Да не се заборави… Човекот

1412

Сеќавање: прим. д-р Љубинко (Љупчо) Трпеноски
(1952 – 2017)

На 1 јули оваа година се навршува една година откако со нас не е истакнатиот лекар, специјалист-нефролог, основоположник на македонската дијализа и пионер во ширењето на свеста за трансплантација на органи (посебно бубрези), основоположник на здружението НЕФРОН, прим. д-р Љубинко Трпеноски-Љупчо. Сите што го познаваа, а особено неговите пациенти, знаеја дека тој е исклучителен и врвен професионалец во својата област, но и дека е вистински човек, еден од оние примероци на хомо сапиенс, кои откако ќе ги запознаете, во Вашата глава трајно го поставуваат прашањето дали можеби успесите во професијата имаат корен најпрвин во една етички цврста и изградена личност?

Со други зборови – може ли да се биде голем лекар, голем математичар, голем уметник, голем чевлар, голем научник, голем златар, голем метлар ако најпрвин во себе немаш широка човечка душа, етика, морал, кој се искажува во една единствена реченица: „Го сакам она што го работам и би умрел без таа љубов“. Варијантите на таа морална база, која гарантира успех во секоја професија, се: „Биди строг кон себе, а попустлив кон другите“; „Не возгордејувај се никогаш со своето знаење, зашто само незнаењето се гордее со себе“, „Сè за другите и ништо за мене, ако сакам да бидам вистински богат“ и слично. Сите овие максими си ги повторувавме со Докторот во последниве години на целосна ерозија на сите професии, години во кои навистина се зближивме како луѓе што се стремат кон професионалност, без разлика што професиите им се разликуваат како Северен и Јужен Пол.

Како што стојат работите, д-р Трпеновски најмногу им недостига на пациентите; но кога човек разговара со нив за тоа зошто толку им недостига, тие еднакво значење придаваат и на неговото стручно знаење, но и на неговата – „дијагностичка насмевка“. Многумина од нив, дури, тврдат дека д-р Љупчо со еднаков успех можел да биде и – врвен психијатар. „Уште од врата знаеше кому му е добро, а кому не, и кому точно која реченица му треба и со каква интонација“, изјави во една пригода една негова пациентка. Многу добро знам за што говорат пациентите – говорат за во основа агонистичката етика, етиката на борбеноста, која Докторот (како што сите го викаа) се обидуваше да им ја всади на своите пациенти. За него немаше изгубена битка. Такви луѓе денес недостигаат во Македонија, во сите области. Затоа и сме на ова дереџе на кое сме.

Ред е, на денешниов ден, да се потсетиме на овој голем човек и голем лекар; да се потсетиме дека големите луѓе тивко заминуваат, особено во вакви времиња кога најгласни се оние што ниту знаат наука, ниту знаат како се бидува човек. И, со жал да констатираме дека нашава средина, позната по својата суровост кон талентираните и работливите, кои ги доживува како „туѓо тело“ што му пречи на медиокритетството и треба да се исфрли, таа наша средина што ќе ти прости и кражба и убиство, ама талент – не, и врз овој пример го почна процесот на БРИШЕЊЕ на спомените на големите луѓе како Докторот. Имаше неколку стручни собири на кои никој не го спомена неговото име. Овие редови се само обид да се надгласи тишината на заборавот што ја создаваат медиокритетите, за да си ги задржат своите безбедни позиции на бедни корисници на општествената синекура. Ако некому болката по загубата на овој човек му е помала по овие редови, тогаш сите овие зборови не биле попусти, како и животот на тој човек, нашиот Доктор.

(Венко Андоновски, писател и професор)