Датум без датум

1746

И не само Владата туку многумина во Македонија очекуваа дека решавањето на билатералните спорови, договорот за добрососедство со Бугарија и договорот со Грција, ќе биде препознаено и поддржано со покана од НАТО и датум за преговори од ЕУ

Во периодот на големи очекувања за интеграциите на Македонија во НАТО и во ЕУ, по склучувањето на договорот со Грција, на прагот сме да не го добиеме тоа што го очекувавме. Прво дојде изјавата на Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, која парафразирана е дека НАТО во јули ќе донесе одлука за започнување со пристапувањето на Македонија, но дека Македонија ќе добие покана само откако договорот ќе биде одобрен на референдумот. Изградената перцепција беше дека покана од НАТО ќе добиеме на самитот во јули оваа година, а дека членството во НАТО, Грција ќе го ратификува по одржаниот референдум. Таквата перцепција е многу поинаква од кажаното од Столтенберг, што значи референдум, па потоа покана. НАТО со ова не ја прејудицира одлуката на референдумот, што е коректно, и ќе врачи покана само потоа. Тоа ќе беше во ред ако не беше претходно создаденото очекување дека Македонија ќе добие покана за НАТО во јули, а не во октомври или потоа.

Вака се создава впечаток дека НАТО не се придржува на ветеното, што создава нова несигурност околу референдумот. Изјавата на Столтенберг брзо беше потисната од текот на Советот на ЕУ, кој донесе заклучок, што го остава патот кон ЕУ отворен и нуди можност за почнување преговори кон крајот на 2019 година, под услов да постои напредок на реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација, за што ќе биде повторно разговарано во јуни 2019 година. Заклучокот е типичен за ЕУ и е резултат на компромисот на земјите што се против проширувањето (Франција, Холандија и Данска) и тие кои се за, пред се Германија. Заклучоците се формулирани така што дозволуваат Владата на Македонија (и на Албанија), како и комесарот Хан, да говорат дека е добиен датум, а Холандија да говори дека не е доделен датум и за тоа ќе се одлучува во јуни 2019 година. Домашната јавност се подели прво дали е добиен датум, а потоа дали е ова напредок. Самиот факт дека јавноста се подели дали е добиен датум говори дека не е добиен датум за почеток на преговорите за пристапување, бидејќи ако беше доделен датум, тоа ќе беше самоевидентно и ќе немаше дилеми за тоа. Дали е тоа напредок? По десетина години препораки за почнување преговори, без одредување датум, освен подобрена формулација, се чини нема суштински напредок. Независноста на правосудството и департизација на јавната администрација, како и контрола на безбедносните служби, не се ниту изненадување, ниту се нови услови, тие како такви постојат подолг период.

Заклучоците на Советот на ЕУ не се напредок и поради тоа што Владата на Македонија создаде впечаток, исто како за НАТО, дека по договорот со Грција, Македонија ќе добие датум за почнување на преговорите. Тие очекувања беа одржувани дури и по објавувањето на нонпејперот дека Франција и, најмалку, Холандија ќе се спротивстават на одредувањето датум. Владата создаде големи очекувања, кои се покажа дека се нереални. И не само Владата туку многумина во Македонија очекуваа дека решавањето на билатералните спорови, договорот за добрососедство со Бугарија и договорот со Грција, ќе биде препознаено и поддржано со покана од НАТО и датум за преговори од ЕУ. Големите очекувања може да водат во големи разочарувања. Неколку поуки. Расчекорот меѓу Европската комисија (ЕК) и земјите-членки во однос на проширувањето е сѐ појасен и поголем. „Кристално чистата препорака“ од ЕК не е доволно чиста за Советот на ЕУ. Дали е погрешна анализата на ЕК или, пак, тоа се должи на фактот дека повеќе од половина граѓани на ЕУ, а во Франција и Германија повеќе од две третини, се против проширувањето на ЕУ, битно влијае на тоа како ќе постапуваме ние како земја. Ако продолжи популистичкиот тренд против проширувањето, дали и по постигнат напредок ќе добиеме датум?

Во времето кога ЕУ го фалеше Зоран Заев за лидерството во решавање на билатералните спорови, Франција се одлучи сепак дека ѝ се поважни изборите во ЕУ во 2019 година. Ваквиот заклучок може да е отрезнувачки. Во 2012 година во „Од нас зависи“ напишав „многу поважно за нас, неисполнувањето на стандардите е погубно за самата држава. Колку и да сме бесни на тоа, построгите критериуми се подобри за нашата успешност.“ НАТО и ЕУ не можат да ни направат држава, тие можат да помогнат, но успешна државност може да направиме само ние самите – од нас зависи. Промената доаѓа одвнатре, самите мора да „полетаме“, за да можеме да „летаме во јато“. Затоа се клучни свртување кон внатре и суштинска посветеност кон реформите. Од друга страна, датумот без датум може да влијае на спроведувањето на договорот со Грција. Колку и да спинуваат Владата и комесарот Хан, заклучокот на Советот на ЕУ, датумот без датум, не е тоа што се очекуваше во Македонија. Кампањата „за“ на референдумот за договорот со Грција е базирана на перспективите за НАТО и ЕУ-членство, од кои последниве се неизвесни. Дали ЕУ, со датумот без датум, го поткопува договорот со Грција, ќе се види во периодот на кампањата за референдум.

(Авторот е аналитичар)
Блог www.megjutoa.mк @sklek #СпоротЗаИмето #ЕУ