Диета за време на грип

Апетитот и консумирањето храна се нешта што воопшто не ви паѓаат на памет кога вие или некој ваш близок има грип. Сосема е нормално да јадете помалку кога сте болни. Сепак, ќе ви бидат потребни мали количества точно одредена храна што ќе ви ги даде неопходните нутриенти и енергија за да закрепнете.

Храна што треба да ја јадете

Храната е она што на вашето тело му ја дава потребната енергија за да функционира нормално. Истиот ефект го има и кога сте болни, но, сепак, треба да внимавате што консумирате за вашето тело да може полесно да се справи во болеста.

1. Супа
Независно дали сакате пилешка, говедска или зеленчукова, супата е најдоброто нешто што може да го консумирате кога сте болни. Јадете ја цело време додека сте болни, бидејќи освен што ќе ве хидрира, ќе ви помогне да ги затоплите деловите на телото и да го одзатнете затнатиот нос. Пилешката супа е одлична кога сте болни затоа што на вашето тело му се потребни железо и протеини, а оваа супа ќе му го обезбеди токму тоа. Дополнително, нутриентите од морковите, билките и целерот ќе му дадат енергија на вашиот организам за полесно да се справи со болеста. Само внимавајте на количеството сол во неа.

2. Лук
Лукот не се става само како зачинска билка во храната. Тој се користи во алтернативната медицина со векови. Една студија покажала дека консумирањето лук за време на настинка и грип го подобрува имунитетот и ги намалува симптомите.

3. Јогурт
Јогуртот е богат со пробиотици, кои се една од главните алатки за зајакнување на имуниот систем. Исто така содржи и протеини. Консумирајте јогурт кога имате суво и болно грло.

4. Овошје и зеленчук богати со витамин Ц
Витаминот Ц е многу важен нутриент за закрепнување на болниот организам. Тој е и еден од главните зајакнувачи на имуниот систем, кој е од огромна важност кога сте болни. Консумирајте овошје и зеленчук богати со витамин Ц, како што се јагоди, пиперки, домати и цитруси.

5. Лисни зелени салати
Спанаќот, марулата и другите лисни зелени салати исто така се одлични за здравјето на организмот и за борбата со грипот, вирусите и настинките. Освен што се полни со витамин Ц, тие изобилуваат и со витамин Е, кој е уште еден важен нутриент за имуниот систем, особено кога сте болни. Комбинирајте ги лисните салати со овошје во кашест сок или, пак, јадете ги сурови со лимон и маслиново масло.

6. Брокула
Брокулата е моќен зеленчук што е одличен за борба со настинките. Консумирањето брокула ќе му даде на организмот витамини Ц и Е, но и растителни влакна и калциум. Консумирајте брокула при крајот на болеста или третиот ден откако ќе се разболите, кога ќе ви се врати апетитот, бидејќи брокулата е тешка за консумирање.

7. Овесна каша
Топла чинија овесна каша кога сте болни е одличен избор. Кашите од полно зрно содржат полифеноли антиоксиданти, но и влакна како бета-глукани, кои се круцијални за исфрлање на вирусот од телото.

8. Зачини
За време на грип, кога веќе тој е на средината од запоседнувањето на вашиот организам, имате зголемена работа на синусите и на белите дробови. Одредени зачини може да ви помогнат да го исфрлите слузот од организмот, како што се црниот пипер и ренот, кои ќе ви помогнат и полесно да дишете.

9. Останeте хидрирани
Кога сте болни, многу е лесно да дехидрирате. Не само што јадете и пиете помалку туку и губите течности, бидејќи со високата температура зачестено се потите. Не само што течностите се важни за функционирањето на вашето тело туку тие може да помогнат да се исчистите од инфекциите и вирусите.
Најмногу консумирајте вода, бидејќи таа е природен прочистувач на нашето тело. Исто така, може да пиете чај од ѓумбир, супа, чај од нане, медов и лимонов чај и 100 процентни овошни сокови.

Што да избегнувате?

Кога сте болни, најдобро е да ги избегнувате намирниците што на вашето тело ќе му прават тешкотии во справувањето со болеста. Избегнувајте алкохол, кој предизвикува дехидрација. Исто така треба да избегнувате кофеински напивки, кои се диуретици, односно ја исфрлаат течноста од организмот.
Избегнувајте чипсови, грицки што можат дополнително да ви ја отежнат состојбата на грлото, како и обработена храна, бидејќи таа нема никакви нутриенти во себе.

[email protected]