавува ваква силна инвестиција, е како ќе се вратат тие пари, доколку станува збор за кредити и за проекти со кои би се задолжила државата.

Власта и опозицијата по некое непишано правило продолжија да се расправаат на темата „милијардите во Македонија“ како и пред десетина години, само сега со сменети позиции, едните се фалат со големи инвестиции што ќе го подобрат животот на граѓаните во Македонија, а другите обвинуваат за лаги и манипулации.
На последната најава на Заев за инвестициски циклус опозицијата обвини дека се подготвува голем грабеж, заеми што ќе треба да ги плаќаат граѓаните, план, кој според нив води кон едно големо должничко сценарио.
Македонските граѓани исто така се сеќаваат кога во 2009 година тогашниот премиер, денес бегалец, Никола Груевски, ветуваше осум милијарди инвестиции, а тогашната опозициска партија, СДСМ, денес дел од Владата, обвини за предизборни лаги, многу поголеми од милијардата на Циле.

Искуството покажа оти политичарите во своите изјави лесно се расфрлаат со огромни суми пари што ќе се инвестираат во нашата држава. Меѓу првите бомбастични најави за голема инвестиција во Македонија беше милијардата на Васил Тупурковски-Циле, па потоа следуваа ветените осум милијарди евра на бившиот премиер Груевски.
Сепак, за жал, иако поминаа десетина година, ниту граѓаните ниту стопанството видоа каде се инвестирани тие пари, ниту, пак, ги почувствуваа овие огромни инвестиции во својот живот. Немаме значително подобрување на животниот стандард, уште помалку двоцифрен пораст на бруто-домашниот производ и на економијата.

Сепак, и граѓаните и бизнис-секторот, па и медиумите се надеваат дека последното ветување ќе биде поинакво. Но сомнежот надвиснува над сите нас, бидејќи не гледаме конкретни планови врз кои би се темелела ваквата најава. Ќе биде ли овој пат поинаку? Дали најавениот инвестициски циклус се темели врз опипливи проекти и пресметки? Имаат ли надлежните институции направено соодветни калкулации дали планираните инвестиции се одржливи и дали ќе придонесат за развој на економијата?
Од друга страна, народот со нетрпение очекува да се обелоденат планираните инвестиции, покрај најавениот нов клинички центар, кој се споменува уште од претходната влада, но неговата реализација сѐ уште е почната.

Бизнисмените, секако, имаат свои ставови за ветувањето на премиерот Заев, и тие сметаат дека ваквиот голем инвестициски бум ќе биде многу значаен за македонската економија, но притоа истакнуваат дека треба да се откријат плановите во кои сектори би се инвестирало, за да се подготви и бизнис-заедницата. Од друга страна, некои од нив укажуваат дека овие инвестиции треба да го опфатат и образованието, на кое му се потребни коренити реформи, за тоа да обезбедува кадар што ќе одговори на потребите на стопанството.

За граѓаните, секако, најважно е транспарентно да се објави од каде ќе дојдат најавените пет милијарди инвестиции, но и како ќе се враќаат средствата, ако станува збор за кредити, како во случајот со изградбата на новиот клинички центар. Исто така граѓаните сакаат отчетност и во инвестирањето, транспарентност во сите постапки, во сите процедури, било да се за изградба на патишта, на железница, училишта или, пак, друга инфраструктура. И, секако, најважно за народот е да има пораст на домашната економија, а со реализација на најавените милијарди, тоа е реално можно, но пораст што ќе го почувствуваат граѓаните за релативно краток период и притоа нема да се презадолжат идните генерации.

Фото: Игор Бансколиев

[email protected]