Де Лихт во Јувентус како најскап тинејџер-дефанзивец

122

Поскапи одбранбени фудбалери од Де Лихт се само Вирџил ван Дајк (Ливерпул)
и Луис Фернандез (Баерн)

Капитенот на Ајакс, Матијас де Лихт (19) го финализира трансферот во италијанскиот шампион Јувентус за, како што информираат европски медиуми, сума од 75 милиони евра, што го прави трет најскап одбранбен фудбалер на светот и најскап тинејџер меѓу дефанзивците. Засега најмногу пари за одбранбен играч плати актуелниот првак на Европа, Ливерпул, кој за Вирџил ван Дајк во јануари 2018 година на Саутемптон му плати 83 милиони евра (тогаш Ван Дајк имаше 27 години).

Зад Ван Дајк на листата најскапи дефанзивци следуваат Французинот Лукас Фернандез (23), чиј трансфер од Атлетико во Баерн годинава изнесуваше 80 милиони евра. Потоа следуваат три зделки на англискиот првак Манчестер сити. „Граѓаните“ за Емерик Лапорт на Атлетик му платија 65 милиони, за бекот на Монако, Бенжамин Менди дадоа 57,5, а на Евертон за Џон Стоунс, 56,5 милиони евра. Реал го купи Едер Милитао за 50, а пред десетина и повеќе години Манчестер јунајтед за трансферот на Рио Фердинанд од Лидс мораше да плати 46 милиони евра.

За Де Лихт, кој го предводеше Ајакс до полуфиналето на Лигата на шампиони (ЛШ) минатата сезона, беа заинтересирани Барселона, Манчестер јунајтед, ПСЖ и други клубови. Тој постигна и осум гола на 77-те првенствени настапи за Ајакс, каде што е од деветгодишна возраст, а во март 2018 година стана и најмладиот капитен на клупската историја. Де Лихт во минатата сезона го постигна победничкиот гол против Јувентус и го испрати Ајакс во полуфиналето на ЛШ во кое загуби од Тотенхем. За репрезентацијата на Холандија тој дебитира во март 2017 година, иако претходно имаше само два првенствени настапи за Ајакс.