Дивите депонии најголем проблем

490

Комуналните претпријатија предлагаат агресивни кампањи за издигање на јавната свест на граѓаните за чиста животна средина, за да се промени сликата за Македонија, која е сѐ позагадена

Иако јавните комунални претпријатија мошне се трудат да им овозможат на граѓаните почиста и поздрава животна средина и својата работа до одредено ниво професионално и квалитетно ја извршуваат, сепак Македонија е сѐ позагадена земја, а депониите во државата никнуваат како печурки по дожд. Тоа што особено загрижува е што депониите не само што ни се повторуваат и по најдеталните генерални чистења, туку постојано во Македонија никнуваат нови депонии од отпад и ѓубре, кои комуналните претпријатија не се во можност самите да ги (ис)чистат. Ова беше констатирано на седницата на управниот одбор на Здружението на јавните комунални претпријатија (АДКОМ), која се одржа во Битола. За тоа каков е проблемот со дивите депонии во државата најдобра споредба даде првиот човек на здружението, Зоран Георгиев, кој во Битола допатува по обиколницата над градот, која по неколку години забрана неодамна повторно беше пуштена во употреба.

– На овој пат има толку многу депонии од смет и ѓубре што во најголема мера го нагрдуваат ликот на Битола. Гледајќи ги овие депонии над градот првиот впечаток што го добиваат патниците што се движат по тој патен правец за Битола е поразителен – рече Георгиев.
Иако можеби ќе звучи цинично, но за Битола најдобро ќе беше обиколницата над градот воопшто да не се пуштеше во сообраќај, бидејќи на тој начин патниците што од Прилеп патуваат за Охрид немаше да ги гледаат многубројните диви депонии на тој патен правец, кои и покрај неколкуте генерални чистења на локалната самоуправа ги има сѐ повеќе, истакна еден до учесниците на конференцијата. На состанокот членовите на здружението, во кое членуваат 80 јавни комунални претпријатија од државата, покрај што дискутираа за проблемите со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија во одржувањето на јавната чистота, туку разменија и мислења како да се дојде до наоѓање решенија за почиста животна средина и за справување со дивите депонии во државата. Општ заклучок од седницата на УО на АДКОМ е дека колку и да се трудат јавните комунални претпријатија во државата на граѓаните да им обезбедат почиста и поздрава животна средина, тие самите не можат да го направат тоа, доколку граѓаните со своето несовесно однесување секој ден ги обновуваат старите и создаваат нови диви депонии.

– Целта на средбата беше да најдеме решенија и да ги надминеме проблемите со кои се соочуваме во процесот на работа на јавните комунални претпријатија, посебно со државните институции – изјави Горан Козаров, директор на ЈКП „Водовод“.
И според директорот на здружението АДКОМ, Зоран Георгиев, најчестите проблеми со кои се соочуваат јавните комунални претпријатија се во делот на јавната чистота, во делот на отпадните води, но најголем проблем се депониите.
– Овој проблем со дивите депонии го имаат сите градови од државата – нагласи Георгиев. Тој како претседател на здружението АДКОМ и покрај навистина загрижувачката состојба со депониите и нехигиената во градовите, сепак наместо репресивни предложи преземање, пред сѐ, превентивни и кампањски мерки.
– Можеби државата, а и институциите треба да посветат внимание во делот на кампањата за издигнување на јавната свест. Јас не сум приврзаник на репресивни мерки, повеќе сум за преземање превентивни мерки. Репресивните мерки треба да се спроведуваат кога загадувањето се прави намерно или, пак, станува збор за загадување од повисок степен. Но сметам дека и кај граѓаните и кај правните субјекти треба да се работи повеќе на издигнување на јавната свест со агресивни кампањи, кои ќе ги спроведуваат општините, јавните комунални претпријатија и надлежните министерства – истакна првиот човек на здружението Зоран Георгиев.

Проблемите што на состанокот се дискутираа и за кои произлегоа одредени решенија, наскоро преку УО на АДКОМ ќе се достават до владините институции и до надлежните министерствата, за да се дојде до решенија што ќе го подобрат секојдневното живеење на граѓаните, а тоа, според Георгиев, значи квалитетна чиста вода за пиење, прочистување на отпадните води, зголемување на свеста на граѓаните за отпадот, нивна селекција и заштита на животната средина.
– Со агресивни кампањи за издигање на јавната свест на граѓаните за чиста животна средина, можеме да ја промениме сликата за Македонија, која е сѐ позагадена. И најдобро опременото комунално претпријатие нема да може да постигне резултати, ако свеста кај граѓаните е на ниско ниво. Работата на сите јавни комунални претпријатија е во директна врска со животот на граѓаните, почнувајќи од јавната чистота, снабдувањето со вода, па до третман на отпадните води итн. Проблеми има многу, особено во делот на некои законски регулативи што ние како АДКОМ имаме намера да ги актуализираме, посебно што се однесува на јавната чистота и депониите – смета Георгиев.