Детските родендени се за забава, а не за покажување

744

Во трката да ги задоволиме луѓето околу нас, често забораваме што е навистина важно. За роденденот на децата потребна е добра забава, а не покажување колку е полн паричникот

Прославите на детските родендени стануваат сѐ пораскошни, а некои веќе личат и на свадби. На свечената облека, која во најдобар случај ќе се облече уште еднаш, се трошат многу пари. Исто како и на непотребни работи, а сето тоа оди на штета на забавата, која би требало да биде поентата на секој детски роденден.
Вистина е дека во одредено време популарен меѓу врсниците е одреден локал од опкружувањето. Пред неколку години се избираше евтино локално кафуле од каде што се купуваше пиење, а од дома се носеше храна. За среќа, во тоа време парите на родителите не се трошеа на гламур, а сите родендени беа исти: машките гледаа во телефоните, девојчињата играа, понекоја мала несмасна интеракција, дување свеќички и одење по дома.

Тоа некако беше нормата и многу славеници не отстапуваа од неа, а и тогаш немаше никакви осуди. Децата нормално си одеа на родендените, како и денес.
Затоа не треба да се наседне на приказната за притисокот од околината. Потребно е да се направи мошне тежок разговор со детето и да му се објасни како функционираат работите.
Некои родители организираат раскошен роденден затоа што отсекогаш таков сакале за себе.
Намалете го списокот со возрасни личности што ќе ги повикате и ставите акцент на она што детето најмногу го сака и ќе забележите дека нема да ви требаат спектакуларни аранжмани, ниту кристални чаши, скапо пиење и нашминкани локали. Треба да ги задоволите децата, не возрасните.

Договорот со децата околу роденденот треба да биде заедничко решение со кое сите ќе бидат задоволни. Пронајдете се на местата каде што се вкрстуваат нивните желби и вашите можности, објасните им дека спомените не се прават преку туѓото воодушевување, туку преку драгоцените моменти со драгите пријатели. Нека ги повикаат само нив, не мора да ги повикаат оние што навистина не ги сакаат.
Што се однесува до местото за прослава, појдете заедно во разгледување и имајте ги на ум бројот на гостите и пристапноста. Ништо од ова не мора да биде скапо: од закуп на локал до резервирање на локалното кафуле, постојат мноштво варијанти, во зависност од желбите и буџетот.

Добар роденден е оној на кој вашето дете си поминува добро – толку е едноставно. Треба да си поставите неколку прашања, дали можете да си го дозволите и дали е тоа што го сака детето. Ако на двете прашања одговорите со да, тогаш многу полесно ќе ви биде да го организирате роденденот.
Кога славите детски роденден, заедно со детето може да се впуштите во имагинацијата и да направите спектакуларна и забавна прослава. Определете се за невообичаени активности што ќе ја разбијат монотонијата.
Ако сте подготвени да ризикувате со нечистотијата, во домашна атмосфера може да приредите навистина убав роденден, а гостите ќе имаат и каде да преспијат доколку останат до доцна навечер.
Во зависност од возраста, некој од овие предлози може да биде полн погодок, како маскенбал, филмска вечер, тематска прослава: облека, музика и декорација од одредена ера или според филм, друштвени игри, квизови и караоке.
Сите сакаат пици и сендвичи, три-четири вида пијачки, торта и грицки, тоа е сѐ што ви е потребно.

Доколку повеќе ви се допаѓа идејата да закупите простор за роденден, можете да се определите за нешто покласично, како резервација на простор во некој популарен ресторан, кафуле или клуб.
За помалите, покрај игротеките тука се и креативните центри, каде што децата под надзор може да уживаат во забавната програма, додека вие го пиете своето кафе.