Дали среќата или тагата креира подобра уметност?

322
Ван Гог „Спална соба во Арле“, 1888 година

Неколкумина домашни уметници ги споделуваат своето мислење и искуство дали навистина чувството на задоволство ја убива потребата на еден уметник да создава добра уметност или, пак, станува збор за лажна тревога кај креативците

Што лежи во коренот на креативниот порив кај уметниците и писателите? Кој е рецептот за создавање едно врвно дело што има моќ да допре длабоко до секој што го восприeма? Дали тајната е внимателно планирање и градење на идејата, или, пак, комплетно ослободување на потсвеста? Дали и во денешно време приоритет им се дава на чувствата?

Кога станува збор за емоциите како темел на инспирацијата за креирање едно дело, забележани се голем број моќни уметнички дела што биле создадени токму во период кога авторот се наоѓал во некаква емотивна криза и најчесто тагата, бесот, незадоволството биле најсилен извор на инспирација. Хартли Колериџ, во својот есеј „Темни рефлексии врз меланхолија“ (1823), објаснува дека меланхолијата е порафинирана состојба на умот отколку среќата.

– Меланхолија може да недостига во недеградирана душа – таа не може да постои кај едно обично животно. Меланхолијата е подостоинствена од среќата. Се сомневам дека ова е чувството што го имаат повеќето луѓе – дека радоста е, во корен, еден вид идиотско задоволство, идиом на лоботомијата, балон што чека да биде пукнат. Тагата е некако повозрасна, бидејќи помали се илузиите. Таа е поискрена, поавтентична – вели Колериџ.

Меланхолијата е токму она што ги инспирира Вирџинија Вулф, Ван Гог, Милтон, Хогарт, Свифт… Тагата и незадоволството во суштина се она што буди длабока потреба кај една личност да пронајде начин да ги извади од себе. Уметниците и писателите го нашле својот начин и тоа се гледа преку нивните дела, слики, скулптури, романи, поеми, музика, филмови… Постојат и такви што ја пребродиле тагата, ја пронашле својата среќа и неретко забележуваат дека се соочуваат со недостиг од инспирација. Дали среќата нема доволно моќ да побуди потреба за изразување? Дали навистина чувството на задоволство ја убива потребата на еден уметник да создава добра уметност или, пак, станува збор за лажна тревога кај креативците?

Неколку наши уметници ги споделуваат своето мислење и искуство.
Според писателот Петар Андоновски, автор на романите „Страв од варвари“ и „Телото во кое треба да се живее“, среќата, сама по себе, е здодевна.

– Нема ништо креативно во неа. По толку многу прочитани книги, не можам да се сетам на ниту една книга што била за човековата среќа, а да била добра. За разлика од среќата, тагата дури и тогаш кога ви се чини дека не гледате никаков излез, ви отвора нови хоризонти. Најубавите идеи за некои од моите романи настанале кога сум бил во емотивен хаос. Кога сѐ во мене се распаѓало, паралелно се граделе нови светови. Но за да можам да го напишам сето тоа, ми било потребно да бидам на половина пат помеѓу среќата и тагата. Никогаш едното чувство да преовладува повеќе од другото, затоа што така многу лесно може да западнете во патетика, а тоа за книжевноста не е добро – вели Андоновски.

Режисерката и драмска авторка Теа Беговска, пак, вели дека на креативноста на еден уметник влијаат и тагата и среќата.

– Во случајов тагата е поголема инспирација од среќата, односно тагата е среќа за уметникот, колку и да звучи апсурдно. За нас, уметниците, убавината во тагата е што наоѓаме начин да уживаме во неа, да ја пуштиме да нѐ повреди, да нѐ расплаче и да нѐ доведе до ново сознание, ново дело! Во моментите на тага уметникот треба да тренира, да научи да се погледне од дистанца и да сфати и види што може да каже со конкретната ситуација, какво дело може да создаде. Често знам да се провоцирам самата себеси за да ми се случи нешто само за да видам до каде може да оди човечкиот ум во мигови на тага. И кога таа ќе се искористи креативно, тоа за мене е исцелување преку делото во кое ќе ја прикажеме. Затоа често знам да кажам: „Проблемите не се тука за да се решат, туку да се уживаат!“ – смета Беговска.
Во однос на истото прашање, музичарот и лидер на „Д три оф ас“, Давид Димовски, пак, вели дека во состојба на страдање, инспирацијата си доаѓа сама.

– Базирајќи го својот одговор исклучиво врз моите лични искуства, би сакал да истакнам и предупредам дека мојот став за одредена проблематика навидум се темели врз сосема двострана природа. Одамна бев свесен околу фактот дека генерално сум креативна личност и отсекогаш самиот себеси си го објаснував космосот преку своите творештва. Кога почнав да се спознавам себеси и да го истражувам мојот креативен извор, цврсто бев убеден дека единствено кога страдам умеам најискрено да се поврзам со мојата инспирација и достојно да ја отелотворам. Кога си во состојба на страдање, било тоа духовно или интелектуално, инспирацијата навидум си доаѓа сама. Тоа се случува бидејќи сетилото, радарот со кој ја ловиме, се изострува. Сметам дека тоа е еден природен начин на свеста да си помогне самата себеси. Исто како што кога човек е гладен умее да намириса храна на огромни дистанци.
Наспроти овој факт, подоцна станав свесен и за уште еден, еднакво важен заклучок, кој потекнува од сосема другата страна од спектарот на вистини и откритија што ги имам собрано со текот на годините. Тоа е дека кога сум одморен, релаксиран и опкружен со смирена и позитивна енергија, најчесто станувам исто толку креативен. Веројатно конструктивната енергија еднакво знае да произлезе од спокојни и среќни мигови. Мигови облеани со расположение што би можел да го споредам со она што како деца најчесто го чувствуваме кога сме во состојба на игра – вели Димовски.
Имајќи ги овие две делумно спротивни сознанија околу себе и креативноста на умот, Давид заклучува дека инспиративниот извор или неговата реализација би сакал да ја ослободи од концептите како среќа или тага.

