Деновите на трутот

Први мај мина незабележано, во сендвич меѓу верски празник и избори. Во земја во која владее речиси религиско верување дека „НАТО ќе нѐ брани, а ЕУ ќе нѐ храни“, Денот на трудот не може да има посебно значење – освен како неработен ден (ако имаш среќа да си вработен и/или ако приватниот газда се смилува да ти го овозможи тоа право). Сите други денови се, всушност, непрекинато славење на деновите на трутот. Симболичкото значење на зборот „трут“ е за човек што е мрзливец, готован, или дембел (на турски и албански). Најголемите трутови се оние што глумат дека се највредни, политичарите, тоа е јасно. Живеат на туѓ труд и уживаат државно платени привилегии додека семејните бизниси им цветаат. Но и народот милува да негува за себе позитивни, но генерално лажни претстави: добар, питом, чесен и вреден. А кога ќе си присвоиш таков убав имиџ, а живееш бедно, бараш виновници секаде освен во себе, почнуваш да се самосожалуваш и си го ставаш ореолот на жртва (на социјалните и политичките неправди). Тоа е моментот кога човек реално се (само)пасивизира, смета дека треба да живее од туѓата сомилост, без поттик да се бори за надминување на таквата подредена положба. Да се разбереме, освртот на индивидуалната позиција на (не)работникот никако не значи запоставување на системски детерминираната состојба од страна на капитализмот (центарот или во периферијата). Но ако веќе отсуствува помасовно синдикално или друго протестно движење, ако поимот левица е причина за потсмев (во ликот на социјалдемократите) или трагикомедија (во ликот на крајната левица), тогаш се поставува прашањето што може да стори поединецот. Дали и како да се бори за егзистенција (ако не заминал од земјава)? Всушност, она што најмногу загрижува е немањето вистинска желба за борба – прво за живот/егзистенција, а потоа и за работнички и за други права. Првото е услов за второто, а не обратното, како што сметаат мнозина овде…

Неколку примери ја илустрираат состојбата на тие што живеат на туѓ грб (не од социјална помош, бидејќи од неа не се живее). Неодамна почина свекорот на познајничка. Не беше многу стар, но го навалија сиромаштија и болести, и го докусури лошата здравствена заштита (во внатрешноста). Покрај тагата, неговото заминување отвори уште еден болен проблем за семејството: егзистенцијата без скромната пензија. Ова не е ништо ново, ами е трајна одлика на општество што неминовно старее и осиромашува, а без шанси за економска преродба. Голем број примери ја покажуваат и другата, чудна страна на паричката: невработените се мошне пребирливи. Пријател раскажува како во неговата населба има одлична и прометна пекарница, на која со денови стои оглас дека се бара работник без искуство со почетна плата од 30.000 денари! Сопственичка на сличен бизнис, исто така, бара работничка без искуство да прави палачинки, со почетна плата од околу 20.000 денари. Трет бара бравар без искуство со плата од над 20.000 ден., поради пензионирање на стариот, што отвора можност за напредување и зголемување на платата. Попусто. За споредба, асистентските плати се многу пониски, а на некои факултети платата на редовен професор пред пензија е нешто малку над 30.000 денари. Впрочем, ова е и висината на пензијата на (секој) редовен професор!

Што е со младите? Или можеби е проблемот во нас, старите? Огромен број од нив имаат диплома, а на Заводот за вработување го чекаат Годо, ако веќе не заминале во странство. Дали се разгалени? Мрзливи? Самобендисани? Мислат ли дека дипломите им вредат во земја без економија и без пазар на трудот на кој се ценат способностите, па подобро им е да живеат на грбот на родителите одошто да ги извалкаат рацете и да се испотат? Сите сакаат канцелариска работа во држава што пропаѓа, токму поради преголемата и партизирана администрација! Пред неколку години разбрав за состојбата на бивша студентка, која индиректно ми се обрати за помош (им ги исклучиле и струјата и водата, и едвај преживувала со невработениот сопруг). Се разбира, не можев да ѝ помогнам да најде работа во струката. Токму тој ден пазарев во супермаркет што имаше оглас за продавачки. Ѝ се јавив да побрза, но добив „шлаканица“. Ме „откачи“ ладно: „Па, јас имам диплома!“ Си помислив: кога би се нашла на улица и не би имала егзистенција, иако сум професор без срам и комплекс би работела што било, а таа држи до себе! Патем, таа сѐ уште е невработена.
Можеби е проблемот во моето социјално потекло: кога растеш во работничко семејство, кога гледаш како родителот работи прекувремено во ноќни смени за да те школува и да ти даде пристоен живот, знаеш да ги цениш трудот и работникот. Респектот што го имам за него е уште поголем поради свеста дека и тој можеше да реши „држи до себе“ – но, тој се жртвуваше себеси и својата љубов (поезијата) заради мене и брат ми. Од родителите научив дека не е срамота да работиш, па дури и ако те експлоатираат – борбата за живот е императив! Поголема срамота е да кукаш и да чекаш подобро утре без да сториш нешто за себе и за своите. За волја на вистината, има и обратни примери. Обично велам дека ме возат најучените таксисти (луѓе чии фирми пропаднале во времето на приватизацијата, а се зафатиле со ова божем привремено и останале до денес). Слично е и со продавачките во шопинг-центрите. Срам ме јаде кога ќе сретнам некој од најдобрите студенти/студентки на работа за која се преквалификувани и преинтелигентни, но барем покажуваат дека се борци (а годините минуваат, надежите се топат, како и лажгите на политичарите за датум за преговори или за странски инвестиции).

