Дали светот ќе остане без риби?

568

На риболовците треба да им биде доверена одговорноста над рибите што ги ловат. На крајот, тие имаат и најголем интерес популацијата на рибите да се поправи, а ова може да се изведе и со индивидуална размена на делови на квотите за улов помеѓу државите

Помина многу време откога повеќето од жителите на планетата Земја биле риболовци-собирачи, со една значајна разлика. Рибата е последното диво животно што го ловиме во големи количества, но можеби ќе бидеме и последната генерација што ќе го работи тоа. Цели видови водни животни нема ни да бидат видени во антропоценот (сложенка од антроп, што значи човек, човечки, и цен, што значи период, уште неформален хронолошки поим, кој сѐ повеќе научници го користат за ерата во која човечкото влијание станало пресудно за целосниот живот на Земјата) ако не ја запреме нашата незадржлива лакомост кон рибите. Во 2012 година, глобалната потрошувачка на рибите достигна рекордно ниво од 17 кг по човек годишно, иако светските „резерви“ на риби продолжија да се намалуваат. Во просек луѓето јадат четири пати повеќе риба отколку во 1950 година.
Околу 85 отсто од светските резерви се премногу експлоатирани, осиромашени, целосно исцрпени или се во процес на закрепнување токму од експлоатацијата. Во почетокот на 2013 година е направен извештај што укажува дека во Северно Море, помеѓу Велика Британија и Скандинавија, има помалку од 100 единки бакалар постари од 13 години.

Големите површини морско дно во Медитеранот и Северно Море сега личат на пустини, морињата се исчистени од рибите со користење исклучително ефикасни методи – мрежи за собирање од дното. А сега, овие исклучително субвенционирани индустриски флотили, исто така, ги чистат и тропските океани. Четвртина од уловот на бродовите на Европска Унија (ЕУ) се фаќа надвор од европските води, а поголемиот дел од таа четвртина во некогаш со риба богатите северноафрикански мориња, каде што секој рибарски брод може да собере стотици илјади килограми риби дневно. Сите западноафрикански подрачја за лов на риби денес се премногу експлоатирани, а крајбрежните подрачја за лов на риби се осиромашени за 50 отсто во последните 30 години, според податоците на Организацијата за храна и земјоделството во Обединетите нации (ОН).

Се очекува риболовот во тропските подрачја да се намали уште за 40 отсто до 2050 година, а истовремено, околу 400 милиони жители во Африка и Југоисточна Азија да зависат од уловот на рибата (претежно низ традиционалниот риболов), за обезбедување протеини и минерали во исхраната. Со процена дека климатските промени ќе влијаат на земјоделското производство, луѓето повеќе од кога било ќе се потпираат токму на рибата за исхрана.

ЗАШТИТА ОД ИСЦРПУВАЊЕ НА ЛОВИШТЕТО
Нема сомнение, индустриските држави нема да се вратат на традиционалниот начин на риболов. Меѓутоа, катастрофалното управување со индустријата мора да биде реформирано доколку се сака да се вратат подрачјата за риболов на одржливо ниво. Само во ЕУ закрепнувањето на подрачјата за риболов би резултирало со поголем улов од проценетите 3,5 милиони тони, вреден околу 3,15 милијарди евра годишно. Подобро отколку да се има систем во кој членките на ЕУ се борат за најголемите дозволени квоти на риболов, квоти што, пак, веќе се поставени на многу поголемо ниво отколку што е одржливо.

Експерти од подрачјата за риболов предлагаат одделни влади да одредат квоти засновани на ниво на популацијата на рибите во своите околни води. На риболовците треба да им биде доверена одговорноста над рибите што ги ловат. На крајот тие имаат и најголем интерес популацијата на рибите да се поправи, а ова може да се изведе и со индивидуална размена на делови на квотите за улов помеѓу државите.
Истражувањата покажуваат дека управувањето со подрачјата за риболов на овој начин значи дека двапати им се поголеми шансите за избегнување колапс на популацијата на рибите во однос на подрачјата во кои е целосно слободен риболовот.
Во тешко сиромашните зони, единствен начин популацијата на рибите да се врати на одржливо ниво е создавање заштитени зони во кои секој риболов е забранет. Во другите подрачја, почитувањето на дозволените квоти мора да биде правилно надгледувано. Рибарските бродови и чамци треба да имаат лиценци и направи за сопствено следење на движењето, за да се осигури дека нема да скршнуваат во забранетите подрачја.