– Уметноста, кога е изведена како што треба, според мене најчесто излегува од овие рамки и, правејќи една легура од нив, нѐ носи на некоја нова, досега неоткриена емоционална и интелектуална местоположба. Токму затоа, според мене, треба да црпиме инспирација од сите периоди во животот и да ги употребуваме и празнуваме сите видови расположение, без форсирање или вештачки да пробуваме да се орасположиме или натажиме – вели Давид Димовски.

Режисерката Драгана Гунин, пак, смета дека многу поважни се позицијата од која се тргнува за да се направи нешто и идејата за да се направи тоа нешто, отколку изразувањето на моменталната тага, среќа или каква било друга емоција.
– Секако, тоа е важно, но тоа оди придружно со самата идеја, од каде ја црпиш, од кој дел од твојот внатрешен свет, од која емоција. Тоа е избор на самиот автор. Може во одредено дело повеќе работа да ми заврши мојата тага поврзана со нешто, или мојата тага поврзана со конкретната тема, дали таа тема ме возбудува, ме прави тажна или среќна и мислам дека во таа смисла е многу важна позицијата од која тргнуваш да создаваш.

Таа додава дека во нејзиниот случај, многу поважни се темата на која твори во моментот и причината поради која ја избрала.

– Дури по тоа, нормално дека сѐ што се наоѓа во мене како искуство, како емоција, сето тоа што сум го преживеала како личност во еден момент ќе ми помогне да се артикулирам. По секој побогат преживеан период во животот, имаш повеќе искуство за да твориш и за да создаваш, а тоа не мора да значи дека е тага, може да биде среќа, може да биде запознавање друга култура, па тоа да биде восхит, едноставно да имаш желба да создадеш нешто друго, па не ја изразуваш таа култура туку емоцијата што ја преживуваш преку тоа. За секој уметник е важна секоја емоција, секое искуство, сѐ што се преживува и живее. Затоа, според мене, многу е важно уметниците да живеат колку што е можно поинтензивно и поактивно, да запознаваат нови луѓе, да влегуваат во повеќе искуства, за тоа да помогне понатаму тие да ги разберат другите луѓе и средината во која творат и живеат и со тоа да ѝ се доближат на самата публика. Не би можела да одговорам дали се поклучни тажните или среќните моменти, затоа што во секоја тага има проблесоци на среќа и радост, на некоја поубава и смирувачка емоција, исто како што ги има во моментите на среќа – рече таа.

Драгана Гунин моментално работи на текст што зборува за депресија.
– Но јас го работам од позиција на целосен контраст. Мене лично како режисерка ми требаше да зборувам од позиција на контраст, односно некој што моментално се наоѓа во целосно спротивна состојба, за да можам подобро да ја преведам темата, од причина што сметам дека ако сум со истата емоција, ќе ми биде потешко затоа што ќе немам доволно дистанца од тоа што го работам – укажа Гунин.
Драмската авторка Лидија Митоска-Ѓорѓиевска верува дека креативноста може да опстои во секое време и околности, но дека уметноста речиси секогаш е во криза и ретко се раѓаат големи уметнички дела.

– Сведоци сме дека дури и кај нас, дури и денес, проблеснува понекое врвно уметничко дело, но јас не би рекла дека тоа е поради тоа, туку баш наспроти ова наше време на безидејност. Кога образовниот систем е девастиран, шундот е мејнстрим, а системот на вредности превртен наопаку, уметноста губи важност. Во такви услови, никако не може да се очекува некој значителен напредок во уметноста. Јас имам впечаток дека моќните уметнички дела овде и сега се инцидентни, а за нив е заслужен единствено уметникот што ги создава. Не знам дали среќата или тагата посилно влијаат врз креативноста, но уверена сум дека напуштањето на зоната на комфорот има позитивен ефект врз нејзиното развивањето – заклучува таа.
Јана Јакимовска, сликарка и професорка на ликовната академија „Гоце Делчев“ во Штип, истакнува дека за создавање едно уметничко дело се потребни чувствата, но исто така и образование, дисциплина и свесност.

– Кога сме млади и кога ја осознаваме и засакуваме уметноста, ни се чини дека уметност е секоја форма што е поттикната или ги буди емоциите со кои можеме да се идентификуваме во тој миг – а кога сме млади најчесто сме тажни, бунтовни, неразбрани, несреќно вљубени и се чувствуваме дека никаде не припаѓаме. Како што растеме, сфаќаме дека од секоја емоција може да се изроди приказна што може да се вкалапи во уметнички израз. Колку што може тагата да биде поттик за создавање, толку може и среќата. Но она што е најважно е дека создавањето нешта што еден ден некој ќе ги нарече уметност, не зависи исклучиво од бурата на нашите чувства, ниту од преценетиот термин инспирација, туку тоа е плод на сето насобрано знаење стекнато низ образование и работа, како и на дисциплина и свесност што и како се создава во одреден момент. Секако, уметност не се раѓа без чувства, но ако од чувствата немаме здрава дистанца и не знаеме како да ги канализираме, тогаш само се смееме, плачеме, врескаме, љубиме или досаѓаме без некаква конкретна уметничка форма. Она што се создава мора да ги надмине нашите основни пориви и чувства, дури и кога создаваме во времето за времето, токму поради тоа што ниту едно чувство не е едноставно – уметноста уште помалку – посочува Јакимовска.

[email protected]