Дали втор референдум за брегзит ќе промени нешто?

211

Повеќето Британци сметаат дека втор референдум за брегзит би го поништил резултатот од изјаснувањето од 2016 година и би ја задржал Британија во ЕУ, покажува истражување на „Југов“. Овој став е најизразен меѓу граѓаните што гласале за останување на Британија во ЕУ, но дури и тие што на референдумот во 2016 година гласале „за“ брегзит сега се поделени. Имено, 26 отсто од нив сметаат дека при нов референдум, мнозинството гласачи би се определиле за останување во ЕУ. Британија треба на 29 март 2019 година официјално да излезе од ЕУ, но сѐ уште не се знае како.

Британската премиерка Тереза Меј деновиве бара од пратениците да ја поддржат спогодбата за брегзит што ја договори со преостанатите лидери на ЕУ, но бројките засега не ветуваат позитивен исход. Меј сугерира дека ако не добие поддршка од парламентот, тогаш ќе ја подготви Британија за брегзит без договор со ЕУ, а експертите предупредуваат за големи економски шокови тешки стотици милијарди евра.