Дејановиќ оди на Тиан Шан како загревање за зимското искачување на К2

782

Здравко Дејановиќ, кој се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри), потоа на К2 (8.611) и на Анапурна 1 (8.061), планира со полска мешана екипа да се обиде да се искачи на К2 во зима, „светиот грал“ на хималаизмот. Досега ниту еден светски планинар не се искачил на К2 во зима

Отпадна повторниот обид за искачување на третиот по височина хималајски врв Канчензонга (8.586 метри). Парите, како и многу пати досега, не успеав да ги обезбедам, станува збор за поголема сума, така што сега ќе морам да ги ревидирам плановите за сезонава, вели македонскиот планинар, алпинист и хималаист Здравко Дејановиќ, човекот што се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест (8.848 метри) во 2010-та, потоа на К2, вториот по височина (8.611), во 2014-та и на Анапурна 1 (8.061 метар) во 2015-та, кој е со најголем процент на смртност при искачувањата.
Како замена за Хималаите, Дејановиќ летово, со членови на високогорскиот алпинистички клуб (ВАК) „Анапурна“ од Скопје планира искачување на неколку врва на Алпите, потоа и самостојно на два врва на масивот Тиан Шан, во централна Азија, на границата помеѓу Киргистан и Кина.

– Ќе се обидам да се искачам на највисокиот врв, Пик Победа или Џенгиш Чокосу (7.439 метри), кого го сметаат за потежок за искачување од неколку врва над осум километри и на кој се имаат искачено едвај стотина луѓе. Според тежина е исто како искачувањето на Анапурна. Следниот врв би бил Кан-Тегри (7.010 м), на границата на Киргистан со Кина. На тој масив има пет врва со над 7.000 метри, а тој што ќе ги искачи сите пет го добива признанието „Сноу леопард“. Јас веќе се имам искачено на Пик Ленин (7.134 м) и ако успеам да се качам и на овие два ќе ми останат уште два до „леопардот“ – вели Дејановиќ.

Сепак, искачувањата на овие врвови би требало да бидат само подготовка во обидот за искачување на К2 во зима, нешто што досега не му успеало на ниту еден светски планинар. Колку таа цел е (не)достижна зборува и податокот дека тоа е единствениот од 14-те врва над 8.000 метри што не е искачен во зимски услови.

– За мене, а и за многумина други, зимското искачување на К2 е „светиот грал“ на хималаизмот, нешто што досега на никого не му успеало. Со тоа се затвора хималајската книга. Досега имало шест, седум обиди во зима да се искачи К2 и сите завршиле неуспешно. Годинава имаше две експедиции на К2, една од Шпанија и една мешана, руско-казахстанска, која стигна најдалеку досега, до 6.700 метри. Шпанците таму беа над 60 дена, според мене непотребно долго, имаа најдобри шерпаси, но не успеаја. Температурата во зима е многу ниска, минус 30-40 степени, тоа е најголемиот проблем, тоа исцрпува најмногу. Затоа целата „операција“ би требало да трае што е можно пократко, најмногу до 30 дена. Полјаците прават сериозни планови за зимско искачување на К2, во декември, тоа би требало да биде мешана, интернационална екипа. Јас сум во контакт со нив, до крајот на летото би требало да се знаат повеќе детали дали и како би се реализирала. За очекување е таа екипа да брои најмалку 15 луѓе, секој од нив треба да си го одработи својот дел од работата, потребни се силно мотивирани и искусни луѓе, по можност луѓе што претходно се искачувале во летни услови. Тоа го кажувам од лично искуство, знам каде демнат најголемите опасности, целата патека ми е во главата, меморирана. Таму нема аклиматизација поради екстремно ниските температури во зима, па затоа треба да се проба да се стигне до врвот за што е можно пократко време, јасно, ако дозволат временските услови.

Претходно есента јас би отишол на Аконкагва (6.960 м), во Јужна Америка, таму тогаш е лето, би се искачил, би се аклиматизирал и оттаму право за Пакистан, на К2 – вели Дејановиќ.


laste.d@novamakedonija.com.mk