Деца си играат војна во кампови околу Македонија

749

Од џихадистички, преку воени, па до користењето на еуфемизмот патриотски, но сепак – милитаристички кампови, се локациите во кои млади луѓе, па дури и деца, индоктринирани и регрутирани од просторите на Балканот, се тренираат и обучуваат да ракуваат со оружје и со минско-експлозивни средства.

Оваа загрижувачка состојба, која се одвива во непосредното соседство на нашата земја, сѐ поочигледно е присутна во држави со кои граничиме, но и во поширокиот регион на Западен Балкан. Ваквата појава веќе одамна е регистрирана како потенцијално безбедносно жариште во информациите што одвреме-навреме протекуваат во јавноста, подготвени од надлежните институции, но сега веќе сѐ повеќе се забележуваат голем број новинарски написи, фотографии и телевизиски прилози.

Имено, хронолошки гледано, најсвеж пример беше регистриран месецов, кога српските власти под притисок на медиумите го затворија т.н. „младинско-патриотски камп“ на Златибор. Функционирањето на овој камп, за кој јавноста исклучително се заинтересира, крена прашина во Србија, а на него остро реагираше и Американската амбасада во Белград. По бурата реакции, српската полиција го затвори кампот и официјално информира дека тој е организиран од групи со крајно десничарска радикална ориентација, каде што „поединци се со српско, а некои од нив и со руско потекло“.

Влез во еден од камповите за обука на терористи во Горња Маоча, кај Брчко во БиХ

Властите соопштија дека на летниот камп на планината Златибор учествувале деца на возраст од 12 години и возрасни над 23 години, а во него биле сместени вкупно 34 мажи и 12 жени од Србија, Црна Гора и од БиХ. Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, по упадот на полицијата, изјави дека кампот е затворен „поради можни злоупотреби на деца“ и дека учесниците се испратени дома, а српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, изјави дека нема да толерира такви кампови каде што „деца во униформи“ се учат на борбени вештини.

Во меѓувреме, лиферувани се информации дека споменатиот „младинско-патриотски камп“ на планината Златибор во западна Србија, не е единствениот во кој се вршела воена обука на млади и деца. На пример, белградскиот весник „Политика“ информира дека на средината на јули годинава, во Црна Гора, на локациите Колашин и Плевља, бил организиран сличен камп, кој се одржувал три години по ред, а кој во земјата бил отворен од страна на црногорскиот министер за одбрана Слободан Филиповиќ. Според очевидците што информираат за весникот, на кампот во Црна Гора на курсот, кој траел две недели, за воени знаења и вештини се обучувале 45 средношколци од Црна Гора и пет од Македонија.

Во истиот контекст, повикувајќи се на свои извори, новинската агенција „Спутник“ информира дека на територијата од Косово изминативе две години биле регистрирани тајни воени кампови во кои милитантите на Исламската држава (ИД), однапред индоктринирани и регрутирани деца и младинци, ги тренирале и подготвувале за борбите и потребите на споменатата терористичка организација. Високи безбедносни извори, за некои медиуми од Србија брифираат и потврдуваат дека во моментов има најмалку пет тренинг-кампа на ИД, лоцирани во близината на границата на Косово со Македонија и со Албанија, но забележени се активни кампови за воена обука во регионот на градовите Урошевац и Ѓаковица, како и во реонот на Дечани, Призрен и Пеќ.

За издвојување во оваа насока е информацијата на новинскиот портал „Вестерн балканс секјурити ишјус“, кој на оваа тема информира дека лани во Албанија биле регистрирани неколку локации во северниот дел од таа држава, каде што според информациите има индиции дека „јатаците на ИД“ имаат свои мини и длабоко илегални кампови во кои се тренираат млади џихадисти за спроведување терористички операции во Европа. Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека за сите индиции и сознанија за постојни кампови од овој тип што функционираат во регионот, државите треба веднаш да реагираат, да проверат и соодветно да ја спроведат законската процедура.

– Јас лично верувам дека само државата, во рамките на своето позитивно право, Уставот и законите, може да биде таа што може да изврши обука на младите луѓе за користење оружје. Тоа, на крајот на краиштата, е изводливо во армиите на балканските земји, кои иако се професионални, имаат дел што е составен од доброволци и волонтери – вели Стефаноски.

Според него, поради богатото воено наследство, традицијата и култот кон војската, полицијата и оружјето на Балканот, разбирливо е зошто ваквиот тип кампови виреат во регионот. Тој советува дека властите во земјата треба да го подигнат степенот на контроли низ државата и навремено да превенираат вакви кампови доколку тие воопшто се појават во Македонија. Засега, за тоа нема ниту информации ниту некакви индикатори, а службите за безбедност со својата професионална работа и ангажмани во врска со овој феномен не оставаат простор граѓаните на Република Македонија да се чувствуваат небезбедно и несигурно. 

Младинско-патриотски камп на Златибор, Србија