АЛТЕРНАТИВИ
Друга можност е да се тргне по вообичаениот пат по кој човештвото го решава прашањето со недостиг од храна и да се помине од риболов (собирање) на одгледување. Веќе сега повеќе од половината од рибите што се користат во исхраната потекнуваат од фармите. Во Кина таа бројка изнесува дури 80 отсто. Но ваквиот метод на индустриско ниво носи и свои проблеми. Рибниците се полнат со дива риба што мора да се храни. Поголемите риби, како што се лососот и туната, ќе ги изедат помалите рибни видови, како што се сарделата и харингата, во количества 20 пати поголеми од својата тежина.

ОПАСЕН ПРЕДАТОР
Човештвото не го ограничува своето дејство на видовите риби што најчесто се користат за исхрана. Егзотичните морски суштества, како што се мантите и водените цицачи, исто така, се ловат до истребување. Популацијата на ајкулите, на пример, на светско ниво паднала за 80 отсто, а дури една третина од видот на ајкулите е во опасност да исчезне. Најголем воден предатор одамна веќе не е ајкулата, тоа се луѓето. Намалувањето на популацијата на ајкулите има големо влијание на водените еко-системи. Тоа може да доведе до зголемување на популацијата на рибите при крајот на синџирот на исхраната, што повторно може да предизвика колапс на популацијата на многу малите морски видови, како што се планктоните. Без тие најмали суштества, целиот систем е во опасност. Една од последиците на ова е и зголемување на бројот на медузи, но претераното искористување на рибите, загадувањето, климатските промени и ацидификацијата, исто така, влијаат на водните еко-системи.

НАДЕЖ
Некои решенија се полесни отколку што се мисли. Морските птици можат да се заштитат со користење сајли со тегови и блескави ленти што ги одбиваат птиците. Само овие методи таму каде што се користени го намалиле бројот на смртни случаи кај морските птици за 85-99 отсто. Зајакнувањето и ширењето на заштитените морски резервати многу би сториле за зачувување на морските видови. Моментно се заштитени помалку од еден отсто од светските океани, иако меѓународната заедница се согласи овој процент да се зголеми на 10 отсто до 2020 година. Кога се соодветно надгледувани и обезбедени, резерватите го штитат морскиот свет. Малите пацифички острови се здружиле за да оформат џиновска заштитена зона со површина од 1,1 милион квадратни километри. За да не заостанува, Австралија веќе прогласи најголема заштитена зона во светот, а државите од Велика Британија до Нов Зеланд се придружиле во овие напори.

Иако корисни, морските резервати, кои најчесто се наоѓаат околу локации како што се коралните или карпестите острови, се делотворни само ако државите имаат ресурси да ги надгледуваат и штитат. Исто така, многу морски видови, од ајкули до китови, се миграторни и не остануваат во заштитените подрачја, што ги прави лесен плен за риболовците. Заштитените подрачја мора да бидат прецизно направени и не мора негативно да влијаат на опстанокот на риболовците. На пример, едно истражување откри дека формирањето на само 20 заштитени зони, кои покриваат четири отсто од светските океани, би можело да заштити 108 (84 отсто) морски видови цицачи. Реките во многу европски градови биле толку загадени и преградени со брани до средината на вториот век, што во нив имало малку риби, а многу видови биле дури и локално истребени. Но, благодарение на чистењето, реставрацијата на пештерските крајбрежја и ограничувањето на риболовот, рибите се враќаат во водотеците, дури и во градските делови. Пред само 10 години ретко кој можеше да замисли дека лососот ќе се врати во Темза. А доколку е можно да се врати рибата во „мртвите реки“, сигурно има надеж и за светските океани. 
Извор: BBC Future


Индустриски рибник

Одгледувањето риби е можно легло и за инфекции и паразити, кои, пак, убиваат голем процент риби, а често ја инфицираат и преостанатата дива популација. Фармерите се обидуваат да ја контролираат болеста со антибиотици, но обично создаваат уште поголеми проблеми, оти доаѓа до отпорност на антибиотиците.