Деца од ОУ „Коле Неделковски“ другаруваа со писателот Трајче Кацаров

156

Љубопитните деца го бомбардираа Кацаров со своите интересни прашања, на кои тој даваше исто така инспиративни одговори. Така, дознавме дека „Не паркирај гаража“ тој долго ја носел во себе како идеја, а го инспирирал односот меѓу детето и родителот за да ја напише. За чудните наслови на своите книги тој посочи дека ги одбира за да може секој да ги сфати на свој начин, но и да бидат загатка за идните читатели

Во Спомен-собата на Миладиновци во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во четвртокот напладне, најновата книга за деца на писателот Трајче Кацаров беше претставена интерактивно. Имено, учениците од шесто, седмо и осмо одделение на ОУ „Коле Неделковски“, не само што прочитаа неколку одломки од овој мини-роман, туку и му поставуваа интересни прашања на познатиот писател, во врска со неговата инспирација, начинот на пишување, омилените книги….
Претходно рецензентите Христо Петревски и Мито Спасовски, на јазик приспособен на возраста на децата проговорија за делото, кое ја доби наградата на ДПМ „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца за минатата 2018 година.

Најпрво домаќинот, писателот Братислав Ташковски, им објасни на децата дека писателот Ванчо Николески, по кого и наградата го добила името, е основоположник на македонската литература за деца. Неговиот роман „Волшебното самарче“, според кој е снимена и телевизиска серија сѐ уште со задоволство го читаат младите читатели и е барана книга во библиотеката.

Христо Петрески дополни дека од оваа година секој добитник на ова високо признание ќе има можност промоција на наградената книга да има и во неговата родна куќа во селото Црвена Вода, во Дебарца. Тој се потсети и на една интересна средба со Ванчо Николески во селото Жван, каде што учел, кога бил осмоодделенец. Тогаш купил негова книга и долго разговарал со својот омилен автор.

За Кацаров, Петрески подвлече дека тој е уникатна појава во македонската литература, не само со својот начин на пишување и конструкција на делата, туку и со насловите, кои секогаш го скокоткаат вниманието на читателите.

– Кацаров е единствен со најнеобични наслови на неговите книги („Во подмишките на будилникот“, „Дискретниот шарм на Кус де Ру“, „Цартаровата Чичитра“, „Фалцот на змијата“, „Еди ја спасува Тера“, „Ојле Брада во животинска балада“, „На пат за Тарантамбо“, „Малцинство од еден“…), но и ликовите во неговите книги имаат необични имиња. Во „Не паркирај гаража“ се сретнуваме со: Туфе Џинката, Стојан Бабура, Елена Чушка везена, Цоне лута дршка, Врвовинката Кети, Чушкозајачето Фиу, Шушковолкот Труп, Чушкокучето Бозо, Чушкопилето пеј, Шушкомачорот Коте, Чушкоежот Бозе и Чушко змејот Огненко… Во оваа книга има толку многу ликови, секој е различен од другиот, а сите имаат дијалози, реплики, па затоа оваа книга истовремено е книга со драмски текстови. Расказите се поврзани во целина и сите заедно сочинуваат убав драмски текст, кој, верувам, во иднина ќе се игра на сцена, како пиеса со повеќе ликови, како што повеќе драмски текстови за возрасни на Кацаров се играат во целиот регион. Му посакувам на Трајче и во иднина да биде интересен и наградуван, да има повеќе средби со ученици и неговите книги како и досега да бидат хумористични и сатирични, и неговото место во македонската литература да биде лектирен автор – рече Христо Петрески.

Од своја страна, професорот Мито Спасовски, подвлече дека е исклучително тешко да се пишува како Кацаров, бидејќи тој истовремено, градејќи ја својата куќа од зборови, секогаш се стреми да оди повисоко и да отвора нови прозорци.

– Станува збор за еден писател што негува еден специфичен начин на создавање литературно творештво. Јас триесетина години го предавам предметот Литература за деца, и затоа сакам да истакнам дека овој начин на пишување е исклучително редок и осамен. И му оддавам почит за тоа на авторот. Тој е многу храбар и моќен да ја скрои и заврши оваа приказна. Во книгата „Не паркирај гаража“ има раскази, драма, но и стихови, синтеза на различни книжевни искази, за што е потребно големо мајсторство – подвлече Спасов.

Тој им порача на учениците да ги прибираат убавите зборови прочитани во книгите, бидејќи тие ќе им бидат зборовно ѓерданче во животот.

На тоа се надоврза Братислав Ташковски, кој рече дека дружбата со книгата е пат, кој секогаш ќе нѐ однесе на вистинското место.

– Во библиотека годишно доаѓаат 200.000 читатели, кои се дружат со книгите. Колку да оди напред светот со сѐ што носи времето, книгата во својата основна, најпрепознатлива форма секогаш ќе биде присутна – посочи Ташковски.
Потоа учениците од ОУ „Коле Неделковски“ го бомбардираа Кацаров со своите интересни прашања, на кои тој даваше исто така инспиративни одговори.
Така, дознавме дека „Не паркирај гаража“ тој долго ја носел во себе како идеја, а го инспирирал односот меѓу детето и родителот за да ја напише. За чудните наслови на своите дела посочи дека ги одбира за да може секој да ги зафати на свој начин.
– Јас понекогаш ставам некои поразлични наслови, од она што содржината го носи, содржината на книгата, да биде некоја загатка, нешто што ќе ги провоцира читателите да ја прочитаат – вели Кацаров.

Запрашан кога почнал да пишува тој се потсети на детството.
– Пишував уште како дете, во петто одделение им пишувавме писменца на симпатиите, па некои од моите сокласници не знаеја да напишат. Подоцна пишував и срцепарателни писма, по нарачка… Првата пиеса ја напишав на 14 години и многу луѓе дојдоа да ја гледаат, а првите објави ми се случија на дваесетина години. Тогаш објавувањето книги беше многу тешко и скапо. Кога ми беше отпечатена првата песна „Старата куќа“ бев пресреќен… – откри Кацаров.

Децата беа одушевени кога слушнаа дека за него идеален свет се цртаните филмови.
– Ако некаде сакам да живеам, тоа се цртаните, таму нема, гладни, болни, сиромашни… Во тој совршен свет и јунаците се совршени. И денес си живеам во тој свет, кога сакам да избегам од сивата стварност – рече тој.
А кога едно од децата го праша која му била омилена книга кога бил на нивна возраст, тој веднаш рече дека своевремено бил одушевен од „Том Соер“ на Марк Твен, која верувале или не е наредната лектира на седмоодделенците од ОУ „Коле Неделковски“ од Скопје.

Дознавме и дека Трајче Кацаров досега објавил триесетина книги, некои наградени со највисоките книжевни признанија.
– Сите книги ми се многу мили, а особено оние што ги создавам за вас, децата – им порача Кацаров на љубопитните ученици, кои полни со впечатоци од овој интерактивен час по македонски јазик, задоволни се вратија во своето училиште. 

Учениците читаат дел од романот