Деби на ВАР во Премиер-лигата, мислењата поделени

58

Манчестер сити стана првиот тим на кој по интервенцијата на ВАР му беше поништен гол, а му беше овозможено и повторно да изведе пенал поради грешка на одбраната на Вест Хем и прераното влегување во 16-те метри

Шампионот Манчестер сити во супериорен стил ја започна новата сезона во Премиер-лигата, со убедливата победа над Вест Хем, на гости со 5-0, во натпревар во кој значајна улога имаше видеоасистент-судијата, или ВАР, кој беше искористен неколкупати, и неговата употреба наиде на различни реакции.
Сити стана првиот тим во Премиер-лигата на кој по интервенцијата на ВАР му беше поништен гол (на Габриел Жезус за 3-0), а му беше овозможено и повторно да изведе пенал (првиот Серхио Агуеро не го искористи) поради грешка на одбраната на Вест Хем и прераното влегување во 16-те метри.

– По две години подготовки сите беа навистина возбудени што започна да се употребува ВАР. Дали се одвиваше сѐ добро? Како што изјави Рахим Стерлинг од Манчестер сити по мечот во Лондон, ако донесуваме правилни одлуки, тогаш тоа може да биде само добра работа – изјави Крис Фој, поранешниот судија, кој е дел од тимот што го надгледува спроведувањето на ВАР.

Една од најголемите грижи околу ВАР, кој дебитира во Премиер-лигата, е како искуството за навивачите да се вклопи во целата работа. Премиер-лигата го знае тоа и презема чекори за да се обезбеди јасна комуникација со нив и да не се губи непотребно време при донесувањето на одлуките. Пораките ќе се појавуваат на големите екрани на 18 од 20-те стадиони (освен на „Енфилд“ и на „Олд трафорд“) и во случај на поништена одлука, ќе биде прикажана видеоснимка со која ќе се разјасни причината за ВАР-интервенцијата.

– Имаше позитивни и негативни реакции на стадионот. ВАР несомнено создаде поинаква атмосфера на трибините со одлуката да се поништи голот на Габриел Жезус, на радост на навивачите на Вест Хем, и иницира необичен хумор, бидејќи навивачите на двата тима почнаа да скандираат „ВАР, ВАР, ВАР“, при секој нареден мал инцидент – изјави Гери Роуз, кој го покриваше мечот за Би-би-си.
И, ако се суди според овој меч, контроверзиите околу ВАР нема да исчезнат за скоро време.

Како и да е, Сити продолжи каде што застана ланската сезона, ја забележа 15-та победа во низа, три помалку од рекордите 18 во периодот август – декември 2017-та. Рахим Стерлинг постигна хет-трик и стана осмиот фудбалер со таков ефект во првото коло во премиерлигашката историја, прв по Дидие Дрогба во сезоната 2010/2011.
Европскиот првак Ливерпул ја отвори сезоната со очекуваната победа над Норич, 4-1, и ја продолжи успешната серија од 41 меч без пораз пред своите навивачи, почнувајќи од април 2017-та. Лошата вест од овој меч за навивачите на Ливерпул е повредата на мускулот на голманот Алисон Бекер, поради што ќе паузира од четири до шест недели.

Мохамед Салах три сезони по ред дава гол на премиерниот меч, како и Садио Мане, до лани. Рекордер во оваа категорија, со четири гола на четирите први натпревари во сезоната, е Теди Шерингам, постигнати од 1991/1992 до 1995/1996. Бекот на „црвените“, Трент Александар-Арнолд, е првиот по Мезут Озил во 2015-та, вкупно осми играч, со по најмалку една асистенција на пет меча по ред.

На другите натпревари од првото коло беа постигнати следните резултати: Тотенхем – Астон Вила 3-1, Борнмут – Шефилд јунајтед 1-1, Барнли – Саутемптон 3-0, Кристал палас – Евертон 0-0, Вотфорд – Брајтон 0-3.
Вчера се одиграа трите последни од првата рунда, меѓу кои и дербито Манчестер јунајтед – Челси на „Олд трафорд“, Њукасл – Арсенал и Вулверхемтон – Лестер.