Да се привлече вниманието на јавноста за значењето на книгата за деца

462

За да се популаризираат книгата и читањето од најмала возраст е потребна примена на нови форми и методи што се прифатливи за нивната возраст, причинувајќи им задоволство и воодушевување, и тоа преку игра и забава и користење соодветен дидактички материјал, апелираа организаторите на кампањата по повод Светскиот ден на литературата за деца

Во чест на роденденот на најголемиот писател за деца на сите времиња, Ханс Кристијан Андерсон (роден на 2 април 1805), и годинава во светот се прослави Светскиот ден на литературата за деца, за да се промовираат книгата за деца и читањето. Од 1967 година, на овој ден се потсетуваме на големата потреба да се привлече вниманието на јавноста за значењето на книгата за деца. Кај нас, Светскиот ден на книгите за деца и на Меѓународниот ден на Ромите ќе го одбележат „Сумнал“, здружение за развој на Ромите, и коалицијата на ромски невладини организации „Кетане“. Здружението и министерот без ресор Аксел Ахмедовски ја промовираа кампањата „Прочитај ми сказна за да го разберам светот“, за да се популаризира читањето книги кај ромските деца од најмала возраст. – Читањето е забавно.

Тоа е клучна вештина што ни помага да учиме и да го живееме животот – и затоа започнувањето со читање е возбудлива и важна фаза од развојот на децата. Да им овозможиме на децата редовни дружби со книгата од мали нозе, да им го збогатиме детскиот вокабулар со нови зборови, да ја поттикнеме љубопитноста од најмала возраст, да им ја развиеме способноста за памтење и креативност. Децата се како сунѓери, да им овозможиме нови знаења во забавна и опуштена атмосфера – вели Фатма Бајрам Аземовска, претседателка на здружението „Сумнал“. Кампањата опфати средба со писатели, читање книги од познати личности, едукативни работилници за деца и за родители. Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, фондацијата „Чекор по чекор“ и „Сумнал“ го одбележаа 2 април во присуство на ученици од основните училишта од Битола „Стив Наумов“ и „Гоце Делчев“, децата од градинката „Естраја Овадија Мара“ – Битола.

– Следењето на модерните текови е резултат на нашите настојувања, библиотеките да работат во пресрет на потребите на заедницата, особено на најмладите учесници како наши идни корисници. За да се популаризираат книгата и читањето од најмала возраст е потребна примена на нови форми и методи што се прифатливи за нивната возраст, причинувајќи им задоволство и воодушевување, и тоа преку игра и забава и користење соодветен дидактички материјал. Соработката со субјектите што се и најчести консументи на информациите и услугите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола е особено важна, со оглед дека тие дејствуваат во заедницата и имаат важна општествена улога. Соработката со здруженијата на граѓани, основни училишта и родители резултира со нови иновативни идеи и организирање специјални настани, кои во јавноста предизвикуваат особен интерес – велат организаторите.

Проектот на УСАИД, „Со читање до лидерство“, во рамките на компонентата „Вклучување на семејството и заедницата“, која има за цел да го издигне интересот кон читањето и математиката кај најмладите ученици и да ја вклучи целата заедница во овие активности со децата, имаше посета со „Библиотеката на тркала“ – специјално пренаменето возило, опремено со книги и дидактички материјали за читање и математика, со кое се посетуваат училиштата од сите региони во државата. 


Црвенковска: Имаме долг период штама во литературата за деца

Билјана С. Црвенковска, која е целосно посветена на книжевноста за деца, авторка е на повеќе сликовници и на два романа за деца: „Што сонуваше Дедо Мраз“ и „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“. За проектите „Бајки од Македонија“ (2016) и „Басни од Македонија“ (2017) таа ја направи јазичната адаптација на оригиналните запишани од Марко Цепенков. По повод Светскиот ден на литературата за деца, Црвенковска во интервју за МИА зборуваше за македонската литература за деца, која е, вели, заспана, но полека се буди. – Ги имаме старите убави книги што сите сме ги читале како деца. Прекрасни приказни, но облечени во ретро-облеки од 1970-тите. Плачат за тоа да се преоблечат во нови модерни облеки и повторно да блеснат, па да ги освојат срцата и на овие, денешниве, мошне покритички настроени деца. Имаме еден долг период на тешка штама и празнина во литературата за деца. И имаме нови проблесоци, раѓање на млади автори и илустратори и огромна потреба да има што е можно повеќе и сериозно да се зафатат со работа – вели Црвенковска.


„Вермилион“ донира од своите изданија за деца

По повод 2 април, „Вермилион“ и оваа година донира од своите изданија за деца и млади за да ги приближи книгите до оние на кои им се најпотребни. Во текот на неколку месеци, повеќе од 1.200 книги од 15 наслови на „Вермилион“ ќе бидат донирани во 39 рурални училишни библиотеки низ Македонија. Донацијата се реализира во соработка со фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и здружението „Конект“. Меѓу донираните книги се и нови предлози за изборни лектири: „Петар Пан во црвено“ од Џералдин Макоркран, „Розата и вепарот“ од Ане Провоуст, „Легендата за Марфи Компирката“ од Овен Колфер, „Златното јаболко и други приказни“ од Христо Петрески и „Тори и принцот змија“ од К.В. Јохансен. За овие книги „Вермилион“ веќе подготвува и дополнителни наставни материјали што ќе им бидат бесплатно достапни на наставниците за секојдневна употреба во часовите по литература. Училишните библиотеки во селата Булачани, Драгобраште, Подгорци, Подмочани, Долнени, како и во Демир Хисар и Валандово, се само дел од библиотеките што беа збогатени со литература за деца на возраст од 9 до 14 години. Акцијата за дистрибуција на книги продолжува и во текот на април и мај.