Девојчето што се измочка во гаќи (2)

122

Девојчето беше толку исцрпено, што едвај чекаше да се фрли во постелата меѓу чаршафите. Веднаш заспа. Сонуваше уф-уф-уф како се качува по некој стрмен рид, ама не беше рид туку планина уф-уф-уф, одвај си ги влечкаше нозете, насекаде околу неа шума, а зад неа некој ја бркаше и беше сѐ поблиску и поблиску. Уф-уф-уф, се трудеше таа да избега, но, како што тоа бива во сонот, како да беше вкопана во земја. Не можеше ни да се заврти за да види кој е зад неа. Иако беше сигурна дека гонителот е страшниот бос ти-рекс.

Се сепна и се разбуди, накострешена, сета во пот. И тогаш, за беља, од страв ѝ се примочка. „Што да правам, што да правам?“, се растревожи девојчето.
– Роза, Роза, разбуди се. Те молам, Роза, помогни ми. Ама мачката Роза не се помрдна, само продолжи, мррр, мррр, да преде во сонот (сигурни сме дека таа сонуваше нешто многу поубаво). Девојчето се стискаше, очигледно дека беше во неволја – ама што да прави, не знаеше каде е тоалетот, а ако ја промаши вратата и влезе во собата на ти-рекс, тешко неа, и… – се мочна во гаќи! Каков срам!
Утрото кога босот правеше проверка што животните ја викаа „смотра“, веднаш
го откри неделото.

– Кој се осмелил да се измоча во постела?! – грмна ти-рексот.
Молк. Никој не се осмели да писне. И тогаш, мачката Роза одлучи пак да го спаси девојчето: – Јас бев таа, ете, и тоа е можно, сонував дека многу ми се пие вода и дека покрај мене од некаква чешма капе, онака кап, кап, кап, и … се случи.
Босот само што тргна да ја казни, кога некој го запре. Погодивте, тоа беше девојчето! Однекаде најде храброст да му се спротивстави: – Роза не е виновна.
Јас се измочкав во постелата – кажа гласно.
Босот ти-рекс како да беше затечен од овој нејзин одговор. Му беше потребно да се снајде и да смисли со какви страшни зборови да возврати, но за тоа време девојчето продолжи:

– И тоа зашто ми забранивте да влезам во вашите простории. И девојчето си кажа сѐ по ред, а притоа не го тргна погледот од неговите мали лоши очи. За чудо, колку повеќе го гледаше, толку неговите очи омекнуваа и некако се подраширија.
Девојчето се осмели на крајот да му рече: – А сега, да ми се извиниш што ме извади од памет.

– Извини… – на општо вчудовидување промрмори ти-рексот. Дури додаде дека претерал, а подоцна Роза тврдеше дека очите, онака подзголемени, му се насолзиле. Сѐ на сѐ, од тој ден работите се сменија.
Така, девојчето продолжи да престојува во Куќата на животните. Една-две, можеби три години. И не му беше ич лошо. Задругарува со сите триесет и три животни, најмногу со мачката Роза. Почна со нив да пее, дури да танцува по куќата. И токму поради неа, во куќата веќе немаше страв. Најмногу, како што кажавме, поради веселото девојче Лулу, но и затоа што еден ден ќе се открие дека босот не е страшниот ти-рекс, туку убавиот принц, кој поради тоа што некогаш бил самовљубен и себичен самовилите го преобразиле во страшен диносаурус. И дека можеби љубовта и добрината можат да му го вратат некогашниот изглед. Но тоа веќе заличува на друга бајка, зарем не?

Ете, мила моја Лулу, јас се потрудив некако да ја запишам твојата приказна, не знам колку баш успешно, но, како што велат нашите пријатели Ескимите, „сите мои грешки нека се вратат на своите места и притоа нека не прават многу врева“.