Дизајнирам венчаници, а не ношници за првата брачна ноќ

530

Најчесто се бара од мене нешто специјално и уникатно, вели Јовановски во пресрет на седмото издание на „Брајдал фешен најт“

Златко Јовановски, моден дизајнер

Модниот дизајнер Златко Јовановски својата најнова колекција на венчаници и свечени тоалети ќе ја претстави на седмото издание на „Брајдал фешен најт“, закажано на 4 февруари, во хотелот „Мериот“ во Скопје. Новата колекција „Џеј-зи-џеј д грејт“ е инспирирана од огледалото.

– По низа успеси низ светот, во Виена, Белград, Лос Анџелес, Харбин (Кина) и Лондон, ќе имам моја ревија повторно тука, во Скопје, пред мојата публика и моите клиенти. Оваа колекција има и неколку свечени фустани покрај венчаниците. Колекцијата ја работевме со многу љубов, огромно трпение и часови и часови рачна работа. Сите креации се препознатливи за мене и мојот бренд, односно сите се многу раскошни, покрај висококвалитетните материјали што се користени, тука се и тантелите од Турција, Индија и од Дубаи. Сите креации се рачно правени, везени, дополнувани со перли, реси, стаклени камења, пердуви, апликации и што уште не. Нашите венчаници се токму вашиот фустан од соништата – вели дизајнерот Златко Јовановски.

Како што навестува тој, и оваа сезона кај невестите ќе преовладува белата боја ајвори, позната како боја на слоновата коска, но повторно ќе се актуелни и нуд-венчаниците, односно венчаниците везени на основа во тен/кремава боја.

– Сметам дека постојат два типа венчаница, формата на сирена и кројот на принцеза, односно корсет со широк долен дел. Па, од овие два типа правиме доста варијации.

Кога дизајнирам за клиент, најпрво се дефинираат конструкција на фустанот и основата, зашто е многу важно дамата во фустанот да се чувствува удобно и пред сѐ сигурно. Разговараме за тоа што ќе истакнеме, а што ќе скриеме за да добиеме што поубава фигура. Фокусот ни е ставен на деталите, везовите, рачната работа, тантелите и украсите – сето она што една венчаница ја прави уникатна и различна од друга венчаница. Омилен дел ми е украсувањето на една венчаница или фустан. Морам да додадам дека јас како дизајнер не се плашам од многу, напротив, секогаш сум скептичен од малку – вели Златко.

Создавањето колекција е тежок и бавен процес.

– Кога создавам колекција, фрлам еден тон хартија, додека пак кога дизајнирам за клиент по нарачка, обично правиме од три до пет скици. Иако јас секогаш инсистирам главните детали да ги дефинираме на првата проба – пред огледало. Сметам дека така дамата има подобра визија за финалниот производ. Инспирација ми е секогаш огледалото. Затоа што кога го гледам, гледам совршенство. Но некогаш е тука и компромисот со клиентот – вели тој.

Негови клиенти и целна група му се невести или дами што не се плашат од светкаво, од сјајно, дами што сакаат да е венчаницата огромна, и до седум и пол метри во обем, па и предолги.

– Најчесто се бара од мене нешто специјално и уникатно. Затоа и јас ги обожавам моите клиенти, а верувам дека тоа е заемно. Кога станува збор за венчаница, само сакам да не е скромна. Од таквите се плашам. Сепак дизајнираме венчаница, а не ношница за првата брачна ноќ – додава Златко.