Две илјади и единаесетта: Македонска Република

444

Почитувани, имам 49 години, лекар сум и никогаш не сум бил член на ниедна политичка партија. Ја напуштив Македонија пред 16 години. Со мене дојдоа сопругата и двата сина. Зошто се случи тоа? Не е ни важно, долга прикаска… така требало да биде. Но во нашиот дом, до ден-денес, се негува македонскиот дух со разговори за нашата култура и историја. Книгите, песните, уметноста, обичаите, традицијата… сето тоа, како охридски филигран, ни го краси животот тука, далеку од „родната грутка“. И веројатно ќе ви звучи чудно, но оваа моја историја се повторува скоро кај сите „наши луѓе“ што живеат во оној етеричен простор наречен дијаспора. Ја сакаме Македонија!
Нејсе… да не одолжувам повеќе, да одам, на конкретното.

Во јануари 2011 година испратив писма до кабинетите на претседателот и на премиерот на Република Македонија во кои дадов скромен предлог за можна алтернатива за името на државата… ако, не дај боже, дојде ден кога ќе побараат од нас, кога ќе треба да дадеме и ние некаква иницијатива во неразумниот спор. Тешко беше тогаш да се зборува за тоа, но предложеното име дозволуваше зачувување на нашето име, јазик и култура. Дури во 2015 година собрав храброст да му го прочитам писмото и на татко ми, човек со високи хумани вредности и македонски патриот.
Денес, кога претходната власт веќе ја нема, а нема ни знаци дека моите зборови „допреле до срцето и разумот“ на оние неколку влијателни политичари, решив содржината да ја споделам „со сите“.

Во писмото (2011), по еден краток увод во кој објаснувам кој сум и што сум, продолжувам:
Македонија веќе 20 години гази по новиот пат, продолжува со својата транзиција, продолжува да се справува со проблемите што ги носи ова време во економскиот и политичкиот систем. Но желбите и напорите да се подобрат условите за живот и да се истрасира патот кон благосостојбата на нејзините граѓани, секојдневно се судира со големиот предизвик „ИМЕТО“. Предлозите што излегуваат во јавноста за решавање на овој апсурден спор, никако да ги задоволат „двете страни“. Го разбирам разумниот отпор што го дава нашиот естаблишмент.

Директен повод за моето барање да стапам во контакт со вас е да ве запознаам со една идеја што подолго време тлее во мене. Се работи за „името“. Ќе се обидам да бидам јасен. Ми се чини дека ќе биде прифатливо име за „двете страни“ ако именката Македонија ја замениме со придавката македонска, и наместо Република Македонија (РМ), да биде „Македонска Република“ (МР).

Не сум политичар, но свесен сум за тежината и многуте аспекти во овој спор. Ќе ви изнесам некои од моите забелешки:
1. Името Македонска Република (Macedonian Republic) e суштински различно од Република Македонија (Republic of Macedonia), и таа разлика треба да се искористи и потенцира.

2. Придавката македонска укажува географска одредница, дека државата „Македонска Република“ постои во регионот Македонија, на Балканскиот Полуостров. Со тоа се удоволува барањето на Грција, иако неосновано, во нашето име на државата да постои и географска одредница.

3. Индиректно, ова име ја раздвојува нашата територија од деловите на Македонија во соседните земји, иако не значи дека тие се единствени сопственици на тој збор – Македонија. Во нашиот случај, името „Македонска Република“ потврдува дека сме посебна држава чија територија 100 отсто е на македонска земја во регионот Македонија.

4. Граѓаните што живеат во „Македонска Република“ доминантно се Македонци и живеат со сите други заедници наведени во Уставот. Јазикот останува македонски, а и културата е македонска.

5. Во нашата историја сме ја имале Крушевската Република од 1903 година, со придавката Крушевска пред Република. Таа Република и нејзините идеи за слобода на Македонците и единство со „нашите комшии Турци, Арнаути…“, објавени во Крушевскиот манифест, се и дел во нашата национална химна.

6. Имиња на држави каде што не постои именка туку придавка има и во Европа. Пример е големата и пријателска Франција. Во француските пасоши не стои името Франција, туку Француска Република (Republique Française). Нејзините граѓани се Французи и сѐ што е поврзано со неа е француско. Постојат и други вакви примери.

Писмото (2011) го завршувам: Дали има во моментов друго име „во игра“, поприфатливо и поприкладно од името „Македонска Република“? Македонска Република е име во кое не се спомнува терминот Македонија како именка и има јасна географска одредница.

Ете, сега мојот предлог е „надвор“ и дали ќе има сила да промени нешто или не, дали е позитивен придонес или ќе остане само „мртва буква“, го оставам на ваша политичка анализа и транскрипција.

Уверен сум дека ова мое писмо доаѓа кај вистински човек и дека пораката ќе биде слушната, пренесена и разгледана „со добри очи“, а потоа ќе одвоите малку време и познавајќи ги вашата позиција и елоквентност ќе ми напишете „некој ред“ околу тоа кои се вашите размислувања. Со искрена почит.

Во 2018: Почитуван господине Метју Нимиц, името „Македонска Република“ не е навредливо за мене (а веројатно истото го чувствува и поголемиот процент од македонското население) и ги исполнува во целост побарувањата на „другата страна“. Сметам дека треба „да се инвестира“ во овој проект… доколку не е доцна.

(Владимир Попоски, очен лекар во Барселона, Шпанија)