Дијагноза

1692

Жалам, ама општествената дијагноза наведува само на еден заклучок: кога јавната сфера е деградирана и сведена на септичка јама, во која постојано се фрлаат „бомби“, единственото што треба да се заштити од таа контаминација е приватната. Таму се вредностите и она што треба, мора и може да се одбрани – љубовта за блиските

Доста ми е од описи и дијагнози за општествената стварност, особено кога се очигледни и фатални. Со други зборови, попусто е во оваа фаза да се зборува за тоа што ТРЕБА да се стори, бидејќи времето за давање „терапија“ или одамна минало или дадената „терапија“ била погрешна, а последиците неповратни. (Всушност, се смета дека некои терапии лекуваат едно, ама уништуваат друго, па затоа пациентот е излечен, ама починат.) Секој обид да се зборува за она што ни се одвива на јавна, па и на глобална сцена е сведен на бескрајно и бесполезно ламентирање, вртење во круг (кој прв почна ММЕ) – и толку! Ете, и светот отиде по ѓаволите, се соочуваме со апокалипса, ама „кабарето“ работи вредно. Сѐ минува како неважна вест од рубриката „Занимливости“.

Сепак, поттикната од лични причини, не можам а да не напишам некој збор на тема дијагноза. Поточно две, а и двете фатални. Првата беше прикажана многу реално, речиси лаконски и суптилно, преку два документарни филма што ги видов на фестивалот „Македокс“: „Помеѓу“ од косовскиот автор (режисер и сценарист) Самир Карахода и „Тетовскиот самрак“ на покојната Билјана Гарванлиева (чие дело постхумно, по три години, е завршено од нејзиниот сопруг Мануел Цимер). Двете дела, секое на свој начин, зборуваат за сета бесмисленост и безизлезност во кои сме западнати како општества и регион. Од призма на навидум едноставните и толку човечки приказни што се прикажани, сам се наметнува заклучокот: толку е бесмислено и апсурдно да се бориш за некакви (косовски полиња или тетовски калиња) кога децата ти живеат во беда или бегаат во туѓина, кога со парите спечалени таму старци градат замоци во надеж дека од десетте сина и ќерки еден ден некој ќе им се врати, а куќите ќе заживеат со смеа и игра. Но, од година на година, од лето преку зима, зјаат во пустелија. Она што се случува „помеѓу“ е самотија и бесмисленост, а единствената пауза се само свадбите и погребите на кои се собира целата фамилија, за кус миг – и назад во пустелија и тишина.

