Два система, еден свет

71

Исто како Студената војна од 20 век меѓу САД и тогашниот Советски Сојуз, така и новото ривалство меѓу Кина и Западот е натпревар помеѓу суштински некомпатибилни политички системи. Победата на слободата и на демократијата е далеку од загарантирана

Јошка Фишер

Со приближувањето на 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, прашањето за слободата и демократијата повторно исплива на површина на места како Москва и Хонгконг, иако под многу различни историски и политички услови. Потсетуваме дека модерната ера е изградена на слобода и на признанието дека сите луѓе се раѓаат еднакви. Кога се роди оваа радикална просветителска идеја, таа претставуваше прекин со целата претходна историја. Но времињата се сменија. Во 21 век, ние сме соочени со фундаментално прашање: Дали современата форма на авторитаризам може да претставува алтернатива на либералната демократија и владеењето на правото?

Во 1989 година, очигледниот одговор на тоа прашање ќе беше „не“, не само на Западот туку и во целиот свет. Оттогаш, сепак, бевме сведоци на заживување на национализмот во Европа, неуспехот на Арапската пролет, изборот на американскиот претседател Доналд Трамп, повторното враќање на Русија кон реваншизам и појавата на глобална Кина. Сега, шансите за победа на либералната демократија се далеку од загарантирани.

Појавата на Кина како втора воена, економска и технолошка суперсила сугерира дека сега постои алтернативен модел за развој. Во модерна Кина, владеењето на правото и демократијата се сметаат за закана за еднопартиското владеење. Оттука, актуелните протести за слобода и демократска одговорност во Хонгконг ја покажуваат поделбата не само помеѓу две нормативни рамки туку и меѓу двата система на политичка моќ.
Некое време се чинеше дека Кина најде формула за премостување на оваа поделеност. Принципот „една земја, два система“ требаше да овозможи уредна реинтеграција на Хонгконг и, евентуално, на Тајван. Доколку оваа формула не успее сега во Хонгконг, ќе има непосредна ескалација на воените тензии во Тајванскиот Теснец, бидејќи ќе биде невозможно за кинеската влада да го прифати или да го игнорира постојаниот посебен статус на островот.
Сепак, формулата навистина функционираше досега. Хонгконг стана исклучително важен за кинеската економија, затоа што обезбедуваше пристап до глобалните пазари на капитал и служеше како финансиски портал за внатрешни странски директни инвестиции. И врската со Тајван во најголем дел остана релативно тивка.
Аранжманот со Хонгконг функционираше затоа што владата во Пекинг покажа огромно внимание за полуавтономниот статус на градот. Но, како што Кина стана посилна, нејзината перцепција за себе како нова глобална суперсила создаде промена во однесувањето. Кинеските власти вршат сè поголем притисок врз Хонгконг, посочувајќи дека сакаат да се движат во насока на „една земја, еден систем“.

Предложениот закон (кој во меѓувреме беше суспендиран) за екстрадиција во Кина на лица уапсени во Хонгконг се сметаше за закана за демократијата и за владеењето на правото во поранешната британска колонија. Властите во Пекинг добро знаат дека овој обид да се ослабне автономијата на Хонгконг, а не наводните тајни операции на странските разузнавачки служби, е вистинската причина зошто милиони луѓе излегоа на протести низ улиците во градот.
Имајќи ги предвид сегашните структури на моќ во Кина (и во Русија), масовните протести летово во Хонгконг (и во Москва) немаат многу шанси за долгорочен успех. Сепак, тие се значајни, затоа што претставуваат искра надеж за демократскиот замор што се рашири низ Западот.
Пошироко, поделбата на светот на два система веднаш ги враќа спомените од Студената војна. Но во тој конфликт, главното прашање беше воената сила – оттука и фокусот на трката за нуклеарно оружје. Кога станува збор за животниот стандард, Советскиот блок никогаш немаше шанси (како што беше очигледно во т.н. кујнска дебата помеѓу тогашниот потпретседател на САД Ричард Никсон и советскиот лидер, Никита Хрушчов, во 1959 година).

Сепак, ривалството со Кина се однесува на прашањето кој систем нуди повеќе во однос на технолошкиот и материјалниот напредок. Подемот на Кина од сиромашна земја во развој до економска моќ е едно од најголемите достигнувања на модерната ера. Милиони луѓе се извлечени од состојба на сиромаштија и се влезени во една поголема средна класа, ориентирана кон потрошувачката, а милиони други наскоро би можеле да им се придружат.
Во исто време, иако Кина ја гради својата војска, таа не покажа сила над нејзиното непосредно соседство, за разлика од Советскиот Сојуз. Кога Кина ги следи своите стратегиски интереси во Африка и Источна Европа, тоа го прави преку економски и финансиски средства. Таа ѝ го должи своето растечко глобално влијание не на војската, туку на економијата и на нејзиниот растечки капацитет за брза технолошка иновација. За Западот, тогаш, „кинескиот предизвик“ е да покаже дека неговиот модел на демократија сè уште е подобар за поголемиот дел од човештвото наместо авторитаризмот во источен стил.

Во овој поголем натпревар, американскиот претседател Доналд Трамп е нешто како кинески тројански коњ. Иако води агресивна трговска и технолошка политика против Кина, тој исто така прави сѐ што може за да го поткопа кредибилитетот на западниот модел. Во историска смисла, неговите напади врз демократијата ќе се покажат многу поопасни од неговите царини. Уште полошо, Европа со своите очигледни економски слабости и геополитичка наивност, исто така, не успева да застане во одбрана на западниот модел.
Во оваа фаза, подемот на Кина не може да се спречи. Земјата е едноставно премногу голема и премногу силна за да биде бојкотирана или ограничена. Во секој случај, желбата на кинескиот народ да учествува во глобалниот просперитет е целосно легитимна. Западот има мал избор освен да одржува добри односи со новата суперсила и истовремено да ги брани своите вредности. Подемот на Кина и на кинескиот систем неизбежно ќе создаде поголема конкуренција и овие нови ривалитети мора да бидат решени мирно по секоја цена. Светот со осум милијарди луѓе не може да си дозволи глобален конфликт.
Дали моделот на авторитарна модернизација на Кина може да успее на долг рок е прашање е за идните кинески генерации. Оние што немаат спомени од минатите ужаси, како што е Културната револуција, може да го сметаат кинескиот модел за природен. Но модерната доба беше изградено врз темелите на слободата. Како што видовме летово во Хонгконг и во Москва, таа лекција нема да се заборави во скоро време.

Авторот е бивш вицеканцелар и шеф на дипломатијата на Германија