Децениско успешно работење на домашната модна сцена

93

Со промоција на колекцијата „Х“ на Модната недела во Софија, брендот „Елена Лука“ одбележува фантастичен 10-годишен јубилеј. Промоцијата на јубилејната колекција ќе се одржи во рамките на четвртата вечер, на 20 септември, кога, според програмата на Модната недела, ќе настапат повеќе странски модни етикети.

– Секоја од креациите во оваа луксузна јубилејна колекција „Х“ го има своето уникатно место при раскажувањето на модната приказна на брендот. Од користењето префинети материјали, како свила, кадифе, најексклузивни тантели, срма итн., до кроевите што ја прегрнуваат женската различност, одлучив да ги обединам сите чекори што ги направија оваа приказна и бренд единствени – изјави Елена Пандева.
Со својот авангарден и артистичен пристап кон модниот дизајн, македонската модна куќа „Елена Лука“ постави врвни стандарди на домашната модна сцена, но истовремено направи приближување кон светските модни трендови и текови.

Како бренд што веќе една деценија е на самиот врв, со јубилејната колекција „X“ прави сублимат на исклучително значајна декада и за брендот, но и за македонска модна сцена.

– Со симболот „Х“, кој се проткајува низ колекцијата во различни форми, се истакнува јубилејот на кој модната куќа е особено горда, бидејќи ова децениско успешно работење е репрезент на сите заложби на модниот бренд за уникатен, бескомпромисен моден дизајн во кој се препознава индивидуализмот како ракопис на уметникот. Авангардниот дизајн што ги обединува сите креации, претставува одбележување на патот на успехот на брендот изминатите години, но наедно и нов почеток во кој ќе се задржат индивидуалноста, специфичниот уметнички израз по кој е препознатлива модната куќа и намерата да се приближи светски производ до секоја жена. Оваа колекција е мост помеѓу она што низ годините досега ја изградило модната куќа во креативна смисла, но и она што допрва ќе следува и што со сигурност ќе ја приближи до нова публика и до нова деценија исткаена со препознатлив дизајн, уметност и префинетост – изјавија од тимот на „Елена Лука“.