Дибирова има шанси да стане првата со двојна европска круна

1045
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со освојување на долго посакуваната титула европски првак тренерката на Вардар, Ирина Дибирова, ќе стане првата жена што ЛШ ја освоила и како ракометарка и како тренерка

Петтиот последователен пласман на Вардар во завршницата на женската ракометна Лига на шампионките (ЛШ) на „црвено-црните“ девојки ќе им отвори низа можности за нови остварувања. Со освојување на долго посакуваната титула европски првак тренерката на вардарки, Ирина Дибирова, ќе стане првата жена што ЛШ ја освоила и како ракометарка и како тренерка. Кај мажите вакво остварување има тренерот на Киелце, Талант Душебаев, кој четири пати стигнал до европската титула како играч и двапати како тренер. Дибирова има две титули како ракометарка, со Шлагелсе во 2005, по финалето против Кометал Ѓорче Петров и со Звезда Звенингород во 2008 година.

Според бројките што ги издвои ЕХФ како интересни за досегашниот тек на сезоната, вардарки се сопственички на најдобриот напад сезонава со 418 погодоци на 14 натпревари или 29,8 гола во просек по натпревар, а сопственички на најдобрата одбрана се ракометарките на Ростов Дон со примени 330 погодоци, со просек од 23,5 гола по натпревар. Откако во завршницата на ЛШ е воведен фајналфор-системот, сезонава најмалку мечеви завршиле нерешено, само три. Лани имало пет ремија, а една сезона пред тоа 10. Вклучувајќи го и годинашниот петти фајналфор, досега во завршниците во Будимпешта играле осум клуба од седум земји.

Вардар е единствен тим што е дел од сите пет завршни турнири, Будуќност и Ѓер имаат по четири, Букурешт три, а по едно учество имаат Митјиланд, Ларвик, Волгоград и Ростов Дон. Ракометарките на Ѓер, пак, се рекордерки по бројот на учества во завршниците од ЛШ. Во изминативе 12 сезони (вклучувајќи ја и 2017/2018) Ѓер 11 пати играл во полуфиналните мечеви од ЛШ, со исклучок на сезоната 2014/2015, кога во четврт-финалето беше елиминиран од Вардар. Сезонава, за разлика од лани, значително е кренато нивото на играта во одбрана.

100-те досега одиграни натпревари постигнати се 5.237 погодоци или 52,3 по натпревар, а во истиот период минатата сезона биле постигнати 5.524 гола, или 55,2 во просек по меч. Најдобар стрелец во досегашниот тек од сезоната беше Ивета Лузумова од Турингер со 105 погодоци, но за неа натпреварувањето заврши, така што од финалистите, шанси сезоната да ја заврши како најдобар стрелец има Романката Кристина Неагу од Букурешт, која има 101 погодок. Вардарки синоќа го дознаа противникот во полуфиналето на фајналфорот, а можни противници беа Ѓер, Букурешт и Ростов.