Тие што не се согласуваат со мојата осуда на трутовите, користат контрааргументи за „дивата лига“ во сферата на приватните бизниси: газдите се немилосрдни, го гледаат само профитот, нема казни за кршење на елементарните работнички права. Точно е и дека законската легислатива им дава привилегирана положба на работодавците, а сѐ попонижувачка на работниците. Сепак, како да објасниш одбивање и обид да се прифати работа, барем за еден месец? Праќаат невработени од заводот, а тие ќе се појават во фирмата и само ќе речат: „Пријатно, не ми одговара!“ Пријател ми одговара: „А, можеби и академската фела го изгубила достоинството, штом останала да работи за 30.000 денари. Без навреда. Но, секој го цени својот труд според свој критериум и ќе работи за колку што смета дека вреди на пазарот. Државата е крива што не воспоставила систем на правично вреднување на трудот, па мајстор е повеќе вреднуван од доктор или професор. Или хигиеничарка е подобро платена од општ лекар. Државата дозволува работа на црно. Маса народ не е волен да работи занает, па лепи партиски плакати за да добие место во администрација. Има уште многу на темава, ама општеството ни е надвор од логиката на нормално функционирање, па сѐ функционира на кредит, без реална економија.“ Друг коментар укажува на вината на родителите, кои ги разгалиле своите деца, па не гледајќи го реалниот контекст, уште се надеваат на државни јасли каде што децата ќе им работат во канцеларија.

Иако сум левичар, многу лесно се приспособив на капитализмот: не само што си ја сакам работата, туку и уживам кога работам. При студиска посета во Копенхаген, пред многу години, го научив името за тој феномен: зависност од работа, воркохолизам. Тоа е другата крајност, кога од амбиција и љубов кон работата си го жртвуваш личниот и семејниот живот, тој минува, а не си ни свесен дека некои од највредните нешта си ги заборавил. Надвор од мојата, навидум привилегирана работа, стварноста е немилосрдна, бидејќи развиениот капитализам (во центарот) е бездушен кога од работниците бара не само да се вложат максимално, туку и да ја сакаат работата. Конкуренцијата го прави своето: идеалот е на работник (службеник, експерт, менаџер, научник), кој е непрекинато продуктивен, со малку време за одмор (па дури и желбата за одмор е грев). Ова е херојската икона на Силиконската долина или Волстрит. Капиталот бара целосна саможртва, надминување на потребата од сон, грижа, емоционални врски, грижа за болно дете, или сѐ друго што ја намалува продуктивноста. И оваа страна на работата е погубна, исто како и мрзата. Бројот на лица што страдаат од анксиозност, депресија, па и кои посегаат по својот живот, расте дури особено во академските средини (кај нас таква опасност не постои). Седерстром и Флеминг („Мртвиот човек на работа“) тврдат дека работата во капитализмот е од таква природа што ги експлоатира работниците не само во текот на работното време, туку и во секој друг сегмент на живеењето. Однатре мртвиот/исцрпен човек е принуден да изгледа „жив“, да стави насмевка на лицето, глуми ентузијазам, прави шеги додека учествува во „градење тим“. Корпорациите го колонизираат самиот живот, па дури и соништата. Капитализмот го изврте во своја полза марксистичкото сфаќање на трудот, а ние никако да сфатиме дека можеме да умираме како зомби живеејќи на вересија во периферијата, или дека кога ќе „дојде живот“ тој ќе бара целосно жртвување пред олтарот на капиталот.