Да ги зачуваме мочуриштата и биволите!

155
Илустрација: Кристијан Јованоски

Децата направија прошетка низ селскиот двор, ги видоа и другите животни. Иако прекрасно си поминаа на село, Вики и Влатче ги мачеше мислата како да помогнат и како да ја издигнат свеста за зачувување на мочуриштата, кои исто како и ливадите, како шумите, реките, езерата, се животна средина. Ако се спасат мочуриштата, биволите нема да бидат вид во изумирање…

Филип Димкоски

Беше сабота. Февруари се ближеше кон средината, но времето беше топло… Зимата омекна. Родителите на Влатче ова утро го пиеја кафето заедно со родителите на Вики.
– Убаво е човек во вакви денови да отиде на излет да прошета некаде – рече чичко Томислав, таткото на Вики.
– Да, навистина е така. Треба да се поужива во природа и на чист воздух – додаде мајка му на Влатче, тетка Славица.
– Еве имаме едни пријатели во селото Дебреште. Секогаш нѐ канат, а ние никако да отидеме. Децава наши село немаат видено. Толкави пораснаа, а не ќе знаат маска од магаре да разликуваат што се вели – продолжи тетка Горде, мајката на Вики.

А, пак, татко му на Влатче, чичко Кире, рече:
– Moре луѓе, нема тука некоја филозофија. Се договараме и одиме. Еве, ако сакате ќе се јавам кај пријателиве во Дебреште, па ако се слободни утре да им отидеме. Што велите, а?
Откако се осигури во тоа и откако ги слушна срдечната покана и радоста од другата страна на телефонот, веќе падна договорот следниот ден да одат во Дебреште.
Рано наутро, со два автомобила родителите на Вики и на Влатче, заедно со нив и со братот на Вики тргнаа да поминат еден убав ден на село.
Откако стигнаа во селото Дебреште во близината на Прилеп, и откако се поздравија со домаќините, детето домаќин и децата гости брзо се спријателија и почнаа да си играат заедно.

За децата од градот вистинска атракција се домашните животни, а особено за Вики и за Влатче, кои се големи љубители на природата и на сѐ што е живо.
– Сега ќе ве однесам во задниот двор, таму се наоѓаат шталите, кокошарникот, плевната… Таму ќе ги видите нашите животни – рече Исмаил, детето домаќин.
– Одете Исмаил, ама внимавајте во шталата кај биволите – рече чичко Риза, татко му на Исмаил.
– Биволиии? Што е тоа? – викна гласно Вики.

– И јас не знам кои се и какви се тие животни? – дополни Влатче.
– Сега ќе ве однесам да ги видите и ќе ви раскажам за нив. Но внимавајте и стојте настрана оти тие сега не ве познаваат и можат да се разлутат – рече Исмаил и ги одведе другарчињата кон шталата со биволи.
Биволите се животни што исто како и кравите даваат млеко. Но можат да влечат и со нивна помош да се обработува земјата, да се ора.
– А какво им е млекото? – праша Влатче.
– Многу вкусно, можеби дури и поубаво од кравјото – рече Исмаил, а се јаде и нивното месо.

– А зошто, како што велиш, ги има толку малку и толку ретко?
– Ех… Дедо ми Шаип порано имал многу повеќе биволи, а ние сега имаме само еден бивол, една биволица и едно биволче. Затоа што сега се ора со трактори, а не со ѕевгар биволи и бидејќи за млеко се одгледуваат овци, кози и крави бројот на биволи е мал. Причина е и тоа што луѓето за да направат поголеми обработливи површини ги исушија мочуриштата.
А биволите не можат да живеат без да се валкаат во калливата вода во мочуриштата. Тие така си помагаат во дишењето и се разладуваат особено во лето кога температурите се високи.
– Ох… па штом згаснуваат мочуриштата, гасне и животот за многу животни и растенија – рече натажено Вики.
– Тоа значи и помалку жаби, помалку чапји, инсекти, разни трски… – навистина тажно рече Влатче.
– Ох… па што да направиме? Како да помогнеме? – загрижено прашуваа Вики и Влатче…
Направија прошетка низ селскиот двор, ги видоа и другите животни, потоа влегоа дома, ручаа сите заедно… Иако прекрасно си поминаа на село, Вики и Влатче ги мачеше мислата како да помогнат и како да ја издигнат свеста за зачувување на мочуриштата, кои исто како и ливадите, како шумите, реките, езерата, се животна средина. Ако се спасат мочуриштата, биволите нема да бидат вид во изумирање…
Цела неделна вечер откако стигнаа дома, во Скопје, Вики и Влатче на картони пишуваа пароли… „И мочуриштето е животна средина“, „Спас за мочуриштата“, „Нема биволи – нема моцарела“, „Нема мочуришта – нема биволи…“, „Да ги зачуваме мочуриштата!“

Имаат идеја тие пароли да ги распространат на училиште, да постават фотографии на Фејсбук, да го споделат своето знаење во училишниот весник и така да поттикнат промени за оваа многу важна работа за екологијата, за природата, за сите нас.


Што е мочуриште?

Земјиште што е покриено со неистечна, застоена вода.

Што е бивол?

Вид азиско говедо со темна кожа и со силни рогови. Се користат месото и млекото како храна, а во минатото биволите се користеле за пренесување товар и за орање. Од нивното млеко се прави специфичниот вид сирење – моцарела.


Еколошки календар

Втори февруари – Меѓународен ден за заштита на мочуришните подрачја. Овој ден се одбележува од 1997 година. На овој ден државните институции, невладините организации и граѓански здруженија организираат различни активности за да се издигне нивото на свест за значењето на мочуриштата. Активностите се од различен вид како предавања, семинари, излети, натпревари за деца, акции за чистење, радио и ТВ-настапи…