Толку сме навикнати (и затапени) од бедата и празнотијата на секојдневието, замаглено од секојдневните политички водвили и баханалии, што кога тоа некој умешно и уметнички (ама брутално реално) ќе ти го покаже низ филмска камера те удира некој „метеор“ (проекцијата беше под ведро небо) среде глава. За момент ти не си ти, туку оној околу кого се плете филмот, и тоа документарен, па се прашуваш: зарем е можно? Филмот на Билјана само случајно беше врзан за Тетово, за животот на младите луѓе од разни националности, но со слична судбина. На крајот беше посветен и на сите родители чии деца заминале или заминуваат. А јас не само што сум една од нив туку сѐ почесто ги охрабрувам помладите да не му се мислат и да бегаат што подалеку! Дијагнозата е фатална, особено кога филмот е завршен во времето на екот на политичката криза со Груевски, а го гледаш денес во екот на пропаѓањето на Заев. Она што Билјана го остави како аманет се теми поврзани со Македонија, ама низ поинаква призма: без збор да каже за политика, кажала сѐ: за социјалната неправда, за еколошката деградација, за експлоатацијата на текстилните работнички, за животот на малите и обични луѓе… Тоа е таа Македонија што политичарите и експертите нема никогаш да ви ја кажат. Тоа е таа Македонија што Билјана ја овековечи, иако сиромашна и бедна, ама со многу љубов и грижа. Толкава грижа што дури и последните месеци од животот ги посвети на неа. Сега за втората дијагноза, за таа на Билјана. Кога слушнав дека почина (септември во 2016) најмалку што можев да сторам беше да ѝ посветам колумна. Но дури пред некој ден вистински ја исплакав и испратив. Уникатната изложба под наслов „Љубените: Сеќавање на еден заеднички живот“ (фотографии придружени со мултимедијални ефекти) – е отворена до крајот на месецов во Чифте-амам. Ако сакате да видите нешто што е истовремено спој на убавина и на трагика, чисто и нерафинирано „тројство“ на Животот, Љубовта и Смртта – не пропуштајте! Толку се ретки ваквите сцени на вистинска, а не одглумена љубов, во една профана стварност што огрдува, отапува и загадува, што ова не смее да се превиди. Можеби поради личната врска со неа (Мануел го прегрнав за првпат сега, а преку неговиот ангажман сфатив колку многу љубел и зошто таа толку го љубела), изложбата ја минав гледајќи едвај низ солзи. Но сега одново и одново ми се враќаат рефлексиите на вистинската големина на виденото, и како да започнав нов разговор со мојата пријателка. И мислам дека ќе трае долго… На прв поглед, за мнозина можеби и на втор, шокантен или непримерен приказ на сопственото разголено Јас, но ние што ја познававме знаеме дека Билјана останала доследна на себе: останала документарист и храбра жена сѐ до крајот. Последното што го сторила со помош на сопругот е да ги документира нивната љубов и нејзиното умирање. Љубов во време на смрт – со среќен крај: ајваните умираат, но не и вистинската љубов, ќе напише еден поет. И не само тоа… Со овој проект, Билјана покажала како е да се живее до последен здив со очи ширум отворени, вперени кон неизбежното, а сепак да остави аманет како се прави тоа, и како е да се биде храбар во таква ситуација и како да се сака сѐ што ти е најмило, а што ќе те загуби наскоро. Таа нејзина храброст да ги изложи јавно сликите на пропаѓање на телото, но не и на духот и љубовта, да ја изложи физичката слабост за да ја покаже духовната – тоа е „лекот“ за повеќето дијагнози од кои страдаме колективно и поединечно. Фотографиите и другите пораки на Билјана и Мануел покажуваат дека главата не смее да се врти од она што нѐ плаши, дека болеста и смртта не се одбивни (што е првиот инстинкт кај мнозина) и дека, иако не се убави, се инхерентен дел на животот. Мураками напиша дека смртта не е опозит на животот, туку негов дел. Таа ни дозволи да видиме еден интимен и последен дел од нејзиниот живот, порачувајќи: болеста ме научи да се борам со стравовите, но и да забавам, да запрам, да се свртам кон вредните нешта! (Сепак, и болна речиси ги довршила и филмот и оваа изложба. Со насмевка се замислувам себеси во слична ситуација и се гледам како си велам „само да го довршам уште овој текст“.) Кога излегувате од изложбата, дури и ако сте со насолзени очи и вознемирени, сепак си велите: дијагнозата е можеби фатална, но еве доказ дека и смртта може да се победи – со љубов! Билјана ја засакав на прв поглед на аеродромот во Берлин, кога ја видов нејзината широка насмевка. Но Билјана ја засакав за цел живот сега кога ја видов немоќна и со далечна трага од насмевка. Резиме на (ова што личи како малку хаотична) колумната – впрочем, такви ми се и мислите и емоциите еден ден по средбата со Билјана? Ако веќе се соочуваме со фатална дијагноза (или дијагнози), тогаш барем да се потрудиме да направиме нешто бесмртно, нешто што извира од несебична љубов. Нешто што ќе го направи животот вреден, а смртта неважна. По сите порази, по сите трагикомични пресврти, и среде безизлез, на човек му останува само она што го советуваше Маја Анџелоу: конечно умираме тогаш кога ќе ги загубиме љубовта и самопочитта едни за други. Ова што ни се случува е токму тоа: губење на човечноста, па и чувството за себе, за својата потреба да се љуби. Секој момент потрошен за изгубена кауза е момент во низата што зборува за изгубен живот.

Бесцелно и без задоволство и сатисфакција. Жалам, ама општествената дијагноза наведува само на еден заклучок: кога јавната сфера е деградирана и сведена на септичка јама во која постојано се фрлаат „бомби“, единственото што треба да се заштити од таа контаминација е приватната. Таму се вредностите и она што треба, мора и може да се одбрани – љубовта за блиските. Можеби звучи дефетистички од некој што најголем дел од животот го минал во донкихотски битки за кои мислел дека се важни, ама од Билјана разбрав дека најголемата храброст е потребна да се сака, сѐ додека се дише, и кога си немоќен, со тело што те напушта, но со душа и мисла што сака да остане бесмртна. За оние што ќе те надживеат…